Хорор на Јадранот, ама пред осум години
Објавено во Рецензии
on 23 - 08 - 2016 Автор: Владимир Мирчески[Рецензија: Хорор на Јадранот: Дамјан искасапен, очи во очи со големата бела ајкула]
Сензационализмот го „убил“ овој преземен напис. Имаме работа со текст од типот „копи-пејст“. Но, копирањето и лепењето е лошо направено зашто на материјалот му се дал изглед на дневна информација, а во суштина е стара вест. Притоа, конструиран е наслов што имал цел само да привлече кликнувања преку формулацијата која „вреска“ од сензационалистички пристап, заведувајќи ја публиката дека чита за некаков актуелен, а не за настан стар осум години.
Линк до оригиналниот напис: Хорор на Јадранот: Дамјан искасапен, очи во очи со големата бела ајкула
Датум и време на објавување: 19.08.2016, 12:50
Датум на рецензирање: 20.08.2016
Рецензент: Владимир Мирчески
СЕНЗАЦИОНАЛИЗАМ ОД СТАРА ВЕСТ
Да, хорор-ситуација, ама таа се случила во сега веќе далечната 2008 година. Тогаш, зошто таков наслов? Одговорот е лесен – заради повеќе посети на порталот што го има пласирано конкретниот напис. Повеќе кликнувања значат и подобро портфолио пред потенцијалните огласувачи. Но, за сметка на тоа губат читателите на кои им се сервира материјал како да е некакво „дневно мени“, а всушност е бајат производ што чмаел со години.
Да разјасниме, написот што ни се нуди е преземен од А до Ш, сосе фотографиите, ама тоа никаде не е наведено, што е спротивно на член 12 од Кодексот на новинарите:
Плагијаторството е неприфатливо. Цитатите не смеат да се користат без да се нагласи изворот или авторот
Други медиуми од регионот исто така го презеле текстот, но тоа јасно го навеле како што треба.
Настрана тоа што написот е украден, па дури и тоа е лошо сторено. Имено, со малку „сурфање“ по интернет се доаѓа до оригиналниот текст, кој иако има бомбастичен наслов, веќе во првата реченици објаснува зошто користи таков пристап. Поточно, употребена е нова информација дека во Јадранско Море се забележани ајкули, за потоа врз основа на неа се гради материјал во кој се користат сведоштва на преживеани, како и изјави на експерти. Значи, во оригиналот, случката со споменатиот Дамјан не е повод за пишување на написот, туку поткрепа на основната вест дека ајкули не се непознати во Јадранот.
„На плажите кај Трст прогласен е црвен аларм поради ајкула која ја забележал рибар додека пливал во морето. Блиска средба со голема бела ајкула имал и Словенецот Дамјан Песек крај Вис во 2008 година“. (24sata.hr)
Ете како требало, а еве како не требало:
„Почувствувал силен удар во ногата, а морето набрзо се запенило од неговата крв. Со напор се авртел, а во очи го гледала голема бела ајкула. Знаел дека се во прашање секунди. Ќе го стигне ли морскиот пес или ќе се спаси на чамецот на своите пријатели, панично се прашувал Словенецот Дамјан Песек во 2008 одина додека нуркал во Мала Смковa на хрватскиот остров Вис“. (Старт.мк)
Целосно е изгубена актуелната компонента. Најверојатно, на „копирачот“ тоа не му изгледало како важно, ама, за жал, ја промашил суштината дека една вест, како основен новинарски жанр, мора да има своја структура.
„Веста како основен, најбрз, најмасовен и најважен облик на новинарското изразување, структуриран по принципот на превртена пирамида, со глава – лид (од англискиот lead – води) и тело на веста. Правилата се универзални – прво и основно, веста мора да содржи новост, да биде јасна, разбирлива и балансирана. Најважното во веста мора да биде во првата реченица“. (Сервис за проверка на факти)
Во конкретниот случај во првата реченица ние го немаме најважното, поточно во целиот текст тоа недостига. На домашната публика ѝ се сервира сведочење на преживеан на настан што се случил пред осум години. Тоа не е вест.
„Позајмен“ материјал за кој не е наведено од каде е земен е плагијат. А кога и при крадењето ќе се утне работата, тогаш е криминал кон публиката зашто таа добива половичен и оштетен медиумски производ.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
точни наводи
веродостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни
повеќе извори
повеќестрани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
нема извртување на вистина (спин)
нема лажни информации
комерцијална пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
ПЛАГИЈАТ
целосна копија
ненаведен извор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
не информира
некреативен
сензационален
несоодветен
нејасен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
информира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
нема мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови