verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Како информираат медиумите за трошењето на јавните пари

on 24 - 03 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански
Како се „крши“ касичката со фактичкиот прилив - основно медиумско прашање. Фото: Images Money, 2011
Како се „крши“ касичката со фактичкиот прилив – основно медиумско прашање. Фото: Images Money, 2011

 

Државата потребно е прво да ги има приливите на средствата или, во најдобра споредна варијанта, да е сигурна во динамиката на собирање на средствата, па да може да го планира трошењето. Тоa е едно од  суштествените прашањата што медиумите треба да го понудат како одговор на својата публика, односно да ги прашаат надлежните и за своите гледачи, слушатели и читатели  да добијат одговор.

 

Пишува: Светлана Вељановска, доц. д-р по меѓународно право

 

Апликацијата што ја објави МАНУ на својата интернет-страница каде преку бројчаник, сликовито го прикажуваше јавниот долг и неговиот пораст во реално време и без оглед на фактот што беше повлечена за кратко време, иницираше низа дебати околу трошењето на народните пари, меѓу другото и за тоа дали и колку надлежните се транспарентни во поглед на трошењето на буџетските средства. Дел од порталите ја пренесоа загриженоста на Светската банка која во својот последен извештај вели дека:

„Во поглед на ефикасноста на трошењето на јавните пари се идентификуваат значителни загуби кај земјоделските субвенции и здравството.“

 За здравството и за состојбата во овој сектор информираат дека:

„Ако се земат податоците од Државниот завод за статистика според кои БДП на Македонија во 2014 година изнесуваше 8,54 милијарди евра, тогаш излегува дека неплатените долговите во здравството од о,6% од БДП на крајот на 2014 година изнесувале 51,3 милиони евра.“

За земјоделството, пак, во истиот извештај, пренесен од друг медиум, стои дека Владата треба да размисли за намалување на обемот и за подобрување во таргетирањето на субвенциите во земјоделието.

„Владата на Македонија води многу дарежлива програма за земјоделски субвенции која опфаќа 90% од вкупниот буџет за земјоделието кој од 130 милиони во 2013 година е зголемен на 150 милиони евра во 2015 година. Земјоделските субвенции по хектар се над европскиот просек.“

Во контекст на актуелниот предизборен период некои медиуми пренесуваат изјави кои се однесуваат на дилемата на кој начин или, подобро речено, од кого ќе се контролира трошењето на јавните пари во време на изборите.

Исто така, и Специјалното јавно обвинителство е медиумска тема од аспект на трошење на буџетските пари. Па, така, за него може да се прочита дека:

„Според податоците содржани во завршната сметка за 2015 година, до крај на 2015 година се потрошени 13.542.671 денари или 21,4% од одобрените средства а до моментот на изготвувањето на овој извештај, од одобрените средства за 2016 година потрошени се 8.282.240 денари.“

 

ЗАДОЛЖУВАЊЕ СО ДВА МИЛИОНИ ЕВРА ДНЕВНО

Интересот за трошење на буџетските пари некои портали го насочуваат и кон специфична популација. Па, така, на „А1 он“ може да се прочита прилог во кој целна група за поставување на приоритетите за кои би се искористиле јавните средства, е женската популација. Најмногу од нив предлагаат средствата да се искористат за вработување и за намалување на сиромаштијата кај жените и кај младите, инфраструктурни проекти и слично. Забележливо е тоа што голем дел од жените не се интересираат за јавните финасии.

Прилог за трошењето на буџетските пари на општините направил  и порталот „Е-магазин“. Според него, најголем дел од парите на граѓаните во општините се трошат за плати на вработените и за тековни трошоци за функционирање на локалните власти – од 80 отсто  до 89 отсто.  Реализацијата на капиталните буџети е со многу мал процент, најчесто помалку од 30 проценти.

Тема на новинарска опсервација, најчесто во вторниците, е задолжувањето кое се прави од страна на Министерството за финансии, особено откако во него се инкорпорира техничкиот заменик-министер, па овие информации станаа подостапни за анализа. Според известувањата на медиумите, секој вторник државата се задолжува двојно повеќе отколку што треба да врати. Или, од први јануари се задолжува со два милиони евра дневно. Се истакнува фактот дека „за да функционира буџетот мора постојано да се задолжува. Јавниот долг е  47 отсто од домашниот бруто-производ (БДП) или во пари 4,2 милијарди евра. Во 2008 година беше 23 отсто од БДП или 1,56 милијарди евра. Владата е во магичниот круг во кој ако нема нови задолжувања, нема да има пари и за најосновното“.

Со оглед на фактот дека граѓаните на избори одлучуваат кому ќе ја дадат довербата да управува со средствата собрани од даноците, засега сè уште стои ставот дека поголем дел од граѓанството, барем во последниве десетина години, се согласува со трошковникот за градбите, субвенциите, мостовите, спомениците. Но, како што се одвиваат работите, наскоро можеби ќе се покаже дека е дискутабилна легитимноста на изборите во минатите циклуси. Тогаш на сцена ќе мора да стапи и одговорноста како единствена праведна опција за трошењето на јавните пари.

 

ПРИЛИВИ НА СРЕДСТВА И СИГУРНА ДИНАМИКА

Медиумите се местото каде се пласираат информациите за функционирањето на институциите и очекуваме од нив во наредниот период да бидат транспарентни и доследно, со почитување на сите новинарски стандарди, да одговорат на висината на својата задача: да бидат сервис за информирање на граѓаните, но и коректори на власта во интерес на целокупната јавност. А, јавните пари се тие што секој од нас ги депонира на различен начин во буџетот на државата, па сосема легитимно очекуваме и отчетност за нивното трошење. Бидејќи народните избраници се меѓу народот само кога треба да го добијат неговиот глас, тогаш не треба никого да чуди што најголеми се очекувањата од медиумите да дознаеме што се сè случува со нашите пари во меѓувреме – помеѓу два изборни циклуси.

Не знам дали сте слушнале за методот на распределба на парите за семејниот буџет, според кој сите наши потреби се поделени на шест најважни сегменти: основни потреби кои би требало да се околу 55 отсто од средствата со кои располагаме; по 10 отсто се наменети за образование, забава, заштеди и лични резерви и 5 отсто за други потреби. Овој метод има цел да ги научи „новите домаќини“ да почнат во животот, да ги ценат и да ги вреднуваат парите. Но, најпрво е важно да имате определена сума „ваши“ пари. Никаде во тој метод не стои дека е потребно да се задолжите со определена сума која потоа би ја распоредувале по процентите што се дадени.

Државата, исто така, потребно е прво да ги има приливите на средствата или во најдобра споредна варијанта, да е сигурна во динамиката на собирање на средствата, па да може да го планира трошењето. Тоa е едно од  суштествените прашањата што медиумите треба да го понудат како одговор на својата публика, односно да ги прашаат надлежните и за своите гледачи, слушатели и читатели  да добијат одговор.

Ако има обиди да се избегне вистината, имаат право да ги потсетат дека, всушност, и тие како и институциите постојат заради граѓаните, а не обратно, граѓаните поради власта и медиумите.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).