Известување или медиумско судење?
Објавено во Рецензии
on 19 - 09 - 2016 Автор: Александар ПешевКоментаторскиот и тендециозен наслов, практично го најавува написот кој е во ист стил. Едностраноста се забележува во изоставените изјави од денот на настанот. Политичката пристрасност е јасна од коментарите, а забележливи се и обидите за лична дискредитација.
Линк до оригиналниот напис: Специјален циркус од Обвинителството: Катица не слушнала за благодарницата на Верушевска
Датум и време на објавување: 16.09.2016
Датум на рецензирање: 17.09.2016
Рецензент: Александар Пешев
Веднаш под насловот кој го дискредитира Специјалното јавно обвинителство на тој начин што го опишува како специјален циркус, има краток видеозапис насловен „Јанева не слушнала за благодарноста на Верушевска до Заев“. Прашањето насочено кон специјалниот јавен обвинител е како ја коментира благодарност до Заев од страна на сопругата на Зоран Верушевски, на што Катица Јанева одговара дека нема слушнато за такво нешто. Веднаш потоа следуваат првите коментари.
„Обвинетите за најтешки дела против државата во случајот „Пуч“, Зоран Заев и Зоран Верушевски, по завршување на денешното рочиште се упатија на заеднички ручек во ресторанот „Ла Тераца“ на скопскиот плоштад, уживајќи во ноншалантноста на Катица Јанева, која бара мерки за обезбедување само кон функционери на владејачката партија“.
Лидот на текстот остава впечаток на „чаршиски муабет“ и првенствено се отвора прашањето за точноста на информациите, имајќи предвид дека не е наведен извор. Понатаму, се поставува прашање за релевантноста на ваквата информација: зошто дадената непотврдена информација е важна за публиката? Евидентни се атрибуциите кои даваат негативен набој насочен кон именуваните личности. Додавањето придавки како „најтешки“ (дела против државата) и „ноншалантноста“ (на Катица Јанева), укажуваат на обид за лична дискредитација. Не изостануваат ни коментарите за пристрасност на главниот обвинител, поточно дека Јанева „бара мерки за обезбедување само кон функционери на владејачката партија“. Не е наведена анализа или објаснување на ваквото тврдење, кое, случајно или не, се совпаѓа со ставот во партиските соопштенија на ВМРО-ДПМНЕ дека СЈО работи за СДСМ.
Притоа, се прави обид во текстот тоа да се оправда со тековни судски процеси:
„Имено, градоначалникот на Битола, Владимир Талевски, веќе трет месец, на барање на Јанева, се наоѓа во притвор иако Општината плаќала тројно пониска цена на превозот од Општина Струмица со која раководи нејзиниот наредбодавец Зоран Заев“.
Повторно коментари слични на партиски ставови и нејасно ширење на темата. Во комбинација со „Пуч“ се редат идентично обвинувања, кои пратеник и член на ВМРО-ДПМНЕ ги изнесуваше на партиска прес-конференција.
Коментарот во продолжение дополнително укажува на политичка пристрасност во текстот:
„За разлика од Талевски, иако предметот „Пуч“ е многу посериозен, а незаконските снимки со кои располага тандемот Верушевски- Заев се препродаваат, објавуваат на интернет и служат за уцени, Катица Јанева не смета дека тие треба да се најдат во притвор“.
Тука се поставуваат серија прашања:
- Како е утврдено дека предметот „Пуч“ е многу посериозен? Кој го вели тоа и кој има направено таква проценка?;
- Кој потврдил дека „незаконските снимки со кои располага тандемот Верушевски – Заев се препродаваат, објавуваат на интернет и служат за уцени“? Ако постојат докази за вакви постапки, тоа е истражувачка тема која треба да биде презентирана заедно со доказите, а не да се дава празен коментар;
- Од каде знае авторот што смета Катица Јанева, особено кога не се презентирани информации дека специјалната јавна обвинителка била прашана за ставот околу притворот за одредени осомничени?
Во контекст на овие забелешки, вреди да се посочи кон првиот член од Кодексот на новинари:
Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.
Текстот продолжува со директен коментар на тековен судски процес:
„За Катица Јанева е недоволен и аргументот што еден од инволвираните во скандалот со незаконското прислушување го призна делото и затоа доби спогодбена казна затвор во времетраење од 4 години“.
Медиумот јасно се става во улога на адвокат и преку коментар сугерира како треба да постапува специјалниот јавен обвинител, што повторно е во спротивност со стандардите, конкретно со член 8 од Кодексот:
Во судските постапки треба да се почитува принципот на презумција на невиност, да се известува за сите инволвирани страни во спорот и да не се сугерира пресуда.
Како квази-доказ се употребува статус од социјалните мрежи, во кој нема елементи за тековниот судски процес туку пофалби за лидерот на опозицијата, а авторот не е наведен со целосно презиме. Текстот се заокружува со коментар дека „Врв на апсурдноста беше одговорот на Катица Јанева на новинарско прашање, дека не слушнала за изјавата на сопругата на Верушевски, Соња Верушевска, која јавно му заблагодари на Заев што го ослободил Верушевски од притвор“.
Со тоа станува појасно дека на јавноста ѝ е понуден текст кој е полн со непрофесионалност, со коментари, атрибуции насочени кон лична дискредитација, јасна едностраност и со необезбедени или неискористени изјави кои биле дадени на денот на настанот.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
нема факти
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
Не
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
не апликативно
има контекстуални линкови
стилски уреден
поврзан со тагови