verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Кинезите не изградија болница за неколку дена туку адаптираа постоечки објект

on 14 - 02 - 2020       

Болницата која беше готова за неколку дена всушност беше брзо адаптирање на објект кој е во изградба од претходно и кој во мај требало да биде новоотворен клинички центар. 

Пишува: Симона Атанасова

Покрај постојаниот наплив на информации за состојбата со заболени и починати од коронавирусот, деновиве медиумска сензација беше и адаптирањето на постоечки објекти во Кина во медицински објекти за рекордно време со цел сместување на заболените од вирусот.

И во странските медиуми и во домашните, освен што се појавија вистинити информации поврзани со градењето на болниците, се појавија и разни дезинформации, шпекулации и сензационалистички објави со уште посензационалистички наслови.

Па така, објавени беа вести дека била изградена болница за два дена, за шест дена, за десет дена и дека тоа се должи на брзината и дисциплината со која работат Кинезите.

Уште една изградена болница во Вухан со 1.600 кревети

Кина за само два дена отвори болница за лечење од корона вирусот, а ќе отвори уште четири

Нема да им верувате на очите: Еве како и за колку време Кинезите изградија болница за заболените од коронавирусот

За неколку дена изградена и пуштена во употреба болница за лекување на коронавирусот во Кина

За само 48 часа Кинезите ја направија првата болница за коронавирусот за 1000 пациенти

Погледнете како напредува градењето на болницата која Кина вети дека ќе ја изгради за 6 дена

Кина за 6 дена ќе изгради болница од 25.000 м2 за болните од коронавирусот

Ова се само дел од насловите на медиумите кои сензационалистички и половично ја пренесоа веста.

Но, ситуацијата е поинаква, за што пишуваше  Босанскиот сервис за борба против дезинформациите и за проверка на фактите „Раскринкавање“. Болницата којашто беше готова за неколку дена, всушност не беше целосно изградена за денови кои се бројат на прсти. Градење на цела болница, без разлика колку работници ќе работат на неа и без разлика дали на неа се работи деноноќно, не е возможно да се изведе за 10 дена а уште помалку за два, пет, шест или осум дена како што пишуваа дел од медиумите. Колку и да се вредни и дисциплинирани, Кинезите не се магионичари за невозможното да го направат возможно.

Реалната ситуација е дека станува збор за две болници.

Едната болница која беше готова за неколку дена всушност беше брзо адаптирање на објект, кој е во изградба од претходно и кој во мај требало да биде новоотворен клинички центар. Брзината на изградбата односно оспособувањето на болницата беше можно само затоа беа ангажирани илјадници работници кои работеа 24 часа за да може да биде функционална за пациентите заразени со коронавирусот. Единствено нешто што беше направено за само два дена беше приспособување на празен објект во медицински објект за итни случаи.

Другата болница за која пишуваа медиумите се гради целосно од почеток, но крајот на изградбата е предвиден за неколку недели, а не денови.

Иако, точно е дека во Кина се гради со брзо темпо, сепак тврдењата дека е изградена целосно нова болница за два или пет дена се целосно неточни.

Медиумите мора докрај да ги проверуваат информациите и да внимаваат кога преведуваат информации од странски медиуми пред да ѝ ги пласираат на јавноста, а со тоа да предизвикаат намерно или ненамерно дезинформирање на публиката.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).