verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Како се изиграни потрошувачите…

on 30 - 10 - 2014       

Како се изиграни потрошувачите Вечер-crop-resize

Ова не е вест. Ова е приказна. Нема ни „кој“, ни „кога“, ни „каде“, ни „како“. Има само „што“ и тоа делумно: НЕКОИ производители на НЕКОИ апарати за домаќинство, правеле НЕШТО за тие апарати да им се расипуваат на потрошувачите еден месец по завршетокот на гарантниот период. Ни извори, ни примери, ни конкретни податоци. Ништо. Овој напис не ги задоволува критериумите да се нарече вест ниту, пак, припаѓа на кој било познат новинарски жанр. Со оглед на тоа, овој текст не е новинарски производ.

Како се изиграни потрошувачите Вечер-finalЛинк до оригиналниот напис: Како се изиграни потрошувачите…

Датум и време на објавување: 29.10.2014, 18:51

Датум на рецензирање: 30.10.2014

Рецензент: Владимир Петрески

Не знаеме што од ова што е напишано во веста е вистина. Се вели:

„Многу од нас доживеале некој апарат за домаќинство, ако не и повеќе од нив, да се расипе само по еден месец откако е истечена гаранцијата.“

Кои се тие многу? Еве, јас, на пример, не сум доживеал такво нешто. Потоа, многу конкретно е ова со расипувањево на апаратите за домаќинство еден месец по завршувањето на гарантниот период. Тоа да им се случува на потрошувачите за „многу“ домаќински апарати и тоа низ целиот свет, како што се вели во наднасловот („Франција, Европа, Свет“). Сето ова иако досега никој не забележал вакво нешто и никој не реагирал. Барем текстов не нуди никакви информации и реакции во таква насока.

Апаратите за домаќинство постојат со децении и во развиените земји има моќни здруженија на потрошувачи, кои такво однесување не би толерирале. Ние гледаме речиси секоја недела како различни производители на автомобили од цел свет повлекуваат стотици илјади, ако не и милиони продадени автомобили заради фабрички грешки. И тоа станува збор за возила кои чинат десетици илјади долари и повлекувањата се прават од најмоќните корпорации во светот. Стравот од тужби од потрошувачите е толку голем што производителите решаваат да ги спречат, наместо да се соочат со нив. Од друга страна, пак, овде ни се сервира меѓународен заговор на „многу“ производители, кои произведуваат „многу“ апарати за домаќинство кои се темпирани да се расипат еден месец по истекот на гарантниот рок. И, никому ништо. Имало ли некаде во светот тужби против производителите за ваквата незаконска практика? Има ли примери? Има ли студии? Од каде потекнуваат информациите? Никој не вели дека можеби вакво нешто немало некаде кога станува збор за одреден производител, ама дека ова е практика на „многу“ производители на апарати на домаќинство и тоа низ светот, значи дека станува збор за раширена појава и никој досега да не реагирал на никаков начин, тоа е многу тешко да се поверува.

Даден е само еден анонимен пример, поточно „пример“ за печатач за компјутер за домашна употреба, за кој „хакерите откриле посебни системи кои ја бројат секоја испечатена страница“. По ова, на корисникот му се појавувала наводна грешка на главата на печатачот и тој морал да купи нов зашто поправката била поскапа од уредот. И ова прилично тешко за верување и прилично необјаснето. Како прво, хакирање на компјутерите на корисниците на печатачи за да се дознае колку страници печатат е крајно незаконско во цел свет и станува збор за криминал од тип за кој се оди во затвор. Особено ако станува збор за масовна појава и тоа во повеќе земји. Најголем дел од печатачите во светот се произведуваат од реномирани меѓународни корпорации како „Епсон“, „Хјулит Пакард“, „Коника Минолта“, „Рико“ и други и ваков евентуален скандал би ги уништил овие бизниси, како и нивната репутација. Да не зборуваме за тоа дека нивните директори би завршиле в затвор. Тешко е да се поверува дека вакви корпорации би го ризикувале целиот бизнис (кој не вклучува само продажба на печатачи, туку и на редица други производи, како и давање различни ИТ-услуги, кои се дури и повредни од продажбата на печатачи), само за да продадат некој печатач повеќе.

Плус, па и се додава следново:

„Притоа интересен е податокот што практично со печатарот се е во ред, но производителот верува дека ви треба нов. Секако, по можност од истиот производител.“

Да, сигурно е така. Ако ми се расипе печатачот еден месец по поминувањето на гарантниот рок, сигурно веднаш ќе купам нов од истата марка за и тој да ми се расипе на истиот начин. Ваквата евентуална практика е самоуништувачка. Ретко кој потрошувач би купил производ од иста марка ако претходниот му се расипал додека бил нов, а поправката чини повеќе од нов производ. Таквите потрошувачи цел живот ќе бегаат од таа марка.

Во текстот директно се спомнува Франција. Но, тој нема врска со оваа држава. Ако веста потекнува од Франција и ако оваа појава е забележана таму, па белки има некој пример да видиме поточно за што се работи. Бидејќи, нели, станува збор за „многу домаќински апарати“ кај кои оваа појава е раширена.

За илустрација на веста е употребена фотографија од печатач од марката „Епсон“. Чекај малку! Дали можеби наведениот пример со печатачите што се расипуваат еден месец по истекот на гаранцијата има врска со оваа марка? Или не? Ако печатачите на „Епсон“ се такви, зошто тоа не е напишано во текстот. А, ако примерот не се однесува на печатачите од оваа марка, зошто е ставена фотографија токму од таков печатач? За тој да биде непотребно нападнат? Што точно се случува овде? Има ли некој нешто против печатачите од оваа марка или ова била првата фотографија што можела да се најде?

Насловот е посебна приказна: „Како се изиграни потрошувачите…“. Прашална форма со три точки на крајот од кои треба да сфатиме дека насловната реченица е недовршена и сами да го пополниме зборот што недостига. Само што, овде останува нејасно за што станува збор. Немало никаква потреба од овие три точки. Зборовите биле сосема доволни. Или, поточно, би биле доволни кога во телото на веста би се добило задоволително објаснување кое би имало смисла. Вака…

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

нема факти

неточни наводи

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

нема евидентирани извори

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

невистинита

извртување на вистина (спин)

лажни информации

не аплиактивно

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор, ненаведен извор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

не информира

некреативен

сензационален

соодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови