Како се справува светот со сексизмот и со навредите
Објавено во Анализи
on 25 - 10 - 2016 Автор: Vladimir Petreski
Случајот со фалбите од вклучените микрофони во разговорот меѓу Доналд Трамп и Били Буш и последиците што произлегоа од тој муабет покажуваат колку непочитувањето, сексизмот, а за криминалот и да не говориме, се третираат поинаку во САД и кај нас
Пишува: Владимир Петрески
Во 2005 година, актуелниот републикански претседателски кандидат Доналд Трамп заедно со познатиот ТВ-водител Били Буш, чија специјалност се интервјуа со познати личности, се возеа во промотивниот автобус на ТВ-шоуто „Аксес Холивуд“ (Access Hollywood), не знаејќи дека микрофоните закачени на нивните ревери го снимаат нивниот разговор.
Разговорот се однесуваше на сексуалните авантури на Доналд Трамп и беше преполн со самофалби за тоа дека тој како славна личност може да се однесува кон жените на редица непристојни начини и да не сноси никакви последици за тоа. Тој отворено говори како неуспешно се обидел да освои мажена жена, носејќи ја да купува мебел, како жените кои ги среќава може да ги допира дури и по најинтимните делови од нивните тела, а на излегувањето од промотивниот автобус говори како треба да земе тик-так бомбони за да го освежи својот здив, оти има навика да ги бакнува жените на кои им пристапува, додавајќи и дека за такво нешто не бара никаква дозвола, зашто, како славна личност, тие, жените, „ти дозволуваат сè“, вели тој.
Цело време додека Трамп го говори ова, тој е охрабруван од водителот Били Буш, кој е инаку во сродство со двајца поранешни претседатели на САД и, на пример, е братучед со Џорџ Буш, претседател кој беше претходник на актуелниот претседател Барак Обама. Покрај охрабрувањата, Били Буш го фали и му честита на Трамп за неговите „успеси“ со жените и сето тоа е кажано со најпростачки сексистички јазик, од кој се гледа дека овие двајца жените не ги сметаат за личности, туку за објекти чија единствена цел на постоење е да бидат средство за забава и, евентуално, задоволување на нивните ниски сексуални страсти.
Откако се објави оваа аудиоснимка, никому, се разбира, не му падна на памет да кажува дека станува збор за „сечена, лепена, монтирана, креирана и незаконски стекната лента“, ниту, пак да ја негира нејзината содржина. Кампањата на Трамп лентата ја отфрли како „вообичаен фалбаџиски машки муабет, кој се практикува во спортските соблекувални, каде мажите се фалат со своите сексуални авантури“, арно ама, ретко кој се согласува со ваквото мислење зашто од разговорот се гледа дека третманот на Трамп кон жените како да се објекти за негова забава е нешто што тој постојано го практикува, што и лесно може да се заклучи од неговото признание дека тој постојано кон жените се однесува на истиот начин.
Покрај ова, се појави и аудиоснимка од радио-емисија во која тој самиот признава како без никаква покана влегува во женската соблекувална пред снимањето на емисиите за избор на убавици, кои тој ги организира и чиј бренд го поседува, оправдувајќи го тоа со фактот што тој е газда и има оправдување да направи такво нешто за да „изврши инспекција“, иако на радио-водителот Хауард Стерн јасно му вели дека неговата цел е, всушност, да ги види разголените женски тела во соблекувалната.
По овие епизоди, во јавноста излегоа досега девет жени кон кои Трамп се однесувал недолично, или вербално или преку бакнежи без дозвола или преку допирање на делови од нивните тела, исто така, на сосема недоличен начин.
И покрај сето ова, иако рејтингот на Трамп по овие епизоди паѓа, тој е, сепак, сè уште кандидат на републиканците за претседател на САД.
БИЛИ БУШ ИЗГУБИ РАБОТА
Прикзаната со ТВ-водителот Били Буш е сосема поинаква. Веднаш по објавувањето на аудиоснимката, Били Буш повеќе никогаш не се појави во утринската емисија „Тудеј“ (Today) на „Ен-би-си“ (NBC), каде што почна да работи во август, значи пред само неколку недели со договор од 3,5 милиони долари годишно. „Тудеј“ е, инаку ,едно од најпопуларните утринските телевизиски шоуа во САД и како такво не смее да си дозволи никаков скандал, а особено не скандал од ваков вид, каде што еден од неговите главни водители е претставен во сексистичко светло, кој охрабрува и се воодушевува на недоличните авантури на славните личности каков што тогаш беше Доналд Трамп.
Неговите адвокати цели четири дена преговараа со менаџментот на „Ен-би-си“ за условите како Били Буш да си замине од емисијата, зашто беше јасно дека по објавувањето на аудиоснимката неговото останување беше невозможно. Огромно мнозинство од публиката на „Тудеј“ се жени и веднаш по објавувањето на снимката почнаа да се појавуваат лути коментари на веб-страницата на емисијата. Се говореше дека Били Буш ќе добие износ од 10 милиони долари само за да си замине, но ваквиот износ беше негиран како преголем, иако сигурно станува збор за износ во милионски доларски суми, а Буш не е обврзан да потпише клаузула за неконкурентност. Ова значи дека ќе може веднаш да почне да бара работа на друго место, иако е тешко дека може да се замисли оти неговата следна работа ќе го има престижот на „Тудеј“, туку тој ќе мора да се задоволи со настапи пред далеку помала публика, ако воопшто и реши да се зафати со нов медиумски проект веднаш по овој скандал.
Били Буш, веднаш по појавувањето на аудиоснимката, се извини на сите свои гледачи, додавајќи дека станувало збор за разговор кој се случил пред 10 години (значи кога имал 35 години), дека во тоа време не бил толку зрел како денес и истакнувајќи оти е „длабоко благодарен за разговорите што ги водел со своите ќерки и за сета поддршка од семејството, пријателите и од колегите“.
ВО МАКЕДОНИЈА – СОСЕМА ДРУГА СЛИКА
Вака е ова во нормалниот свет. Ајде, сега, да се вратиме на наш терен и тоа во контекст на сето она што го изнаслушавме во прислушуваните разговори. Меѓу нив имаше и такви кои по нивото на сексизам и по нивото на непочитување на жените и тоа особено непочитување на колешки за кои лицата од снимките искажуваа далеку потешки квалификации, го надминуваат овој гаф на Били Буш. За ништо од тоа, сепак, не слушнавме ниту јавно извинување, а камоли оставки. Напротив. Вината беше комплетно префрлена врз самото објавување на прислушуваните разговори, без воопшто да стане збор за тоа за што станува збор во нив.
Понатаму, слушнавме силни индиции за местење тендери, па дури и од устата на министер беше речено дека станувало збор за тендер кој бил неетички и кој беше поништен. Во овој тендер беше повторно замешан новинар од висок профил, но и тука немаше ниту извинување, а камоли оставки или отказ. Да не говориме за редицата сомнителни и потенцијални криминални активности, како и најобичното распродавање на просторот на ударниот ТВ-дневник за потребите на Владата. Слушнавме за 12 нарачки на прилози од министри во владата, како и дека вестите личеле на владино рекламно пано. И повторно, ниту извинување, ниту оставки или откази. Да не зборуваме, пак, за спомнување конкретни износи пари, каква што беше бројката од 2 милиони евра и додавката дека тие пари воопшто и не морало да бидат дадени на една телевизија, туку дека властодржецот можел сам да направи телевизија со нив за своите потреби.
И по сето ова, не само што нема извинувања, нема ниту признавање на вина, туку сме сведоци на битка од петни жили да се оправда нешто што, во суштина, не може да се оправда – ниту од морална, ниту од етичка, ниту од законска гледна точка.