verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Изборите секогаш се најголемиот тест за етиката на новинарите!

on 6 - 12 - 2015       

 

journalist-985077_1920-текст-инсиде-003финал

 

Новинарот постојано е изложен на прикриени или отворени притисоци од извори што сакаат да наметнат своја вистина, да остварат само свои цели. Притисоците се најчести и најсилни од власта – државната, нејзините институции, но и од политичките и од бизнис-центри на моќ и од поединци поврзани со нив, вклучувајќи ги тука и сопствениците на медиумите, а сето особено видливо за време на избори. Тогаш, кој е механизмот за одбрана на професионалното извршување на дејноста?

 

Пишува: д-р Дејан Доневвонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите

 

Медиумите, со целата своја активност, мораат да бидат креативен, демократски и комуникациски фактор, придвижувач на динамичната плурална политичка комуникација, која им е гарантирана врз основа на слободата на изразување, а која, пак, подразбира право на „слободна дебата и слободна критика на партиско-политичките, граѓанските и приватно-корпорациските чинители“. Истите, и покрај сиот притисок, манипулација, пропаганда и деградација на професијата однадвор, мораат да се борат за фер, демократски, легални и легитимни избори, да создаваат атмосфера во која изборите ќе се одвиваат мирно и регуларно, т.е. изборите програмски да ги покриваатвистинито, праведно и избалансирано“. Истото можат да го постигнат единствено ако прифатат и сфатат дека граѓанинот е основниот субјект на политичкиот и на изборниот процес, потоа дека изборите, од една страна, се потврда за степенот на демократизација на општеството, а од друга, стимуланс за понатамошно демократизирање на општествените односи и дека ним им е оставено чесно и квалитетно да ја извршуваат својата работа во севкупниот изборен процес.

Како што наведува поранешниот генерален секретар на Меѓународната федерација на новинари, Ајдан Вајт,

„предизвикот за објективноста, непристрасноста и балансот во новинарството е нешто со што новинарите се соочуваат секојдневно, но не постои поголем тест за професионалноста отколку оној што се наметнува за време на жестоки политички избори. Изборите, исто така, претставуваат тест за политичката заложба за демократија. Тоа е период кога импулсот да се манипулира со медиумите и да се контролираат информациите е најсилен меѓу партиите на власт, како и од страна на политичките лидери кои се кандидираат за членови на кабинетите.“

Логично, се наметнува прашањето: што е она што треба да го прават медиумите за време на изборните кампањи, самите избори и во постизборниот процес, од аспект не само на тековниот морал, туку најмногу од призмата на етичкиот механизам за дејствување? За оваа цел, т.е. за оваа анализа, можеби најдобра илустрација ќе се најде во повикот на Александар Писарев до своите колеги – новинари со кој ја почнува својата Новинарска лекција од 20 март 2014 година:

„Ајде да направиме сѐ што е во наша моќ за да го запреме понатамошното уривање на кредибилитетот на нашата професија, бидејќи тоа е од најголемо значење за развојот и за зацврстувањето на демократијата, човековите и на граѓанските права и слободи во Македонија.“

Истиот, подигнат на повисоко, теориско ниво, значи дека „уредничката самостојност, интегритетот и професионализмот претставуваат темели на доследно покривање на изборите. Недостигот од новинарска автономија или одговорност, во комбинација со премногу хомоген медиумски пејсаж, може да наштети на резултатите од изборите“.

Токму затоа изборното известување мора да почива на темелните начела на професионалното новинарство, а кои најдобро ги има дефинирано американскиот научник Ленс Бенет (Lance W. Bennett), бидејќи во спротивно професијата назадува.

Се работи за:

  • вистинитост;
  • точност;
  • чесност;
  • непристрасност;
  • избалансираност.

Вистинитоста и точноста се, секако, неспорни категории во известувањето, иако дури и овие, многу јасни и недвосмислени, стануваат двосмислени, погрешно се толкувани и стануваат непримерно применети. Во изборното известување овие недоразбирања стануваат опасно воочливи и можат да предизвикаат искривени перцепции во јавноста за случувањата, што би значело дека луѓето ја губат довербата во медиумите кога ќе увидат дека не можат да се потпрат на точноста и на вистинитоста на веста.

Чесноста како категорија ја замени досегашната толку многу апострофирана  објективност, затоа што се разбра дека објективноста тешко може да се достигне, па дури и во природните науки, а камоли во известувањето каде што новинарот е силна личност со свој цврсто изграден поглед на светот и кој, сакајќи или несакајќи, има свое влијание врз известувањето. Значи, чесноста е новата категорија, тешко дофатлив идеал во известувањето, но кој би требало да биде вграден во самиот новинарски хабитус, затоа што новинарот кој не е чесен и кој не се служи со чесни методи, не би смеел да биде новинар.

Непристрасноста е важна затоа што изборите се процесот на кој најмногу се внимава дали новинарот зазема одредена страна или, пак, не затоа што во спротивно многу јасно се извршува повреда на професионалните и етичките стандарди на дејноста, а кои подразбираат новинарот да обезбеди дистанца од политичките субјекти, а известувањето за политичките процеси, особено кога се работи за изборите, да биде непристрасно и балансирано. Селективното или пристрасното покривање на изборите е анатема за демократијата!

Избалансираноста на известувањето ја дополнува таа слика на професионализмот. Оттука од известувачот се очекува да го прикаже она што се случува, а со тоа и да го подигне кредибилитетот за она што го извршува како професија. Иако не секогаш е можно да се направи секоја вест да биде еднакво избалансирана, балансот меѓу конкурентните партии и кандидати може да се постигне преку поголем број вести кои ќе бидат објавени или емитувани за време на целиот изборен период.

На крај, сето претходно со еден дел укажува дека медиумите имаат незаменлива улога во соодветното функционирање на демократијата. Точното, чесното, избалансираното и непристрасното новинарско известување за изборите е клучен показател за демократијата, особено во земјите во транзиција, за кои сѐ уште се чини дека се оптоварени со старите социјалистички сфаќања за улогата и за влијанието на политичарите, а истовремено тежнеат кон демократски избори. Токму затоа изборите во бројни постсоцијалистички земји се добар пример за тоа како демократијата уште е кршлива и ранлива, т.е. како старите и добро познати политички методи од социјалистичкото доба сѐ уште „на драго срце“ се применуваат. Оттука, изборите секогаш се најголемиот тест за етиката на новинарите!

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).