ТВ-дневник: Искривеното огледало на спинот и понатаму јава
Објавено во Новинарски лекции
on 10 - 04 - 2015 Автор: Владо Ѓорчев
[Критички осврт ТВ-дневникот на „Канал 5“ од 08.04.2015, 18:00 часот]
Емисијата на Словенечката телевизија спинувана, средношколскиот форум нападнат, модераторот во дебатата зазеде страна, ни збор за бомбите во Битола, како ни за протестот на Ромите во Скопје. Уште едно редовно издание на ТВ-дневник, кое многу важни настани не гледа, а и оние што ги гледа, како да ги гледа во искривено огледало.
Пишува: Владо Ѓорчев
Кога еден ТВ-дневник ќе почне со спортска вест, реално е да се очекува дека вестите ќе бидат наопаку. Тоа очекување и се исполни во ТВ-дневникот на „Канал 5“ од 18 часот, на 8 април 2015 година. Иако денот беше полн како око со настани, телевизијата одлучила да почне со вест (која во мирнодопски услови, на пример, во Финска) би можела и да биде прва. Сепак, тоа не беше упатно во ден кога има објава на прислушувани материјали во Битола, марш по битолските улици во организација на опозицијата, средношколски бојкот, марш на Ромите по повод светскиот ден на нивната заедница…
ЕПП ЗА ВЛАСТА
Телевизијата, која не е тајна дека ги поддржува политиките на власта, направи сосема поинакви вести од очекуваното. Иако телевизија и кога е провладино настроена може да избалансира во своите информативни изданија, оваа вечер гледачите немаа можност за такво издание. Напротив, беа присутни на ЕПП за власта и тоа траеше цели вести.
Пуштањето на веста за апсењето на кошаркарот Перо Антиќ во САД, како прва, воопшто не може да ја амнестира од одговорност телевизијата која непрофесионално и крајно тенденциозно ги направи овие вести.
По спортскиот прилог следуваше јавување во живо од Владата на Република Македонија, во кое министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, објаснуваше за поволностите што ќе ги имаат граѓаните со измените на Законот за легализација. Притоа, прашањата од новинарот, без ниту едно со критички осврт, беа во интерес на владината пропаганда, а министерот во речиси петминутниот прилог имаше доволно време да се испофали за слухот што го има Владата кога се во прашање граѓаните.
А, каква само добра можност беше овој момент новинарот да го праша министерот за последиот негов објавен прислушуван разговор во Битола, кој СДСМ го презентираше само час и половина пред ова гостување. Каква добра можност беше да одговори само на едно прашање: Дали е точно дека во Прилеп сте барале затворање локали, ресторани и кафулиња пред локалните избори? Или, барем, можеше да праша: Како се чувствувате по објавените разговори во кои Вие сте еден од главните ликови? Можеше новинарот прашањето да го постави и критички и да ги нападне СДСМ, но тоа не го стори. Така пропадна шансата да се добие одговор од министер кој ти е наместен пред микрофон. Ваква шанса, пак, нема да имаат новинарите кои критички ја опсервираат власта затоа што министрите не одговараат на нивните повици.
КАКО СЕ СПИНУВА ИНФОРМАЦИЈА
Веднаш потоа почна и политичкиот блок со извадок од интервјуто на известувачот во Европскиот парламент за Македонија, словенечкиот пратеник Иво Вајгл. Тој, во емисија на Словенечката државна телевизија, дебатираше за политичката криза во Македонија. Сепак, тоа што го направи телевизијата во овие вести е тенденциозно. Имено, од едночасовна дебатна емисија, направен е прилог во кој Вајгел го има со само една полуреченица. Со тоа директно му се вади од контекст изјава која, ако се пушти цела, можеби и нема да изгледа како што сака тоа да го наметне овој прилог.
Вајгл во емисијата на Словенечката телевизија вели:
„Нашата цел е двете страни да седнат и да разговараат, да разговараат во некој европски контекст, пред сѐ, да ги гледаат интересите на Македонија да влезе во Европската унија. Ние ги советуваме да не дозволат ситуацијата да ескалира, да го спуштат тонот на политичката дебата, да го спуштат тонот на говорот на омраза кој доминира, некако да се договорат како да им дадат сигнал на земјите-членки или на Европската комисија дека Македонија е подготвена и заинтересирана да ги отвори преговорите со ЕУ.“
Овој дел од изјавата на Вајгл е ставен подолу во прилогот, а целото тежиште на иформацијата е ставено на објаснувањето на европратеникот дека е добро опозицијата да се врати во Собранието.
Понатамошниот тек на вестите се одвиваше „очекувано“. Пропагандниот дел продолжи со почеток на градежните работи на улица во Аеродром.
Во вестите имаше и вклучување во живо со министерот за здравство и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, пред почетокот на трибината на власта во Виница. Во разговорот, исто така, немаше ништо за „бомбите“, туку само пофалби за активностите на власта.
Единствен прилог во вестите кој беше надвор од оваа тврда политика е за средношколскиот бојкот, но и тука информацијата беше спинувана. Иако само во една реченица се спомнува дека средношколците ја бојкотираат наставата, целиот дел од прилогот е класичен спин. Прво, се извртува информацијата со тоа што се вели дека тие бојкотираат поради тоа што не сакаат да полагаат математика за државна матура. Тоа не е вистина оти тие бојкотораат затоа што бараат средба со министерот за образование, а имаат и повеќе и поинакви барања. За да се засили спинот во прилогот, има и изјава од професор кој објаснува колку е корисно изучувањето на математиката. За прилогот да биде објективен и содржаен, во него морало да има и изјава од некој средношколец, ако веќе не сакале да повикаат за објаснување некој од претставниците на „Средношколски пленум“.
Телевизијата намерно ја премолча осудата на „Средношколски пленум“ за новиот чекор на Министерството за образование и наука (МОН), со кој преку класните раководители се бара согласност од родителите за стапување во бојкот за да се изврши задушување на средношколскиот револт.
Пленумците новата одлука на МОН, со која се бара согласност од родителите, ја сметаат за груб притисок врз средношколците и бојкотот воопшто. Тие ова го оценуваат како злоупотребата на моќта на Министерството во насока на дејства против средношколскиот револт, кој лошите реформи и ресорното министерство сè повеќе го потпалуваат.
„КАКВА-ТАКВА“ ДЕБАТА
Со сите овие прилози и набрзина поминати вести од светот, информативната емисија во ист пропагандистички стил продолжи и со дебатата која ја водеше уредничката на телевизијата, Лидија Богатинова. Како и во сите претходни дебати, аналитичарот Алберт Муслиу имаше малку оставен временски простор за да се „одбрани“ од водителката и од аналитичарот Владимир Божиновски.
Ова беше сѐ што имаа можност гледачите да видат во централните вести на телвизија „Канал 5“. Мора да се напомене дека со ова тие останаа неинформирани за многу битни настани што се случија тој ден.
Гледачите не слушнаа за „бомбите“ во Битола, кои ги претстави претседателот на општинската организација на СДСМ, Васко Ковачевски. Тие беа оневозможени да слушнат како Миле Јанакиески и Зоран Илиоски зборуваат за нискиот рејтинг на градоначалникот, а не чуја и дека Илисоки вели оти тоа е „страшна работа“ и кажува дека пред два месеци имал 48 отсто, а потоа паднал на 35 проценти.
Гледачите на „Канал 5“ не успеаја да ги слушнат и другите разговори за уцените, за местењето на лустрацијата во разговор помеѓу пратеникот Антонио Милошоски и првиот човек на лустрациската комисија, Томе Аџиев. Во вестите немаше ниту најава за маршот кој СДСМ го одржа во Битола.
Како што не се најде место ниту за протестот на Ромите во Скопје. Така, гледачите не слушнаа дека Ромите побараа уште еднаш јавно извинување од министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, по снимените разговори што ги објави опозицијата во кои се слушна како за време на предизборната кампања, министерката, наводно, предлага Ромите да се извадат на гласање така што ќе бидат влечени за уши.
Акиф Кариман, од Здружението „Романо авази“ ѝ порача на министерката да се одважи, па макар и да негира дека тоа е нејзиниот глас на снимките.
Во вестите не се најде место ни за други настани, со што гледачите беа лишени од редица информации.
Може да се заклучи дека ова е уште едно „редовно“ издание на вестите на „Канал 5“. Целосно непрофесионална информативна емисија, без критички осврт, со прилози наменети за односи со јавноста на власта. Крајно неновинарски и тенденциозни вести, кои на гледачите не им дадоа можност за објективно информирање.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).