verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Исландската Агора – далечен или близок сон?

on 15 - 04 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански
Брза оставка под притисок: поранешниот премиер на Исланд, Сигмундур Давид Гунлаугсон. Фото: Кабинет на премиерот, 2015-16
Брза оставка под притисок: поранешниот премиер на Исланд, Сигмундур Давид Гунлаугсон. Фото: Кабинет на премиерот, 2015-16

 

Дали знаете зошто Исланѓаните така бргу го срушија својот премиер, докажан корисник на финансиски офшор-услуги во Панама? Најнапред, поради неговото небулозно интервју за една шведска телевизија! Но, претходно, пред неколку месеци, Исланѓаните, преку социјалните мрежи и медиумите, јавно се изјаснуваа за новиот Устав, кој е донесен со општа согласност – 67 отсто од граѓаните. По неизглумениот ТВ Хајд парк, рекле „да“ за новиот основен акт на граѓаните. Медиумите навистина можат да го направат општеството блиско до античкиот идеал на агората, но и да го претворат во масовна зандана

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Светската јавност беше изненадена од тоа колку народот на Исланд бргу реагираше на сознанието дека нивниот премиер имал финансиски тантиеми од вложување во панамски офшор-зони. Околу 10.000 илјади луѓе со излегувањето на улица го натераа премиерот, кому тешко му се изговара името – Сигмундур Давид Гунлаугсон, да поднесе отставка. Островот кој има 330.000 жители, несомнено дури и по социјалните мрежи може да се „загрее“ или „олади“ за некоја работа, но да не беше закажаното интервју на сега експремиерот со една шведска ТВ-екипа (SVT), секако дека можеби ќе реагирашe побавно или можеби помлако. Вака, начинот на кој Гунлаугсон се обиде најпрвин да ја одбегне темата, велејќи дека е измамен со поканата за интервју, станувањето од столот, обидот да се прекине разговорот и по опомената дека тој е должен да одговара и на непријатни прашања или обидот да го негира постоење на такви докази, му го урнисаа угледот меѓу сограѓаните. Од претпладневното интервју до попладневните демонстрации помина само половина работен ден, а малата исландска нација веќе во приличен број излезе на улица (процените одеа до 10.000 демонстранти, што за исландски услови е навистина „солидна бројка“).

Секако дека освен модерните медиуми и високата демократска свест на локалното население, една добитна комбинација, своја улога во брзата промена на кормилото на Владата, си одигра „тушот“ кога народот се закани дека ќе пристапи кон неплаќање на даноците (како и нивниот премиер!) или дека ќе почне собирање на потписи за организирање на брзи, нови избори.

 

ДЕЛИБЕРАТИВНА ДЕМОКРАТИЈА

Факт е, меѓутоа, дека Исланѓаните дојдоа до идеја за иднината на земјата неколку месеци претходно, во надминувањето на кризата преку процес кој се нарекува „општествен експеримент“, а некаде и „исландски утописки експеримент“. Тоа е форма преку која општеството се претвора во политичка заедница и каде низ општо проверување на мислењата, а, се разбира, со голема помош на медиумите при тоа, се добива за резултат солуција која ужива најголема поддршка.

Кога Исланѓаните по нивната финансиска криза размислувале од каде да почне заздравувањето на земјата, преку масовно тестирање одлучиле да почнат од промена на основниот акт – Уставот. Во неговото креирање, исто така, масовно учество имало населението.

Оваа форма на демократија е резултат на тоа што и преку демократски избори на власт се менуваат одредени елити, кои себично си ги задоволуваат своите потреби. Решението е побарано во т.н делиберативна демократија, која потекнува од 80-тите години на минатиот век, како резултат на истражувањата што ги спровел Кенет Ероу (94). Неговите најзначајни дела се придонес кон теоријата за социјален избор, т.н. особено „теоријата за неможноста“ и неговата работа на општа анализа на рамнотежата. Тој, исто така, обезбеди основи во многу други области на економијата, вклучувајќи ја ендогената теорија на пораст и економијата на информации.

 

ПРЕФЕРЕНЦИЈАЛОТ НА ГЛАСАЧИТЕ

Тој покажа дека постои механизам за собирање на „преференцијалот на гласачите“, што треба секои фер и демократски избори да мора го задоволат како процедура и критериум. Имено, суштината  – очекувањето на избирачите, го заменува простото избирање на свои претставници во нивно име.

Медиумите, при тоа, имаат суштинско место да дадат глас на сите различности кои постојат кај очекувањата на гласачите, но не како избор за партиски програми или поединци кои ги претставуваат партиите, туку како еднаквост на очекувањата и предлозите и право да се бранат своите ставови во толерантна атмосфера. Притоа, се користи и компјутерот, преку неговиот случаен (но не и наместен) избор на поединци кои ги кажуваат своите ставови во медиумите по одредени прашања.

Идејата за делиберативна демократија (како пандан на атинската Агора) се разбира не е идеално решение (сите знаеме како заврши Сократ и со одлука на сограѓаните), но таа покажува дека „вратата на можниот свет не е и не смее да биде затворена засекогаш за политичките заедници кои се подготвени да ги земат работите во свои раце“ (Ивана Јанковиќ, Филозофски факултет Белград).

Во оваа ситуација, кога нашите улици одново се загреваат со незадоволството на граѓаните, тоа треба да го имаме како сознание водилка. Она што во понеделникот изгледаше како далечен сон, во вторникот нагло ни се приближи како солуција!

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).