Како да се испере мозокот!
Објавено во Рецензии
on 19 - 10 - 2016 Автор: Владимир Мирчески[Рецензија: Прогноза на „букмејкерите“ за дербито на 11 декември: ВМРО ДПМНЕ – СДСМ = 10:0]
Урнек за пристрасно промо-четиво. Материјал што ги исполнува сите услови за да биде пример за тоа како не треба да изгледа професионален текст. Крајно дискутабилна вистинитост, во најголем дел анонимни извори, а и тие што се споменати се со партиска заднина, содржајност со ултранавивачка нота што, пак, подразбира висока пристрасност, многу коментари на место каде што не треба да бидат, преземен текст од друг портал… Училишен пример како не смее да се пишува.
Линк до оригиналниот напис: Прогноза на „букмејкерите“ за дербито на 11 декември: ВМРО ДПМНЕ – СДСМ = 10:0
Датум и време на објавување: 18.10.2016, 08:50
Датум на рецензирање: 18.10.2106
Рецензент: Владимир Мирчески
За вистинитоста!
Проблематична е од самиот почеток со употребените формулации. Како може да биде некој натпревар „дерби“ ако се прогонозира 10 спрема нула. Ако „типот“ е таков, тогаш тоа е како да играат, на пример, Реал Мадрид и, без навреда, Новаци. Јасно е дека тоа не е дерби. „Букмејкери“, хм?! Да, сме слушнале и постои политичко обложување, ама во овој случај прашањето е кои се тие „букмејкери“ и како дошле до таквиот коефициент. Сигурно се добри во својата работа штом се истурени во насловот. А, ако е така, зошто не се именувани наместо камуфлирани како политичките букмејкери во ликот и делото на неколку релевантни институти, аналитичари и експерти… Подолу, во чудна формулација, наведени се институтите „Димитрија Чуповски“, „Павел Шатев“… За жал, тие се релевантни само за владејачката партија поради нескриената поврзаност со неа. Се споменува анкетата на ИРИ, ама таа, секако, не покажува 10:0 за ВМРО-ДПМНЕ, туку дека 27 отсто од испитаниците би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, 18 отсто за СДСМ. Има разлика, нели?
За изворите!
„…вмровските политичари се интелектуално поподготвени, како личности похаризматични, како луѓе поприемчиви за обичниот македонски човек. Вмровците се луѓе од народот. По десет години на власт сеуште цврсто газат на земја“.
Чија е оваа констататација, на што се темели таквото епохално откритие? Па, макар да беа наведени вообичаените „дежурни“ аналитичари со фалби за власта и со желба за функција, како утешна награда за одработеното.
За содржајноста!
Ако еден текст зборува само во супералтиви за едната и ја омаловажува другата страна, тогаш содржајноста не може да е јака страна. Имало и обид за стилизирање преку фудбалски алегории, ама сепак фудбалската терминологија е впечатлива само за навивачката страна, како да се седи на трибината каде се „хардкор-поддржувачите“.
„ВМРО ДПМНЕ чекори во стратешки зацртаната насока и постепено но упорно и без откажување ја разгазува зацртаната патека без оглед на бројните препреки. Со една речиница, СДСМ го избира пократкиот и полесен пат ( затоа никако неможат да го најдат излезот од лавиринтот ). ВМРО ДПМНЕ гази по патот за кој секој во партијата верува дека е вистинскиот“.
За пристрасноста!
Ах, за пристрасноста, што да се каже, а да не се заборави некој епитет: подлизурковски напис, фалбаџиски, некритичен, необјективен, пропагандистички памфлет….
„Во оваа организирана партиска структура се напредува на база на квалитет. Образование, трудољубивост, посветеност. Со фудбалски речник, ВМРО ДПМНЕ гази како Баерн Минхен. Не е мит дека Груевски и тимот околу него работат 24/7“.
За коментирањето!
„Со фудбалски јазик кажано, тимот на Груевски игра пресинг во текот на целиот меч. Кондиција не му недостига. Дава голови и игра фудбал за публика. Има контрола на теренот, прецизни додавања, брзи контри, удари на гол, пречки, стативи и погодоци. Брзо се трансформира од одбрана во напад и обратно. Игра на победа и победува.
Тимот на Зеав игра без концепт, ја пимпла и лесно ја губи топката. Не трча доволно, се движи бавно на теренот, играчите солираат оти се замислуваат ѕвезди.Тренерот нема идеја и тешко се создава шанса. Тимот игра грубо, со многу фаули и неспортски потези, бара помош од судијата а на публиката…“
Искрено, сепак, некој се намачил, тоа мора да се признае. Се внел во жаргонот на еден фудбалер, како да се прави муабет на стадион, а не пред публика, преку текст што треба да даде информација, а не да глорифицира власт која речиси десет и пол години ја тресе Македонија. Личните ставови се за колумни и јасно обележани коментари, а не за фалбаџиски фермани прикажани како некаква си анализа.
За оригиналноста!
Ја нема. Написот е преземен во целост при што коректно е наведен изворот.
За заклучок!
Врз основа на кажаното, може ли нешто да се рече, пригодно со фудбалски речник?! Многу дриблање, а ич новинарство!
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
не може да се утврди
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
делумно
анонимни
нерелевантни
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
целосна копија
наведен извор без линк
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
не информира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
нема мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
стилски уреден
неповрзан со тагови