Известување за партиските собири: Глорификација на ВМРО-ДПМНЕ, минимизација на СДСМ!
Објавено во Анализи
on 28 - 10 - 2016 Автор: Влатко Стојановски
Известувањето за јавните собири од секаков карактер мора да биде сеопфатна слика за реалноста на терен, но истовремено новинарот мора да се труди да ги утврди главните пораки од говорниците, пренесувајќи ги јасно, концизно и илустративно, и да изнесе најкоректна проценка за присутност, колку што тоа е можно
Пишува: Влатко Стојановски
Непосредно пред распуштањето на парламентот, и двете најголеми политички партии одржаа народни собири за да демонстрираат капацитет дека можат да го мобилизираат членството и, во пресрет на изборите што треба да се одржат на 11 декември, да испратат порака дека народот е на нивна страна.
Коалицијата што гравитира околу опозицискиот СДСМ, заедно со интелектуалци, уметници, новинари, на 11 Октомври – Денот на антифашистичката народно-ослободителната борба, организираше протестен марш под мотото „Борбата продолжува, гласот победува“, кој почна од објектот каде е сместено Специјалното јавно обвинителство, а заврши пред зградата на законодавниот дом.
Како одговор на тоа, пак, владејачката ВМРО-ДПМНЕ организираше таканаречен „Викенд на отчетност“, во чии рамки се одржаа серија трибини во петок и во сабота (14 и 15 октомври) во Македонска опера и балет, на кои луѓе од партијата и надвор од неа говореа на повеќе теми, а активностите кулминираа во недела (16 октомври) со собир во салата „Борис Трајковски“.
Ако се анализира начинот и манирот на известување за двата настани, многу медиуми со провладина профилираност му посветија целосно внимание на собирот на власта, пренесувајќи ги сите важни и неважни пораки и нагласувајќи го „масовното присуство“, додека тој на опозицијата или го игнорираа или го девалвираа. Како, всушност, медиумите треба да ги третираат овие настани?
ЦЕЛОСНА ПОКРИЕНОСТ
Еден од медиумите што го глорификуваше собирот на ВМРО-ДПМНЕ, а го минимизираше маршот на СДСМ, е интернет-порталот „Денешен весник“, кој отстапи десеткратно повеќе простор за митингот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, а оној на опозицијата го опфати со неколку куси текстови со критички осврт, без притоа да се пренесе и основната порака на организаторите.
На 16 октомври, денот на кој се одржа митингот на владејачката партија, на „Денешен весник“ (denesen.mk) прво во 13.30 часот беше објавена најава дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во 15 часот ќе се обрати пред присутните, иако во претходните денови тоа беше официјално соопштено од партијата.
Само еден час подоцна, околу 14.30 часот, на „Денешен“ осамна повик читателите во живо да ја следат толпата што се упатуваше кон салата „Борис Трајковски“, што беше проследено со низа фотографии и со два кратки видеозаписи, а од преносот во живо сè уште може да се види уште едно двочасовна видеоснимка од целокупниот настан, почнувајќи од движењето на луѓето по булеварот Илинденска до салата, сè до целиот едночасовен говор на Груевски.
Веќе во следната објава, порталот изнесува проценка дека на собирот присуствуваат околу 35.000 луѓе, при што забележува: „Целиот простор пред салата е веќе речиси исполнет, а групи граѓани продолжуваат да доаѓаат од сите страни. Упатените велат дека доколку собирот бил на отворено, тогаш бројката би била и поголема, со оглед на ограничениот простор во салата“.
Но, интернет-порталот не наведува на што ја темели проценката, ниту ја образложува бројката, имајќи предвид дека салата има 8.000 седишта, па сосе просторот за стоење, вкупниот капацитет не би можел да надмине многу повеќе од 15.000 луѓе.
По тоа, медиумот веќе почна да пренесува делови од говорот на Груевски по хронолошки ред, почнувајќи со неговата порака дека ВМРО-ДПМНЕ на следните избори ќе освои убедлива победа со мнозинство од 63 пратеници во парламентот, за да не дозволи, како што вели, пазарење за иднината на државата.
Следната вест со наслов „Груевски: 11-ти декември е денот кога целиот народ ќе покаже дека Македонија има сила“, впрочем претставува проширена верзија на претходната, со единствена разлика што се конкретизираат обвинувањата кон политичкиот противник, така што двете објави слободно можеле да се фузионираат во една.
Потоа, се пренесуваат две вести од средината на говорот на Груевски, кој беседи со поблаг тон, заменувајќи ги нападите кон опозицијата со истакнување на сопствените постигнувања, па во таа насока тој ветува четири нови инвестиции и ја најавува најобемна предизборна програма досега – и двете вести речиси интегрално пренесени, наместо да се извлечат главните и ударните поенти.
На крајот, порталот повторно ги пренесува нападите кон опозицијата на кои се навраќа Груевски, но овојпат во подиректна форма, дека Заев бара изборна победа за да го промени името, да воведе двојазичност и да ја федерализира државата.
И, последната објава на порталот за настанот повторно содржи фалба дека партијата на Груевски отворила 160.000 нови работни места и инвестирала милионски средства во инфраструткура и во енергетика.
ПАРЦИЈАЛНА РЕАЛНОСТ
Како сето тоа да не е доволно, па интернет-порталот и наредниот ден (17 октомври) потсетува на собирот на ВМРО-ДПМНЕ во текст со наслов „Потребни се 63 пратеници за никој да не може да не уценува“, во кој нема ништо ново, туку само се пренесува дел од говорот на Груевски, без никаков повод.
Истиот ден, дури и интегрално, од збор до збор се пренесува соопштение од ВМРО-ДПМНЕ дека на СДСМ му се случил народ претходниот ден, без воедно да се даде ниту една реченица од соопштението на СДСМ, на кое, всушност, се однесува реакцијата, па читателите добиваат впечаток дека не станува збор за реакција, туку за соопштување став.
Од друга страна, „Денешен весник“ скудно известуваше за антивладиниот протест на опозицијата на 11 октомври. Ако за собирот на ВМРО-ДПМНЕ објави повеќе од 10 афирмативни текстови, за опозицискиот собир објавија само една вест со наслов „Само 7.000 до 8.000 граѓани се појавија на помпезно најавуваниот и скапо платениот марш на СДСМ/Сорос“.
Во самиот текст не е пренесена ниту една од пораките што ја испратија водачите на протесниот марш, кои говореа на бината, меѓу кои главната порака што лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ја упати кон функционерите во власта дека ќе ги вратат сите украдени пари.
Како што може да се види од самиот наслов на „Денешен весник“, акцентот на текстот е ставен на присутноста, односно дека на овој собир присуствувале неколкупати помалку луѓе отколку на тој на ВМРО-ДПМНЕ, иако, како што се вели и во самиот наслов, организаторите потрошиле многу пари.
За да се поткрепи проценката дека на собирот присуствувале малку луѓе, текстот е опремен со фотографии фатени од агол преку кој навистина се добива импресија за мала присутност, но таков ракурс не може да даде целосна слика.
Покрај тоа, самиот наслов содржи конструкција дека организатор на протестот е СДСМ/Сорос, алудирајќи дека протестот во голема мера е организиран од невладините организации финансирани од Фондацијата „Отворено општество“ Македонија (ФООМ) и покрај тоа што како организатори јавно се легитимираа лидерот на СДСМ, Заев, и повеќемина интелектуалци, уметници, активисти, меѓу кои Златко Ориѓански, Бени Шаќири, Ирена Ристиќ…
Исто така, во текстот дадени се фотографии со автобуси, за да се засили впечатокот дека и тие што дошле, дошле организирано од внатрешноста, а не од Скопје, при што, без никакво наведување извор, стои дека најмногу луѓе дошле со организиран превоз од Струмица и од Куманово, бидејќи градоначалниците на овие општини од СДСМ ги уцениле вработените, што е сериозно обвинување за да се изнесе во јавноста без поткрепа.
И згора на сè, фокусот на објавените фотографии е врз албански знамиња, за да се поткрепи тезата на власта дека кога ќе дојде на власт СДСМ, освен што ќе го промени името, ќе воведе двојазичност и ќе ја федерализира земјата.
Но, во изборот на фотографии на „Денешен весник“ беше занемарена фактичката реалност, која говори дека на собирот доминираа македонски знамиња, а можеа да се сретнат и други симболи, како ѕвездата и петокраката.
Воедно, во архивата на овој медиум никаде не може да се најде ставот и реакцијата на СДСМ дека не планира проширување на употребата на јазиците повеќе од она што во моментов е регулирано во Уставот и законите, туку само дека ќе се залагаат за почитување на постојната законска регулатива во овој сегмент.
ШТО ВЕЛАТ СТАНДАРДИТЕ?
Кога новинарот известува за говор, во новинарската практика не се препорачува да направи целосен транскрипт на говорот, туку само од најважните делови и детали. Притоа, не треба слепо да го следи текот на говорот на говорникот, кој има своја агенда и интерес што најчесто не кореспондираат со интересот на јавноста. Затоа, новинарот мора внимателно да ја определи највредната идеја на говорникот и да ги елиминира сите негови безначајни зборови со кои се кити.
Токму оваа фокусна идеја го определува аголот на известувањето. Новинарот треба да ги одбере и најсилните цитати, во кои се содржи некоја нова информација, личниот став и чувствата на говорникот, при што дозволено е редактирање и интервенција, ама без менување на смислата и на суштината на кажаното. Важните говори на битни настани неминовно предизвикуваат реакции од политички противници и засегнати лица, кои, исто така, мора да добијат публицитет.
Кога се известува за митинг или друг вид собир, присуството на новинарот на терен е задолжително и тој е во улога на сведок. Во таква ситуација, новинарот што присуствува мора да биде неутрален, за да известува објективно и непристрасно. Освен што новинарот треба да ја опише сцената и автентично да ја пренесе атмосферата, доста специфична работа е процената за бројот на присутните.
Како безболна варијанта се смета да се пренесе процената на организаторот, со јасна атрибуција, но таа не е точна, со оглед дека организаторите секогаш кажуваат дека имаат повеќе народ отколку што е во реалноста, за да прикажат масовна поддршка. Затоа, се препорачува новинарот да ја ревидира проценката од организаторот со консултации со искусни колеги новинари или фоторепортери, кои често следеле вакви настани, како и да ја стави во корелација со агенциските извештаи.
Според Законот за јавни собири, организаторите може да го известат Министерството за внатрешни работи за да се грижи за безбедноста на митингот. Овој владин ресор за интерни потреби користи една груба формула за определување на бројот на луѓе на собир што го обезбедуваат. Полициските служби сметаат дека на еден квадратен метар, при нормална густина, има четири-пет луѓе, па овие податоци често ги добиваат и полициските службеници на терен, преку кои може да ги разбере и новинарот.
Доколку, сепак, новинарот не е во можност да обезбеди приближно прецизна бројка и не сака да напаѓа, тогаш се користат општи и неодредени формулации од типот „стотина присутни“, „неколку илјади граѓани“ и слично. Таков пристап одбрал новинарот во следниот извештај, кој претставува пример за коректен извештај од јавен собир.
Инаку, извештаите мора да бидат точни, прецизни и сеопфатни и да одговорат на сите прашања (кој, што, кога, каде, како и зошто?). Меѓутоа, од оваа анализа произлегува дека некои медиуми ептен сериозно си ја сфаќаат оваа задача, па извештаите за ВМРО-ДПМНЕ се сто отсто сеопфатни, честопати со интегрално пренесени говори, без да се извлечат главните пораки, додека оние за СДСМ и за опозицијата не само што не даваат одговор на основните прашања, туку се во функција на црна пропаганда.