verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Играње со оган за политичко навивање

on 18 - 10 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански

kurir-za-dvojazicnata-tabla

[Рецензија: Двојазичноста што ја форсира Заев го растура СДСМ]

 

Употребата на јазиците на територијата на Македонија е чувствителна тема која бара внимателен и одговорен пристап во известувањето, имајќи ја предвид општествената одговорност на медиумите. Употребата на коментари, спинувањето и пребирање само на тие извори што одат во прилог на обидот за политичка дискредитација е спротивно на професионалните стандарди и создава потенцијал за разгорување на страстите.

14799789_10208103606653547_892006344_oЛинк до оригиналниот напис: Двојазичноста што ја форсира Заев го растура СДСМ

Датум и време на објавување: 14.10.2016 – 09.59

Датум на рецензирање: 16.10.2016

Рецензент: Александар Пешев

 

РЕЧЕНИЦИ БЕЗ ПОТКРЕПА

Текстот не дава подршка на тврдењата што се изнесуваат во насловот и во воведот. Употребените видеозаписи од изјавите на лидерот на СДСМ се однесуваат на прашањето за употребата на јазиците, но никаде не се цитира ниту се прикажува насловот на видеозаписот: „Заев: Цела Македонија ќе ја направам двојазична“. За вториот дел од воведот нема никаква потврда:

„Македонскиот народ експресно му порача дека такво нешто не поддржува и нема да дозволи“.

Кога? Освен ако не е анкетиран секој припадник на македонскиот народ, јасно станува дека оваа реченица е коментар, кој, впрочем, не е ни единствениот во написот.

„Но, во трката по албански гласови, Заев продолжи да ја форсира двојазичноста, поставувајќи табли на штабовите на СДСМ испишани на македонски, но и на албански јазик. Ваквите негови потези, направија раздор и во неговата партија“.

Изворот на информациите останува нејасен. Дали станува збор за партиски извори на ваквите информации или за официјален став на партијата? Како и да е, на публиката ѝ се оставени неколку неодговорени прашања:

  • Од каде е изведен заклучокот дека целта на партијата била форсирање на двојазичност со табли?
  • Како е утврдено дека ваквите наводни постапки предизвикале раздор во партијата кога во текстот не се наведени извори на информации?

 

ТАБЛАТА ВО ЧАИР

Се наведува „Доцна синоќа беше симната двојазичната табла во Чаир откако истата беше закачена по втор пат за само една недела“ и оттука се изведуваат коментарите дека во партијата постои револт и дека Заев „одлучи повторно да го излаже народот“.

Спинот се забележува и во следните пасуси, веднаш по цитирањето на партиско соопштение дека таблата во Чаир за која се пишува „е поставена без одлука на органите и телата на партијата“. Со самиот коментар дека „ова тврдење на СДСМ е целосна невистина“, станува јасен обидот за политичка дискредитација.

ПОВТОРНО КОМЕНТАРИ БЕЗ ДОКАЗИ

Потоа се нижат коментари по принципот „Зоран Заев и некои од структурите околу него одлучија да заиграат на картата на албанските национални интереси, нудејќи разни отстапки во надеж дека ќе привлечат гласови”. Изворот на ваквото тврдење не е познат, не се посочува доказ за такви размислувања, со кои се прави обид да се комплетира спинот. Партискиот став за обележјето на просториите на СДСМ во Чаир „се шири“ кон наводно инсистирање за воведување двојазичност, за што, исто така, нема солидни аргументи и факти.

Едностраноста на објавата станува евидентна со изборот на изјавата на Муса Љамалари, при што нема докази дека е побарана реакција од прозваната партија. За да се задоволи принципот на сеопфатност и на непристрасност, потребно е прозваниот субјект да се побара за мислење и ако истото не се добие, тоа јасно да се посочи во текстот. Наместо тоа, текстот се надоврзува  со редење дополнителни коментари:

„За редефинирање на Македонија и нејзина федерализација СОРОС подготвува терен уште одамна. Тогаш, првиот човек на соросовата новинарска структура, Бранко Геровски во серија колумни јавно повикуваше дека е време да се разговара за федерализација на Македонија“.

Ако се анализира целиот напис, станува јасно дека имаме обид за спин со употреба на изјави и на партиски ставови кои одат во прилог на коментарите. Наместо како докази за тврдењата, двата употребени извори во текстот се користат како база за надградба на коментарите кои се јасно насочени кон дискредитација и ја дефинираат едностраноста, несеопфатноста и политичката пристрасност.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

не може да се утврди точноста на наводите

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални, неофицијални

релевантни

2 извори

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

соодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

квалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

стилски уреден

поврзан со тагови