Кој е мајка, а кој маќеа на граѓаните во поплавените подрачја?
Објавено во Рецензии
on 11 - 08 - 2016 Автор: Силвана Жежова
[Рецензија: СДСМ со црна кампања против Груевски зошто е на терен и се труди да помогне во организирање со справувањето со поплавите и помага на погоденото население]
Текстот што е предмет на рецензија е коментаторски, едностран и политички пристрасен. Целта е на опозициската партија СДСМ да ѝ се припише негативен однос кон граѓаните од поплавените подрачја и политички да се поентира за владејачката партија. СДСМ се обвинува за наводна црна кампања која ја води против лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, иако материјалот не нуди никакви докази за тоа. Насловот е тенденциозен и шири дезинформации.
Линк до оригиналниот напис: СДСМ со црна кампања против Груевски зошто е на терен и се труди да помогне во организирање со справувањето со поплавите и помага на погоденото население
Датум и време на објавување: 09.08.2016; 16:25
Датум на рецензирање: 11.08.2016
Рецензент: Силвана Жежова
КОНФУЗНИ ИМПУТАЦИИ
Почетокот на текстот е конфузен и ѝ наметнува на опозицијата однесување со кое сака да се прикаже дека оваа партија, наводно, ништо не сторила за граѓаните од поплавените подрачја и дека прави политика врз маката на населението. Освен коментари, тврдењата не се поткрепени со факти. Не е посочено ниту на кој начин СДСМ води негативна кампања против Никола Груевски.
„Освен парадерството, внесувањето негативна енергија, праќањето луѓе кои наводно треба да помогнат, а не помагаат ништо и само чекаат некој од власта за да почнат да му викаат како наводно револтирани граѓани, со правењето на политика врз маката на населението погодено од поплавите СДСМ води негативна кампања против лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски“.
Во овој дел од материјалот, пак, наспроти обвинувањата за опозицијата, се промовираат активностите на лидерот на владејачката партија, што упатува на политичка пристрасност во пишувањето.
„Причините за ваквата црна кампања и очајни постапки е тоа што Груевски на терен и со сите сили и расположливи ресурси му помага на оштетеното население“.
Понатаму во текстот, како дел од „црната кампања на СДСМ“ се споменуваат и медиумите, кои, наводно, се контролирани од оваа партија, а кои и воопшто не се наведени ниту, пак, се нудат докази дека се контролирани од опозициската партија. Статијата ги обвинува овие медиуми дека се дел од кампањата на СДСМ бидејќи пишувале дека е „скандал тоа што Груевски давал наредби и координирал“. „Оправдувањето“ на текстот за ваквото однесување на лидер на една партија е што на „граѓаните не им било важно кој делел наредби, туку работата да биде завршена“. Притоа се заборава дека овој пример покажува кој е кој во државата и дека воопшто не се запазени основите на уредувањето на државата. Лидер на партија даваше инструкции на претседател на влада, на началник на Генералштаб, а си ја презеде и улогата на врховен командант.
„Како дел од таа црна кампања се натписите во медиумите контролирани од СДСМ дека било скандал што Груевски давал насоки, координирал и го посетувал погоденото население, притоа заборавајќи го фактот дека на поплавените граѓани воопшто не им е важно кој делел наредби и кој координирал, туку најважна им е помошта од институциите во расчистувањето на нередот, нормализирањето на состојбата и обезбедување на минимални услови за зивот“.
ОПОЗИЦИЈАТА МАЌЕА, ВЛАСТА МАЈКА?
СДСМ е обвинета и за незаинтересираност за поплавените граѓани, иако лидерот на партијата, Зоран Заев, деновиве е на терен. На опозицијата ѝ се припишува и дел од вината за настанатата поплава, поради лошата изведба на обиколницата во времето кога била на власт. Притоа, во текстот воопшто не е споменато дека институциите потфрлија во однос на обидите за спречување на поплавата, но и со справувањето со последиците.
„Нив не ги интересира и затоа не ни прашаа на терен што им е потребно на жителите туку единственото што го прават се обиди за внесување на гнев и дополнителна омраза. Кога веќе се зборува за одговорност јавноста знае дека една од главните причини за поплавата е водата која се влеваше во обиколницата и се насочи кон Стајковци а лошата изведба е резултат на проектот за обиколницата изработен од СДСМ и нивната влада“.
Без докази и балансираност во пишувањето, целта на текстот е владејачката партија да ја претстави како мајка, а опозициската за маќеа за граѓаните во поплавените подрачја. Херојот во приказната е Никола Груевски, кој, наводно, со сите сили му помага на населението, а Зоран Заев е лошиот вештер, незаинтересиран за судбината на овие луѓе.
Очигледно е дека текстот сака да го искористи ваквото поставување на работите за политички напад.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
нема факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
неофицијални
нерелевантни,
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
дискриминира
политичка дискриминација,
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
солидни мултимедијални елементи
стилски уреден
поврзан со тагови