Колку е застапено информирањето за доброто владеење во медиумите
Објавено во Анализи
on 5 - 04 - 2016 Автор: Светлана Велјановска
Од аспект на доброто владеење и придонесот на медиумите кон информирани граѓани за оваа сфера, неопходно е барање на одговори на прашањата од типот: кои се причините што во земјава не е евидентирана општина која ги исполнува сите услови да биде прогласена за општина во која има „добро владеење“, дали локалните власти имаат поведено иницијатива да ги слушнат граѓаните за нивните потреби и за трошењето на парите од буџетот на општината, кој е должен да го контролира транспарентното и добро владеење и други
Пишува: Светлана Вељановска, доц. д-р по меѓународно право
Одговорност, отвореност и отчетност при градење партнерски однос со граѓаните и компаниите се суштествени работи за секоја одговорна влада при обликувањето на политиките, при креирањето на националното законодавство, стратегиите и иницијативите во сите сфери на владеењето. Ова е можно со поголема транспарентност и со отворање можност за креирање форуми за размена на ставови и на мислења.
Меѓутоа, се поставуваат неколку суштински прашања:
- Каде граѓаните имаат можност да се информираат за креирањето на политиките што нив ги интересираат?;
- Колку им се достапни информациите за можностите кои им се на располагање, односно за можностите за нивна инклузивност? и
- Како ќе знаат дали нивниот евентуален ангажман резултирал со ефекти?
Практиката на доброто владеење не е тема која може многу често да се сретне во македонскиот медиумски простор. Сепак, со Националниот акциски план за отворено владино партнерство за период 2016-2018 се отвора една ваква можност бидејќи:
„граѓаните и бизнисите имаат пристап до податоци кои ќе им помогнат да ги донесат своите одлуки и Владата да учествува и да биде ориентирана кон консензус. Кога владите се отворени и соработуваат, го подобруваат своето работење и стануваат поефикасни и одговорни во однос на потребите на граѓаните. Овој инструмент придонесува кон подобрување на опкружувањето на граѓанското општество, вклучување во креирањето политики и носење одлуки.“
Овој настан, кој го пренесоа повеќето медиуми, е ретка можност како гледачи (слушатели или читатели) да добиеме информација дека отвореното владино партнерство е можно преку Советот за соработка со граѓанското општество, кој се формира токму за таа цел и дека постојат работни групи во кои се презентираат регионалните искуства и иницијативи.
ЕФЕКТИ НАМЕСТО СПОРЕДНИ ИНФОРМАЦИИ
Сличен проект кој се реализираше на локално ниво понуди една поинаква слика од аспект на доброто владеење, транспарентноста и на отчетноста на општините. Имено, станува збор, исто така, за проект на ЕУ во кој преку 74 индикатори се проверуваше колку општините се одговорни, транспарентни, отчетни, колку локалната самоуправа, односно општинската администрација е отворена кон граѓаните, колку граѓаните партиципираат во донесувањето на локалните политики и буџетот на општина.
И за него медиумската покриеност беше вообичаена, односно известување од прес-конференцијата организирана за евалуација на проектот и ништо друго. Никакви дополнителни прашања и пројавен интерес, иако станува збор за проект кој иницира суштински проблеми на локално, но и на национално ниво.
Податоците кои беа презентирани, а се однесуваа на фактот дека станува збор за пренесување на хрватско искуство во зајакнување на граѓанското општество кое треба да биде појдовна точка за зачувување на принципите на транспарентна и одговорна локална власт, но и на активни и свесни граѓани не значи многу за медиумската публика.
Дури и фактот дека се споменува практикување на транспарентна влада без корупција не е ништо невообичаено без да се споделат поконкретни податоци при објавувањето на прилози од ваков вид.
Ако за медиумите е доволно да презентираат дека станува збор за истражување кое ќе биде финансирано од ЕУ со определена сума изразена во евра (160.000 во посочениот пример) и дека истражувањето ќе го реализираат граѓански здруженија во 48 општини во земјата, за нивните гледачи, слушатели и читатели тоа се сосема минорни податоци. За нив се многу поважни ефектите кои треба да се постигнат и тие да бидат видливи во секојдневниот живот на секој од нив.
Инаку, многу убаво звучи кога ќе се слушне дека доброто владеење ќе обезбеди одржлива средина на социјален, економски и на еколошки план на локално и на национално ниво. Но, тоа се зборови кои се пишуваат при аплицирање за средства, а медиумската публика не може да ги прифати ако не ги почувствува во сопственото живеење и секојдневие.
Многу поконкретно информирање се добива кога имаме проактивни новинари што се во тек со темата за која пишуваат, но и кои се посветени на работата што ја извршуваат.
Имено: ако во прилогот се наведе дека:
„Според истражувањето, просечниот резултат што го постигнале општините е 3,53, а нема ниту една општина која покажала резултати за да биде вброена во групата на општини со одлично владеење.“,
и дека:
„На листата на добро управувани општини има локални самоуправи кои се рурални и такви кои се урбани, така што степенот на развиеност на општината не влијае многу за доброто владеење.“,
како и дека:
„Анализата покажува дека буџетот кој општината го има на располагање во однос на бројот на жители нема голема улога во доброто управување“(Економски.мк),
сосема логично е да произлезат низа прашања на кои е потребен одговор од надлежните, а кои би ги интересирале читателите (слушателите, гледачите). Што значи обврска на новинар(к)ите да прашуваат во име на својата публика.
Се разбира, не мора сè да биде опфатено во еден прилог, меѓутоа, од тие причини, во новинарството постои и т.н. „вест во низа“, која е многу податна и за ваквите содржини кои произлегуваат од презентирани проектни резултати.
КОИ ПРАШАЊА ТРЕБА ДА ГИ ОДГОВОРАТ МЕДИУМИТЕ
Олеснувањето на пристапот до информации за ,,добро владеење“, било на локалната или на централната власт, е една од обврските на медиумите која им е зададена и со фактот дека се средства за јавно информирање на граѓаните, но и со нивните етички начела според кои имаат обврска:
„Следејќи ја својата улога во градењето на демократијата и на цивилното општество, новинарите ќе ги бранат човековите права, достоинството и слободата, ќе го почитуваат плурализмот на идеите и ставовите, ќе придонесуваат за јакнење на правната држава и во контролата на власта и на другите субјекти од јавниот живот“ (Кодекс на новинари)
Така, од аспект на доброто владеење и нивниот придонес кон информирани граѓани за оваа сфера, неопходно е барање на одговори на прашањата од типот:
- Кои се причините што во земјава не е евидентирана општина која ги исполнува сите услови да биде прогласена за општина во која има „добро владеење“?;
- Како е можно општини со помал буџет да бидат поуспешни од оние со голем буџет?;
- Дали локалните власти имаат покренато иницијатива да ги слушнат граѓаните за нивните потреби и за трошењето на парите од буџетот на општината?;
- Кој е должен да го контролира транспарентното и добро владеење?
Граѓаните ја даваат својата доверба на избори, но при тоа неопходни им се информации кои нема да бидат дел од политичките памфлети на партиите, туку да се добиени од независни и непристрасни извори какви што треба да бидат медиумите во земјава.
Или, како што стои во нивниот Кодекс:
„Основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со член 16 од Уставот на Република Македонија.
Новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и право да коментираат. Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни.“
Во делот на овозможувањето на граѓанското учество во јавните политики и практикувањето на власта од страна на оние кој ја добиле од граѓаните, моќта на медиумите е голема ако ја користат на вистинскиот начин.