Кој и што се крие зад името на „редакцијата“?
Објавено во Анализи
on 10 - 08 - 2016 Автор: Adrian Kerimi
Анализата е основана на истражување на податоците што се јавно објавени на 15 портали во земјава. Цел на анализата е да се идентификува колку овозможуваат порталите конкретна одговорност за трудовите што ги објавуваат, како и да се процени нивната транспарентност и сигурност врз основа на објавените информации за редакциите и за авторите на нивните веб-страни. Анализата не вклучува институционални податоци, ниту детални квантитативни мерења
Пишува: Адриан Керими
Јавноста секој ден сè повеќе се напаѓа со информации, при што во повеќето случаи има основи за сомневање во нивната вистинитост, како и во автентичноста и авторството на содржината. Силни сомнежи се раѓаат особено за еден прилично голем дел од електронските портали, кои последниве години станале важен дел од медиумската индустрија и од новинарството.
Во нашата анализа, се обидовме да ги истражиме порталите, кои се најпопуларни кај јавноста за консумирање вести од земјава, за да дадеме едно постудиозно објаснување за појавата што ја забележуваме секој ден и ние и јавноста, објавување на текстови кои се без јасно нагласено авторство, обично од редакциите за кои има многу малку или нема воопшто податоци на нивните веб-страници. Врз основа на овие активности, анализата покажува дека поголемиот дел од јавноста нема идеја кој стои зад еден портал или една содржина.
Сегментите на кои е основана нашата анализа се клучните столбови кои се (зло)употребуваат од страна на редакциите на порталите за да покажат (не)транспарентност или (не)одговорност кон јавноста. Во анализата се прикажани имиња на автори и случаи во кои е загрозена приватноста на некоја страна.
НЕМА ПОДАТОЦИ ЗА РЕДАКЦИЈАТА
Анализирајќи ги податоците што се нудат на анализираните веб-страници, можеме да констатираме дека голем дел од порталите немаат редакции, но и доколку имаат, ги кријат. Во многу малку од нив функционира професионалната хиерархија, главен уредник – уредник – новинар. Освен што немаат едно јавно објавено име за тоа кој е „домаќинот на куќата“, порталите обично ги кријат и нивните податоци. Читателот или изворот што сака да контактира со порталот, не може да контактира со сигурен или јасен изворопримач, бидејќи ја поседува само можноста контактирај како категорија во менито на порталот и не е јасно кој ја добива електронската пошта што се пушта преку овој формулар. Во голем број случаи недостигаат адресата на седиштето, број на телефон, кои се обични и сè уште доминантни начини за комуникација.
Од 15 истражени портали, рубриката „Импресум“ не постои кај 75 отсто од нив. Преку оваа рубрика со редакциите можеш да комуницираш и да знаеш кој има конкретна уредничка одговорност само кај: весникот „Лајм“, агенцијата ИНА, како и „Порталб“, како пример што отишол најдалеку во транспарентност, бидејќи во оваа категорија ги прикажува податоците како контакти, адреси и имиња на членовите на редакцијата. Од друга страна, друг дел од порталите како: „Журнал“, не нудат податоци, дури и во категоријата импресум, и наместо податоците за уредниците и за членовите на редакцијата, се зборува за неговиот историјат. Ист е случајот и со редакцијата „Актуале“, во чиј импресум не се дава ниту еден единствен податок. Податоци во оваа категорија во мени на веб-страниците нема ни во порталите „Факте нет“, „Телеграфи“, „Алмакос“, „Тетова сот“ и други.
Експертите го гледаат функционирањето на порталите од два аспекти. Според нив, информативните портали се делат на тие што информираат и тие што пропагираат или манипулираат. Професорката од Институтот за комуникациски студии и Високата школа за новинарство и односи со јавноста, Жанета Трајкоска, смета дека голем број портали се користат од професионалните медиуми како извор на информација, при што се раѓаат сомнежи дека истите портали им припаѓаат на тие медиуми. Трајкоска додава дека одговорност на професионалните новинари е да ја едуцираат јавноста дека овие портали не се во служба на јавниот интерес:
„Интернет-поралите во Македонија, кои лажно се идентификуваат како медиуми, за жал, им прават многу голема штета на тие информативни портали што ја вршат професионално својата работа. Овие портали не се медиуми, тие се едноставно пропагандни гласови и средство за манипулација. Ние треба да ги информираме и да ги едуцираме граѓаните дека на овие информативни портали, кои не поседуваат импресум, немаат информации кој е главен уредник, кои се новинарите што работаат во тој портал, не треба да им се верува, ниту да се сметаат како медиуми. Непотпишаните текстови (без име и презиме од авторот), се првиот сигнал дека заднината на порталот не е да информира, туку да манипулира“.
КОИ СЕ АВТОРИТЕ?
Често, содржините на порталите немаат автори, туку коавтори. Повеќето написи, со исклучок на тие што се плагијати (копирани од другите медиуми), немаат имиња на авторите. Исклучоци се порталите „Телеграфи“ (платформата во Македонија) и „Порталб“ кои ги прикажуваат со име и со презиме авторите на написите. „Журнал“, пак, ги прикажува само иницијалите на авторите.
Професорот и новинарот Назим Рашиди недостигот на податоците во еден портал и условно медиумски производи што произлегуваат од нив ги заокружува со еден израз, „простор на еден или неколку лица“. Рашиди го нагласува фактот дека во недостиг од идентитет на новинарот и на редакцијата, објавувањата не се јавни, туку приватни:
„Порталите што немаат редакција, всушност треба да се третираат како еден простор од две или неколку лица, кои можат да објават што сакаат, но не и како сериозен медиум. Зошто? Бидејќи секој медиум има редакција и хиерархија! Има новинари и уредници, кои пред секое печатење комуницираат, потврдуваат и пред сè носат одговорност за тоа што го пишуваат. Од друга страна, не треба да се мешаат и интернет-медиумите кои се сериозни, што ја користат новата технологија, но не ги злоупотребуваат правилата на новинарството. Тоа што јавноста треба да го знае е дека еден сериозен медиум има точни податоци каде се наоѓа, кој пишува и каде може секој да се обрати доколку има некоја реакција. Доколку овие елементи не се вклучуваат, тогаш имаме работа со избор на приватни изданија, кои не се новинарство.“
Практиката на прикривање на авторот зад името на порталот, овие медиуми ја спроведувале и благодарение на реалноста дека зад написите може да стојат и новинари што не ја извршиле работата на терен, без соодветно подготвување и непрофесионални.
БЕЗ ОДГОВОРНОСТ
За која било објавена вест, дури тоа да е и горка вистина, допирање на чувствата, поттикнување на омраза, насилство или дискриминација или и шпекулација и клевета, порталите (со исклучок на тие што се сериозни), не носат одговорност! Освен тоа, не ретко се случува токму тие да не се транспарентни кон јавноста да реагираат и да се идентификуваат себеси како жртва, по реакциите што им се доставуваат во редакција.
Таков модел на реакција во последно време е забележан од „Журнал“, при една полемика и јавен судир со Државниот универзитет во Тетово.
Врз основа на анализа, забележано е дека во неколку случаи, по реакциите што доаѓаат од споменатите страни во написите што ги немаат професионалните елементи за идентификација на одговорноста, редакциите ги бришат написите од веб-страниците.
НЕДОСТИГ ОД ЕТИКА, ЗАБОРАВЕНИ МОРАЛНИ НОРМИ
Порталите често не се внимателни во нивните написи кога се работи за етичките елементи во професијата и моралните стандарди на општеството. Искрено кажано, законските предупредувања (+18) ги пишуваат пред насловот само за да го привлечат вниманието на читателите. Во фото вести се поставуваат интимни фотографии, додека во повеќето случаи во содржина се забележливи оценувања и квалификации.
Трајкоска овие дела ги смета како злонамерни цели на еден дел од порталите, што го аргументира со видеото објавено од многу од нив, во кое се појавува моментот кога беше фатално прегазен 4 годишниот Алмир од Куманово.
„Кога станува збор за специфични материјали кои во себе содржат фотографии или снимки од несреќи, кривични дела, убиства итн, медиумот, односно уредничката екипа треба добро да размисли и да процени дали има или не јавен интерес објавувањето на тој материјал. Сметам дека одлуката на тој што ја поседувал снимката била по објавувањето да создаде дополнителни поделби, имајќи го во предвид избувливото општество во Македонија и да провоцира меѓуетнички тензии. Најзлонамерната цел е да добие некој дополнителен клик на неговата веб страна. Во овој случај никако не може да се каже дека тие што ја објавиле снимката го имале на ум јавниот интерес. Што ново би научиле граѓаните или кој е интересот на семејството на малиот Алмир? Токму спротивно, таа снимка беше употребена во поширок контекст во општеството, но, за среќа, неуспешно.“
Друг неодговорен прекршок од страна на порталите е и објавувањето на идентитетите на разни лица во одредени прашања, без да ги применуваат стандардите за заштита на приватноста. Има случаи каде и се објавуваат фотографии од деца на малолетна возраст, и особено кога се известува за ученици, тепачки во училишта, сообраќајни несреќи каде што жртви се децата и случаи каде што познатите личности се фотографираат со деца.
Во овој контекст, мора де се истакне дека во овие написи, нивните содржини во себе содржат и индикации за омраза, дури и провоцирање на насилство. Освен ова, неколку пати таквите медиуми објавуваат написи каде што нивните говорници употребуваат неетички јазик, заборавајќи дека одговорноста на новинарот вклучува и одговорност за публикувањето на ставовите на говорникот, особено доколку тие претставуваат или поттикнуваат кривични дела.
ПРИВАТНОСТ
Медиумите знаат, намерно или не, да навлезат во приватноста на поединецот. Ова често се случува не од други причини, туку за да се убеди уште повеќе јавноста дека редакцијата има ексклузивни извори и дека поседува информација, објавувајќи многу приватни информации.
Правото на новинарот или медиумот завршува таму каде што почнува правото на другата страна и за ова не треба да се дискутира. Исклучок во овој контекст се јавните функционери што се платени од парите на народот, но не треба да се навлезе и да се прикажат јавно работи од приватниот живот што немаат врска или не влијаат на начинот на кој тие ја вршат јавната должност. Според светската пракса (која е пренесена и во законите на Македонија), новинарите имаат право да објавуваат лични податоци (без согласност), доколку со ова се брани јавниот интерес.
„Обврзувачко е да се анонимизираат личните податоци на малолетните лица, да се замаглат нивните лица, да се смени гласот, да се објават иницијали наместо името и презимето и да се применат сите потребни мерки за да се оневозможи нивна идентификација“, пишува Владо Ѓорчев во новинарската лекција врз правото на новинарите за да информираат и приватноста.
ЧЕСТО КРШЕЊЕ НА ПРОФЕСИОНАЛНИТЕ СТАНДАРДИ
Почитувањето на новинарските правила често недостасува кај порталите. Ова се докажува со многуте написи и содржини, кои се објавуваат секој ден, и каде речиси во секое дневно производство на написи од повеќето редакции може да се најде содржина каде што е направено прекршување на начелата, било во сферата на едностраноста, или да станува збор за тенденциозни текстови, и неретко и за клевети. За овие прекршоци редакциите обично не сносат одговорност, меѓу другото и поради фактот дека истите се прават секогаш во анонимни околности.
- Едностраноста
Во многу новинарски написи на порталите доминира едностраноста. Во текстови, во многу случаи се дава само ставот на едната страна, додека многу ретко се кажува дека редакцијата побарала став и од другата спомната страна. Освен тоа, потоа добар број од нив не ги ни пренесуваат реакциите од другата страна. - Коментарот
Во написи, авторите работите ги земаат при срце и со емоција. За разни случаи се даваат ставови на новинарот како да се факти, додека на јавноста и се наметнува став, коментирајќи надвор од професионалната етика. Во неколку случаи таквите написи се категоризираат во адекватната рубрика на мислења или коментари, но, во 99% од случаите тие се објавуваат како вести. - Погрешното толкување
Разни изјави, кои успеваат да ги земат од другите професионални медиуми без нивна дозвола, порталите во повеќето случаи ги толкуваат погрешно, со цел да поттикнат читаност и реакции кај јавноста. Погрешното толкување на ставот на страната, која заедно со новинарот ја прави веста, е тешко професионално прекршување, додека за такви случаи се предвидуваат и законски мерки.
Честопати, порталите ги земаат таквите случаи, ги прилагодуваат според нивната волја и ги пренесуваат. Има и случаи кога се измислуваат изјави во име на друга личност. - Тенденциозните наслови
Насловите се недобро смислени, или лошо смислени. Има многу случаи каде тие или се бесмислени, долги и тешки за да се разберат на прв поглед, или не се совпаѓаат воопшто со содржината. „Насловот треба да го најави текстот”, се вели кратко, јасно и категорично во Етичкиот Кодекс. Има случаи кога во насловите се поставуваат лажни најави, како и такви случаи каде порталите ги злоупотребуваат чувствата на читателите. Во овие случаи, во насловите се известува за војна, вооружени групи, сериски убијци и на крајот од нив се додава (фото или видео), но всушност, на крајот од текстот се поставуваат стари видеа или фотографии кои датираат од други места и времиња. - Изворите и плагијатот
Кај неколку портали влијаеле медиумите, но и предупредувањата за барање на одговорност за овие првите да ги цитираат изворите секој ден сé повеќе и повеќе. Меѓутоа, веќе создаденото клише преку можноста за копирање продолжува. Можеби, ова е единственото преживување преку кое можат да функционираат порталите што немаат доволни човечки ресурси и функционална редакција, при што јасно треба да се направи исклучок на оние редакции што имаат различни, но транспарентни форми на овие структури и што функционираат на терен. Меѓутоа, кај порталите сеуште постои убедување дека нецитирањето на изворите претставува прекршување на авторското право и форма на плагијат, и ова уште го сметаат како нивно апсолутно право.
Кога се зборува за плагијатот, професорот и новинар Рашиди додава дека порталите ги пренесуваат вестите од професионалните медиуми, незнаејќи дека прават плагијат.
„Треба да се направи разлика меѓу порталите кои само пренесуваат вести од другите медиуми и тие професионалните, што имаат редакции. Реакциите против порталите не се поради технологијата, туку поради непрофесионалноста. Неодамна, познатиот британски весник „Индипендент“ одлучи да излезе само на интернет. Можеби ова е иднината. Но, неговата редакцијата сè уште постои“.
Заклучокот од надгледувањето на работата на 15-те електронски портали е дека одамна постои потребата за нивен законски мониторинг и одговорност, меѓутоа овие механизми ќе треба да се употребат на соодветен и вистински начин, за да не се претворат во контра-ефект и да ја гушат слободата на изразување. Досега, во Република Македонија не е преземена помасовна и појасна иницијатива во овој правец, меѓутоа, последици од прекршувањето на правилата имале неколку портали, што докажува дека можност за санкционирање има, и тоа треба да ги освести порталите што поскоро да почнат да ги подобрат нивните перформанси во категориите што ги анализиравме и да работат врз основа на стандардите. Ова, не само што видливо ќе го намали ризикот од одговорност и санкции, туку ќе го зголеми квалитетот и сигурноста на содржините, и со ова и читаноста и комерцијалните перформанси на интернет-медиумите.