verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Клуб на новинари против новинарството

on 17 - 06 - 2015       
Новинарите до сега објавиле само 0,5% од вкупниот број на документи кои Едвард Сноуден ин ги доставил. Фото: Snowden via photopin (license)
Новинарите досега објавиле само 0,5% од вкупниот број на документи кои Едвард Сноуден им ги доставил. Фото: Snowden via photopin (license)

Ниту еден македонски медиум, особено оние конвенционалните, не се обиде да го постави прашањето за нарушувањето на приватноста на оние 20.000 прислушувани граѓани. Никој не го објасни процесот на прислушување и речиси никој не праша што се случува или, можеби, што ќе се случува, со снимените материјали што не се објавени

 

Пишува: Горан Ризаов

 

Среде една бессона ноќ таа есен, околу три часот по полноќ, на приватната адреса за електронска пошта на главниот уредник на еден домашен медиум стигнува чудна порака. Вели: „Поседувам податоци кои што се од интерес на целата земја, ако сакаш да ги добиеш, ова е мојот јавен енкрипциски код“. Без потпис, без ништо. Уредникот смета дека е некоја измама и ја игнорира пораката.

Неколку недели подоцна, негов колега од друга редакција во доверба му вели дека и тој добил слична порака и, исто така, одлучил да ја игнорира мислејќи дека е спам. Двајцата одлучуваат дека вреди да се провери и бараат некој што се разбира во „компјутери“ за да можат да ја декриптираат комуникацијата со тајниот извор.

Така некако би требало да изгледа почетокот на сторијата за македонските потшепнувачи кои открија десетици илјади прислушувани разговори на, повеќе или помалку, сите јавни личности во државата.

На сличен начин, пред точно две години, Едвард Сноуден ги контактирал Глен Гринвалд, тогашен колумнист во „Гардијан“, и Лаура Поетра, режисерка и продуцент на документарни филмови. Останатото е историја. Но, за жал, во Македонија тајните стигнуваат на друга адреса.

 

МОЌТА НА ИНФОРМИРАНАТА ЈАВНОСТ

Самиот Гринвалд, по повод првата сторија базирана на архивата на Сноуден, објави една новинарска лекција за американските новинари, која во целост важи и за нас. Откритијата на Сноуден ја обелоденија тајната програма за масовно прислушување, која деновиве го дочека својот крај, барем во оригиналната форма. За да ја одбележи оваа годишнина, Сноуден напиша едиторијал во „Њујорк тамјс“ со наслов „Моќта на информираната јавност“.

Известувањата за документите на Сноуден на Гардијан му донесоа Пулицерова награда. Witchhunt Snowden via photopin (license)
Известувањата за документите на Сноуден на „Гардијан“ му донесоа Пулицерова награда. Фото: Witchhunt Snowden via photopin (license)

Новинарот кој прв ги објави неговите откритија обвинува дел од американските медиуми за безумно работење поради нивните барања Сноуден да биде кривично гонет.

„Уште од почетокот беше јасно дека дебатата испровоцирана од овие откритија ќе биде колку за приватноста и за државните тајни, толку и за новинарството. И тоа беше дебата во која не само што партиципиравме туку и активно ја баравме, која ја преиспита улогата што новинарството треба да ја игра во една демократија и правилниот однос на новинарите кон оние што се политички и економски најмоќни“, пишува Гринвалд.

Тој тврди дека оваа дебата се случи не само во САД, туку и во целиот свет и таа откри повеќе работи, од кои најзапрепастувачка за него била реакцијата на многу американски медиуми кон Едвард Сноуден како извор.

Оние што најревносно лобираат за долготраен затвор за изворот, како што пишува Гринвалд, не се во владата на САД, туку се оние кои себеси се нарекуваат „новинари“.

„Размислете колку добар пример на пропаганда е тоа, каква што владите можат само да сонуваат: Ајде да се обидеме да ги натераме новинарите самите да предничат во демонизацијата на потшепнувачите (whistleblowers) и да бараат нивно затворање!“, пишува Гринвалд.

Толку многу американски новинари биле бесни поради откритијата и барале кривично гонење, што тој предлага да се отвори клуб наречен „Новинари против транспарентноста на новинарите“.

„Нивниот став е дека некој што се обидел да открие информација која што државата ја окарактеризирала како „класифицирана“ припаѓа во затвор, особено ако тоа откритие го нагрдува имиџот на функционерите“, вели понатаму Гринвалд.

 

ПОТШЕПНУВАЧИТЕ СЕ ДЕЛ ОД СИСТЕМОТ

Ако воопшто можат да се споредат двата случаи, за разлика од САД, во Македонија протечените информации не стигнаа најпрво до новинари, туку до лидерот на најголемата опозициска партија.

Наводните извори на прислушуваните разговори во Македонија, според Заев, потекнуваат директно од Управата за безбедност и контраразузнавање. Според Владата и Јавното обвинителство, пак, виновни за прислушувањето се Зоран Верушевски, поранешен шеф на тајната служба, членови на неговото семејство, но и двајца до неодамна вработени во УБК, Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски.

Костовски, наводно, веќе признал дека незаконски прислушувал и е осуден на три години затвор. Меѓу обвинетите е и лидерот на опозицијата.

Македонските новинари отидоа уште понатаму во јавниот линч над потшепнувачите па и објавија дел од нивната меѓусебна комуникација, која наводно ја добиле од „извори блиски до истрагата. "This is not a crime" via photopin (license)
Македонските новинари отидоа уште понатаму во јавниот линч над потшепнувачите, па и објавија дел од нивната меѓусебна комуникација, која, наводно, ја добиле од „извори блиски до истрагата. Фото: “This is not a crime” via photopin (license)

Значи, вистинските потшепнувачи во Македонија, кои ги направија достапни снимените разговори, произлегуваат директно од тајната служба. Дотука ситуацијата е многу слична со онаа на Сноуден, бидејќи и тој, како што вели самиот, бил директно вклучен во тајното прислушување и следење на електронските комуникации.

Прашањето што се поставува е зошто македонските потшепнувачи не ги доставиле своите откритија до одредени домашни новинари и дали тие ќе одбереа да го објават истото она што го објави Заев. Во американскиот случај, за две години се објавени само 0,5 проценти од вкупниот број документи, односно 459 од еден милион.

Исто така, за разлика од овде, тамошните тајни служби прислушувале и вршеле надзор над електронските комуникации по легален пат. Овде, како што стојат работите, се прислушувало според закон кој бил донесен, па укинат од Уставниот суд, па повторно донесен во друга форма четири години подоцна.

Секако, прашање е, ако сниманите разговори дојдеа до македонски новинари наместо до опозицијата, дали тие сè уште ќе беа на слобода како што е Заев, а можеби прашање е и дали ќе беа живи. Нејсе, тешко дека вистински новинар би одолеал на предизвикот да објави такво нешто. Се разбира, со примена на сите етички и професионални норми.

Известувањата за документите на Сноуден, од друга страна, на „Гардијан“ му донесоа Пулицерова награда.

Како што вели Гринвалд, голем број новинари во САД го поддржаа објавувањето на откритијата на Сноуден, а двата највлијателни весници, „Њујорк тајмс“ и „Вашингтон пост“, се дел од тие што ги објавија самите документи.

„Пред американските судови да пресудат дека програмата за масовно прислушување е неуставна, „Њујорк тајмс“ објави едиторијал во кој бараше Сноуден да биде помилуван“, вели Гринвалд.

ЈАВЕН ЛИНЧ И КОНТРАДОКУМЕНТИ

Македонските новинари, особено оние блиски до власта, исто така ги оцрнија потшепнувачите и го осудија објавувањето на сниманите разговори, кои откриваат сомнежи за тешки криминални дела и делегитимизација на власта. Тие отидоа уште понатаму во јавниот линч на осомничените потшепнувачи, па и објавија дел од нивната меѓусебна комуникација, која, наводно, ја добиле од „извори блиски до истрагата“.

Битно е тоа што ниту еден македонски медиум, особено оние конвенционалните, не се обиде да го постави прашањето за нарушувањето на приватноста на оние 20.000 прислушувани граѓани. Никој не го објасни процесот на прислушување и речиси никој не праша што се случува или, можеби, што ќе се случува со снимените материјали кои не се објавени.

Ако е вистина дека незаконското прислушување го правела власта, но тоа преку потшепнувачи стигнало до лидерот на опозицијата, тогаш двете најголеми политички партии знаат сè за животите на голем дел од населението. Како што еден новинар не може да одолее да ги објави овие откритија, така не верувам дека еден политичар може да одолее да ги злоупотреби.

Ова е доволно добра причина во земјава својот новоформиран клуб на новинарите што ја бранат власта да го наречат не „Новинари против транспарентноста на новинарите“, туку „Новинари против новинарството“.

„Зар не е неверојатно тоа што луѓето што сакаат да бидат третирани како новинари напишале едиторијал во кој се бара кривично гонење на клучен извор. Настрана принципите, но само врз основа на нивниот интерес, зар не сметате дека тие сакаат да избегнат да им кажат на изворите дека нивниот медиум верува оти потшепнувањето е криминал и дека тие што го прават тоа припаѓаат во затвор?“, прашува Гринвалд.

Тој додава оти ваквите „новинари“ инсистираат дека „во едно општество кое се потпира на закони, некој што се впушта во граѓанска непослушност поради повисока цел, треба да е подготвен да ги прифати последиците“.

Гринвалд се прашува дали некој воопшто верува дека може да побара затворање на секое лице кое што кога било открило информации окарактеризирани како „класифицирани“.  Фото:  Glenn Greenwald via photopin (license)
Гринвалд се прашува дали некој воопшто верува дека може да побара затворање на секое лице што кога било открило информации окарактеризирани како „класифицирани“.
Фото: Glenn Greenwald via photopin (license)

Вели, често го среќава овој аргумент и тешко може да објасни колку е погрешен. Гринвалд се прашува дали некој воопшто верува дека може да побара затворање на секое лице што кога било открило информации окарактеризирани како „класифицирани“, бидејќи нивниот аргумент бара кривично гонење на секој што ќе го прекрши законот, или соочување со „последиците“.

„Тоа би значело дека безмалку цел Вашингтон треба да биде одвлечкан на суд, бидејќи оттаму секој ден константно протекуваат информации“, вели Гринвалд.

АГЕНТИ НА ПОЛИТИЧКА МОЌ

Според него, овие новинари се буквално агенти на политичката моќ. Тоа е клучната новинарска лекција од сето ова. Чудно е како бараат негово затворање додека не бараат затворање на оние што потшепнуваат информации, чие објавување ја прави работата на владата позитивна.

„Тие уредници не веруваат во владеењето на правото; тие веруваат во потребата да се казнат само оние протекувања кои ја посрамотуваат политичката моќ или се спротивни на неа: основната функција која новинарите тврдат дека ја прават самите“, додава тој.

Тој со право заклучува дека одлуката да се објават одредени документи не ја донесе Сноуден, туку медиумите кои ги добија документите. Тој повеќепати објасни дека се потпрел на новинарите да донесат одлуки за тоа кои стории се и кои не се во јавен интерес.

Во Македонија, повисокиот јавен или општествен интерес ретко ги надминува границите на политичките партии, што во западните демократски општества со развиени медиуми е непростливо. Затоа речиси и да не постојат потшепнувачи, а и кога ги има, претпочитаат соработка директно со политичките партии отколку со новинарите.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).