verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Како (не) треба да се известува за време на избори, посебно од митинзи!

on 4 - 04 - 2014       
Поранешната амбасадорка на Кралството Холандија, Симоне Филипини, дава изјава пред македонските медиуми во поддршка на иницијатива за фер избори. Фото: Фер избори, 2011 година, Плоштад Македонија, Скопје

Поранешната амбасадорка на Кралството Холандија, Симоне Филипини, дава изјава пред македонските медиуми во поддршка на граѓанска иницијатива за фер избори. Фото: Фер избори, 2011 година, Плоштад Македонија, Скопје

 

Недостатокот од новинарска автономија или одговорност, во комбинација со премногу хомоген медиумски пејсаж, може да им наштети на резултатите од изборите.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Најверојатно е кажано повеќепати и за време на секои избори (а во Македонија тоа се случува брзо) и звучи стереотипно, но дејствувањето на медиумите во текот на изборната кампања е навистина од голема важност. Секако тука кога зборуваме за важно мислиме на нормални политички/новинарски/бизнис/јавност односи, што повторно кај нас е тешко да се препознае. Уредничката самостојност, интегритетот и професионализмот претставуваат темели на доследно покривање на изборите.

Недостатокот од новинарска автономија или одговорност, во комбинација со премногу хомоген медиумски пејсаж, може да им наштети на резултатите од изборите.

Слободата на говорот, пак, неспорно е содржана во домашните устави и меѓународните документи како во:

 

ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ШПЕКУЛАЦИИТЕ

Сепак, во светот, а секако и во Македонија (иако кај нас има и дополнителни причини, не само економски) се зголемува сиромаштијата на политичкото новинарство. Тоа осакатување најчесто се должи на „потпирање на анкетите “, немилосрдните бројки на гледаност, што, пак, пред себе носи и шаблонизирање на одредени теми во медиумите.

Многу од она што поминува на вести на телевизија е површно и управувано од самопрогласени експерти, подготвени со претходно спакувани мислења во рака, зачинети со нестручен бес. Многу политички приказни се шпекулирации и не се фокусираат на монументалните предизвици на државните и локалните власти во земјата. Од друга, страна, пак, сѐ повеќе се појавуваат медиуми, меѓу кои најголем процент се онлајн во кои има и интелигентни сатира, а сѐ повеќе блогови се фокусират на политиката.

Исто така има и многу глупости и тоа толку што можат бесконечно да обезбедат анегдоти, но политичкото новинарство е минато. Тоа дури беше и попрофесионално (земено од денешна дистанца), кога постоеа само неколку весници и неколку телевизи.

Се разбира, политичкото новинарство и во светот има познати проблеми, кои се многу стари колку и целата професија. Тоа новинарство останува зависно од тесен круг на авторитативни извори, кои главно ги претставуваат своите сопствени или интересите на нивната институција. Тоа бавно се бори со прашања како што се сиромаштијата, климатските промени и трансформацијата на нашата економија, приказни, кои, сепак, имаат мал импакт кај народот.

Новите проблеми се однесуваат на зголемената поларизација меѓу информациите кои новинарите ги „имаат“. Сѐ повеќе и повеќе граѓани не им веруваат на политичарите или новинарите кои известуваат за нив. Тоа предизвикува и често сурово намалувања во редакциите , но во обратна насока. Додека бројот на политичките новинари се зголемува, во намалување е бројот на новинари кои пишуваат за општа публика, за локалните власти, како и за повеќето специјализирани области на политиката како домување, животната средина и одбраната.

Овие се проблеми со кои треба да се занимаваат експертите. А главен и горлив проблем е тоа што политичкото новинарството повеќе се ориентира кон известување за неколкумина, а го изгуби чувството што сака мнозинството.

Се чини дека македонските новинари, како се зголемуваат изборните циклуси, сѐ повеќе се збунети. Го губат чувството за сегашност, за јавност, стануваат пристрасни, па дури на моменти не може да се забележи разлика помеѓу политичарот и новинарот кој известува.

Поради тоа Форумот на национални уредници во САД даде корисни насоки за новинарите кои ги покриваат изборите. Меѓу нив се вели дека за време на избори, кога граѓаните го даваат својот глас, новинарот не смее да пречи во нивната способност да го остварат својот избор.

Партиите мора да бидат во можност слободно да ја водат кампањата во било која област, а медиумите мора да одговорат на тоа и да бидат подеднакво слободни да ги покријат сите собири.

Слободниот проток на информации е од клучно значење за демократијата.

На репортерот мора да му биде обезбедено слободно да работи, без малтретирање, страв, или заплашување.

 

ДАЛИ ЗНАЕМЕ ЗА НОВИНАРСКИОТ ПРИРАЧНИК?

И во Македонија има новинарски прирачник за следење избори.

Во него се вели дека медиумите обезбедуваат информации за изборите на граѓаните. Бидејќи свеста на луѓето за изборите зависи во голема мера од содржините пласирани во медиумите, новинарите мора да известуваат со факти и непристрасно за платформите и кампањите на сите вклучени политички партии и кандидати, за гласачот да може да направи разлика помеѓу нив и да донесе информирани одлуки. Медиумите, исто така, мора да обезбедат толкување и анализа за настани и прашања, преку создавање простор за различни мислења на голем број колумнисти и коментатори.

Друга важна задача вклучува пренесување на информации од изборната комисија за да ги едуцира граѓаните за основните факти и за процесот на избори, за правата и обврските на гласачите, како да се регистрираат како гласачи, каде да гласаат, како да се обезбеди тајност на гласањето, кои се кандидатите од нивната изборна единица, итн.

Функцијата на медиумите е на „куче чувар“ во име на јавноста. Медиумите имаат задача да известуваат за какво било прекршување на правата на кандидатите или избирачите (вклучително и на правото за слобода на говор), корупцијата во изборниот процес и во процесот на гласање, прекршоци направени од страна на политичките партии, и пропустите на изборните органи.

Во правилникот исто така е посочено и дека:

Медиумите треба да бидат глас на гласачите. Изборите не се само за политичарите. Тие се од особена можност за обичните луѓе да проговорат и да ги идентификуваат проблемите кои тие сметаат дека се важни. Новинарите мора да излезат помеѓу луѓето и да обезбедат форум за обичните гласачи кои сакаат нешто да кажат, особено оние кои се двоумат, игнорираат, па дури и спречуваат да го искажат своето мислење.

Покривањето на изборите е битен дел од слободата на изразување. Како што изборите треба да бидат целосно слободни и демократски такво треба да биде и нивното покривање. Селективното или пристрасното покривање на изборите е анатема за демократијата. Но, за ова да се случи потребно е:

1. За вистинската слобода на изразување медиумите мора да бидат целосно слободни;

2. Покривањето на изборите не подразбира само известување за изборната кампањи и собири;

3. Новинарот преку покривањето на изборите станува гласник за сите мислења: вклучувајќи ги и оние кои промовираат демократија до оние кои се нејзини непријатели.

Во изборните кампањи секогаш ќе се најдат две страни.Новинарите не смеат да ја прекршуваат професионалната етика со искривување на фактите, пренагласување на одредени аспекти на приказната, наслови кои погрешно ја прикажуваат содржината на веста и, се разбира, целосно фабрикување на вести, цитати, луѓе и настани.

Но, дали е тоа така во Македонија. Иако сите новинари ги знаат овие правила, неретко, дури на последните два-три изборни циклуси и повеќе, се прави токму спротивното.

Сепак, мора да се забележи дека првите парламентарни демократски избори во Македонија беа пренесувани најпрофесионално досега. Новинарите тогаш си ја завршија задачата како што доликува и на ниво на професијата. Но, како одминуваше времето се чини дека сѐ повеќе паѓаше слободата во новинарството. Секако, за тоа беа виновни таканаречените „државни“ медиуми „Вечер“ и „Нова Македонија“, кои беа финансирани директно од буџетот, а со тоа и се подразбираше дека мора да работат за „мислењето“ на власта. Подоцна се појавија и нови „независни“ медиуми, кои направија некаков баланс во известувањето. Сепак, и тие беа под нечија капа, па макар тоа да била и финансиска, со што, иако можеби минимално, се нагласуваше едната страна од политичката приказна. Работите малку како да се променија со зголемувањето на понудата на медиуми во државата. Со новите весници и телевизии почна да се применува и „налепницата“ проопозициски и провладини, иако ниту еден медиум досега тоа не го потврдил. Во светот, пак, посебно во САД за време на избори повеќето медиуми јавно ја искажуваат својата наклонетост кон власта или кон опозицијата.

 

НЕДОЛИЧНИ ИЗБОРИ

Последниве, пак, неколку циклуси на избори во Македонија известувањето може да се оцени во најмала рака како недолично. Толку се измешаа лончињата што од извештај за митинг на некоја политичка партија се прави мини анализа. Притоа се додаваат заклучоци на новинарот или на уредникот сеедно, без да се испочитува ниту едно занаетско правило на професијата. Се нафрлуваат тези без одговори, се омаловажуваат противниците, се поставуваат прашања кои навидум треба да се реторички, но во нив скриено има некоја замка, некоја сензационалност, само за да се уништи противникот. (Кога зборуваме за противник се мисли на оној кој е од другата страна од навивањето на медиумот или новинарот). Сопствениците на медиуми и самите станаа политичари, а со тоа се подразбира дека и медиумот ќе застапува една политичка опција. Покрај самоцензурата, кај новинарите проработе и стравот за своето работно место и иднината.

Како и да е, новинарската работа не оди на арно во Македонија. Тука ќе посочиме два примера за да се види каде е „грешката“ која ја прават новинарите. Првиот обработува вест која покажува како треба навистина да се известува од митинг. А, втората е токму спротивното.

utrinskiУтрински весник: Фото: Пендаровски повика на масовна мобилизација на гласачите

Куманово – Стево Пендаровски, претседателскиот кандидат на СДСМ вечерва на митинг во Куманово повика на масовна мобилизација на гласачкото тело на 13 и 27 април.

„Излезете и гласајте да и кажеме збогум на оваа владејачка гарнитура“, рече Пендаровски.

Одговарајќи на прашања од публиката тој истакна дека е 24/7 подготвен за дуел, но како што рече од другата страна треба да се употреби хидраулика да се доведе кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ на соочување.

„Ако Иванов толку се плаши од дуел нека дојде заедно со Груевски, заедно да дебатираме“, изјави Пендаровски.

Тој рече дека кога ќе биде избран за претседател нема да има обезбедување и секојдневно ќе биде на располагање на граѓаните.

„Не ми треба обезбедување, бидејќи немам од што да се плашам. Мирно спијам зошто знам дека никому ништо лошо не сум направил“, рече Пендаровски.

И во оваа прилка тој го стави акцентот на масовното иселување од државата. Рече дека клучно решение за овој проблем е департизацијата на институциите за да се отвори простор за најдобрите и најспособни кадри.

02.04.2014, 20:56

Ова е класичен извештај од митинг, кој покажува, барем во најголема мера, како треба да се известува од еден ваков настан. Без додавки и придавки, само тоа што го кажал носителот на приказната, иако може, а текстов тоа не го нуди, да има и дел од атмосферата, изјави од граѓани на собирот и слични детаљи. Сепак ова е класичен (по учебник) текст за извештај од митинг.

vecerВечер: Пендаровски на гости кај Заев, Заев избега во охридско

Кандидатот за претседател на СДСМ, Стево Пендаровски, вчера одржа митинг во Гевгелија, а оствари и средби со граѓани во Дојран, Валандово и во Богданци.
Претходниот ден, пак, својата визија за извршување на функцијата претседател на Македонија ја образложи пред граѓаните на Струмица.

Пендаровски се осврна на состојбата во земјоделството и на незадоволството на земјоделците од, како што рече, се потешката борба за опстанок.

– Овие години се изнаслушавме за милионски суми евра кои се вложуваат во земјоделството. За жал, дури и субвенциите се делат на нивните земјоделци. За жал, во изминатите 20 години самостојност ниту една власт не направи мерки за земјоделството да стане стратешка гранка во државата – потенцира Пендаровски.

Според него, во Македонија има се поевидентна партиска поделеност.

– За членовите на СДСМ или од друга опозициска партија нема вработувања, нема социјална помош, ниту субвенции. Мора на 13 и на 27 април да и кажеме збогум на оваа фамилија, која во изминатите 10 години ја инсталираше партиската поделеност по сите основи – нагласи Пендаровски.

Тој ги истакна проблемите со социјалното раслојување и се поголемата имиграција од земјата. Пендаровски дебатираше со струмичани и одговараше на нивните прашања.
Пендаровски во Струмица не беше пречекан од лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој, истовремено, е и прв човек на градот. Наместо да му посака добредојде на кандидатот на најголемата опозициска партија, тој избра да оди на гости во охридските села Лешани, Мешеишта и Оровник, од каде што порача дека промените во Македонија ќе дојдат на овие избори и дека народот ги препознава и ги казнува сите кои под превезот на популизмот, како што рече, ја урнисаа државата.

01.04.2014

И ова е текст кој до половина е коректен и каде содржи се што треба да има еден новинарски извештај, да не е последниот пасус. Тој, пак покажува како не треба да завршува извештај, во смисла да се натураат сопствени мислења, без докази, факти, ниту, пак, без други елементарни потреби на еден новинарски извештај. Насловот е посебна приказна за тоа како може да се дезинформира.

 

ИЗВЕШТАЈОТ ТРЕБА ДА БИДЕ ТОЧЕН И ВИСТИНИТ

Значи, а како што пишува и во новинарскиот прирачник, мора да се избегне известување без да се проверат фактите, дури и ако информациите се објавени на друг медиум. Неоснованите обвинувања и навредливи говори не се невообичаени за време на изборните кампањи и затоа новинарите не треба да ги објават без да ѝ се овозможи на другата страна да ги коментира или да даде соодветен одговор. Само со одговорно новинарство може да им се овозможи на добро информираните гласачи слободно да одлучуваат. Непристрасноста и балансот се важни аспекти на новинарската одговорност. Не секогаш е можно да се направи секоја вест да биде еднакво избалансирана, но непристрасноста и балансот помеѓу конкурентните партии и кандидати може да се постигне преку поголем број вести кои ќе бидат објавени или емитувани за време на целиот изборен период.

Професионални новинари не треба да бидат наклонети на ниеден кандидат. Нивната задача е да поставуваат прашања во име на гласачите, да ги споредуваат одговорите, да презентираат различни мислења, и да дадат информација за заднината на настанот за да биде јавноста свесна за контекстот на веста. Со тоа тие ќе дадат можност на гласачите да разберат чии ставови и мислења најмногу имаат смисла за нив.

И, да заклучиме. Веста треба да биде точна, не само од аспект што ќе се запишат имињата на луѓето и местата како што треба и ќе се биде сигурен дека описите и цитатите се точни, туку, исто така, со ставање на информациите во одреден контекст и со давање акцент на важни настани и теми. Луѓето ја губат довербата во медиумите кога ќе увидат дека не можат да се потпрат на точноста на веста.

Новинарите не се единствените кои треба да бидат свесни за важноста на одговорното новинарство. Уредниците играат важна улога во обликувањето на медиумските содржини и треба да се стремат да обезбедат точност, непристрасност и избалансираност во покривањето на изборите.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).