Информациска пренатрупаност во аферата со прислушувањето
Објавено во Анализи
on 7 - 04 - 2015 Автор: Мирјана Најчевска
Наместо пренесување на изјавите на различни експерти и дополнително затрупување на јавноста со нови информации, новинарите може да бидат брифирани од експертите. Тоа овозможува самите новинари да ја разберат подобро материјата што ја пренесуваат, да ја погледнат во нејзината целокупност, да можат најсоодветно да ги селектираат информациите и да пренесат сумирана содржина која полесно може да се прифати од една поширока публика.
Пишува: Мирјана Најчевска, експерт за човекови права
Преголемиот број информации може да има ист ефект како и премалиот број информации. Имено, во ситуација на поголеми општествени превривања и на политичка криза од поголеми размери, медиумите секојдневно пренесуваат настани, изјави, мислења, деманти… кои ги преплавуваат граѓаните со информации. Во такви услови, голем дел од граѓаните, всушност, немаат можност да ги апсорбираат понудените информации и да изградат сопствен став.
На пример, во врска со последната „бомба“ на опозицијата, во медиумите критички настроени кон власта се дадени извадоци од настапот на претставници на СДСМ:
„Снимките од телефонските разговори откриваат изборен криминал на високи партиски функционери, во Куманово, големата болка на Никола Груевски, рече Мартин Костовски, претстедател на општинската организација на СДСМ“ (Телма ТВ)
„Ќе слушнете како Јанкулоска признава дека се прават бандитски работи”, вели Костовски.“
„Министерката Јанкулоска, како што објави СДСМ, потврдува дека целиот врв на МВР со денови бил во Куманово, а Пешевски побарал возилата на СДСМ да се однесат на технички преглед.“ (Вест)
извадоци од посочените разговори,
Машки глас: Види се видов со…со…со… другар ти Стевчо. Ми потврди…
Женски глас: Аха, од Српска напредна.
Машки глас: Српска напредна, да. Ми потврди за во Куманово ангажман.
Женски глас: Супер.
Машки глас: Така да, не е лошо ти… има две варијанти, треба да ги размислиш и ти, и ја,не сум уште сигурен. Значи или да се чуеш со овој, да му кажеш, еве се видовме, договорено е, сега ми кажаа, дај сега да операционализираме на терен и да ги поврзеш нашиве, да им кажеш на Мирослав и на Зоки…(Радио Слободна Европа)
аудиоснимки – „Бриф“.
Од друга страна, медиумите блиски до власта зборуваат за луѓето кои ги презентираат материјалите добиени со нелегално прислушување (Вечер), воопшто не ја пренесуваат информацијата за презентираните снимки (Денешен), пренесуваат изјави на луѓе кои се препознале во снимките (Курир), интервјуа со претставници на владејачката политичка структура (Нетпрес).
ШТО НЕ ПРАВАТ ИЛИ НЕДОВОЛНО ПРАВАТ МЕДИУМИТЕ?
Прво, медиумите недоволно ја приближуваат информацијата до граѓаните. Самиот акт на прислушување, како и содржината на материјалот кој се презентира, претставуваат комплексни прекршувања на Уставот и на законите, како и нарушувања на основните права и слободи на човекот од големи размери. За да се приближи до граѓаните една ваква материја потребно е:
- да се симплифицира,
- да се сумира,
- да се издвојат битните поенти и
- да се поврзат нештата за да може да се добие претстава за директните и индиректни последици.
На пример, медиумите треба да:
- ја направат врската меѓу текот на изборниот процес во Куманово и податоците содржани во разговорите (со тоа што ќе се потсетат граѓаните за случувањата и за забелешките дадени за време на изборите);
- да направат врска меѓу разговорите и различни законски одредби со кои се регулираат изборите и со кои се регулира одговорноста на одделни субјекти во изборниот процес;
- да ги идентификуваат институциите кои требало/можеле да бидат свесни за евентуалното прекршување на законите, а кои не реагирале;
- да направат јасна врска меѓу посочените активности и резултатот на тие активности.
Многу мал број медиуми и многу малку ја искористуваат добиената информација за формулирање прашања. Имено, информацијата може да послужи како почетна позиција во серија прашања што ќе бидат упатени до инволвираните субјекти, до луѓе кои имале корист од соодветната активност (пратеници, претставници на политички партии, државни функционери), како и до надлежните институции.
КОНСУЛТИРАЊЕ СТРУЧЊАЦИ – БРИФИНГ НАМЕСТО ИЗЈАВА
Сè поголем број медиуми ги консултираат експертите, професионалците и стручњаците. Вообичаено, новинарите мислат дека на тој начин се добива неутралност и објективност. Меѓутоа, во ситуација на огромен прилив на информации, презентирањето изјави од експерти не е доволно. Во ваква ситуација каква што имаме денес, многу подобар метод е брифингот. Наместо пренесување на изјавите на различни експерти и дополнително затрупување на јавноста со нови информации, новинарите може да бидат брифирани од страна на експертите. Тоа овозможува самите новинари да ја разберат подобро материјата што ја пренесуваат, да ја погледнат во нејзината целокупност, да можат најсоодветно да ги селектираат информациите и да пренесат сумирана содржина која полесно може да се прифати од една поширока публика.
Во вакви услови, додатното пренесување на комплетниот материјал (видео и аудиоснимки, транскрипти, говори и изјави) станува поразбирливо за граѓаните и тие можат да се снајдат во огромното количество од информации.
Отсуството на ваков пристап може да доведе до ситуација јавноста да не може да се снајде или да се презасити од мноштвото информации и да не може да ги апсорбира или, пак, да почне селективно да ги прима, без примена на методологија за соодветна селекција. Крајниот резултат може да биде незаинтересираност, одбивност кон нови информации или, пак, таква селекција во која ќе се изгубат главните поенти и главната порака.