Избрзани констатации, погрешен резултат
Објавено во Рецензии
on 13 - 10 - 2016 Автор: Fatlume Dervishi
Напис: Ексклузивно: Специјалното јавно обвинителство потфрли, претставници на ДУИ и на ДПА повикани во Амбасадата на САД
Претставници од албанските партии ДУИ и ДПА се поканети на разговор во Амбасадата на САД во Скопје.
Средбата следува по вчерашното гласање за предлозите на Специјалното jавно oбвинителство за законски измени, од кои ниеден не беше усвоен. СЈО произлезе од Договорот од Пржино, а САД се нивен гарант, известува „Нова“.
Вчера, пак, амбасадата на САД во Скопје излезе и со официјална изјава, која гласи:
„Отчетот за неовластените прислушувања и сомнежи за злоупотреби е од суштинска важност за да може Македонија да излезе од продолжената криза. Веруваме дека барањата на СЈО се правилни за независна истрага и врз основа на фактите“, се вели во реакцијата на американската амбасада во Скопје.
[Рецензија: „Ексклузивно: Специјалното јавно обвинителство потфрли, претставници на ДУИ и на ДПА повикани во Амбасадата на САД“]
Грешките се прифатливи и во новинарската професија, иако одговорноста за нив е многу висока. Обично медиумите грешат поради временскиот притисок, во неможност да се потврди информацијата, како и поради брзањето за да се обезбеди ексклузивна содржина што ја нема ниту еден друг медиум. Меѓутоа, намерните пропусти се професионално непростливи.
Линк до оригиналниот напис: „Ексклузивно: Специјалното јавно обвинителство потфрли, претставници на ДУИ и на ДПА повикани во Амбасадата на САД“
Датум и време на објавување: 05.06.2016
Датум на рецензирање 06.10.2016
Рецензент: Фатлуме Дервиши
Информацијата што ја пренесува написот е важна, особено за последните случувања во врска со СЈО, како и нивната поврзаност со политиката на двете спомнати партии. Но, неколку проблеми во изградбата на содржината го прават написот несериозен, без разлика на сериозноста на прашањето. Поради „неуспехот“ на неколкуте предлог-закони потребни за работата на Специјалното обвинителство, во насловот на текстот се спомнува дека потфрлило самото Специјално обвинителство. Ова не е вистина, но е ставено во насловот за да се привлече внимание.
„Претставници од албанските партии ДУИ и ДПА се поканети на разговор во Амбасадата на САД во Скопје. Средбата следува по вчерашното гласање за предлозите на Специјалното јавно обвинителство за законски измени, од кои ниеден не беше усвоен. СЈО произлезе од Договорот од Пржино, а САД се нивен гарант, известува „Нова“.“
Како што произлегува од содржината, информацијата не е потврдена, ниту од двете спомнати партии ДУИ и ДПА, ниту од Амбасадата на САД во Скопје. Ако не успеал да ја потврди информацијата, а од друга страна имал доволно показатели дека информацијата е вистинита за да се објави, авторот требало да се обиде да ги праша спомнатите субјекти и да посочи во самиот текст дека не добил одговор, се разбира ако имало таков случај.
Доколку новинарот смета дека недокажаната информација е од јавен интерес, тој е обврзан да ја објави, но нагласувајќи дека станува збор за непотврдена информација.
Новинарот може да објави нешто за што нема толку докази, но за кое има доволно индикации дека е вистинито, односно нешто за кое постои основано сомнение. Основаното сомнение подразбира презентирање на аргументи кои се оправдани и што се индикација дека нешто е вистина, без да се има конкретни докази за вистинитоста.
Ставот на Амбасадата на САД што е пренесен е во рамки на темата, важен е и дава дополнителни информации за целото прашање, меѓутоа не ја потврдува средбата што се вели дека се одржала.
Сосема на крај треба да се оспори и првиот збор на написот, односно во насловот, „Ексклузивно“. Всушност целата содржина го оспорува тоа, бидејќи се цитира „Нова“, портал од каде што е преземена „ексклузивната“ информација. Една информација, која претходно е објавена од други медиуми, не може да биде ексклузивна.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
неофицијални
релевантни,
не може да се утврди
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
лажни информации
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
издвоено од фактите
ПЛАГИЈАТ
целосна копија
наведен извор без линк
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
наведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
нема мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
стилски уреден
неповрзан со тагови