Гумени чизми, лопати и камери!
Објавено во Рецензии
on 17 - 08 - 2016 Автор: Владимир Мирчески
[Рецензија: ФОТО: Трајановски деноноќно на терен им помага на настраданите во поплавите]
Текст-реклама, кој без срам и перде е пласиран како информација значајна за јавноста, иако, всушност, станува збор за нешто што е важно само за партискиот маркетинг, а не и за публиката.
„Сè може да биде вест, но не сè е значајно за да има вредност на вест. Новинарството е процес во кој репортерот користи верификација и раскажување за настанот да има значење на вест“, American press institute.
Линк до оригиналниот напис: ФОТО: Трајановски деноноќно на терен им помага на настраданите во поплавите
Датум и време на објавување: 14.08.2016, 12:16
Датум на рецензирање: 16.08.2016
Рецензент: Владимир Мирчески
РЕКЛАМЕН ТЕКСТ
Не запира спиралата на текстови од партискиот комуникациски центар кој најверојатно работи во три смени за на јавноста да ѝ докаже дека власта работи и мисли на погодените во поплавите во Скопско, а притоа да не се спомене ниту „о“ од одговорност за загубите, и човечки и материјални. Како на фабричка лента да се штанцаат написите за „натчовечките“ напори де на партискиот шеф, де на министрите и, секако, на градоначалникот на Скопје. „Бомбардирањето“ на читателите за секојдневните активности на политичарите од редовите на владејачката партија е од „тепих-карактер“, темелно и континуирано. Дозата е засилена – Груевски за појадок и за вечера, за ручек Тодоров и Спасов, а за ужина Трајановски. И така доаѓаме до серија „голи написи“ без каква било информативна тежина, со исклучок за партиското табло, како деноноќно се вртат по телевизиите и порталите.
И овој текст е еден од нив, ако и така може да се нарече. Имаме фото-колаж од градскиот татко во чизми до колена, како помага во поплавените места, на кој само му се „залепени“ еден наслов и, верувајте, ни повеќе ни помалку, само две реченици:
„Скопскиот градоначалник Коце Трајановски постојано е на терен каде им помага на жителите во справување со последиците од невремето. Трајановски утрово беше на терен на улицита „Спиро Црне“ и „Томас Минцер“ во Ченто“.
И што ако бил? Дали со неговиот труд, верувам дека бил искрен, а не наместен, се покрива потфлрањето на градските служби? Дали неговото кусо појавување де на едно, де на друго место пред камерите кои „случајно“ се нашле на местото на настанот, навистина направило разлика за мештаните, навистина им се олеснала маката? Тешко. Многу поверојатно е дека поголем ќар има за имиџот на градоначалникот, отколку за несреќните луѓе. Впрочем, ако сака Трајановски може да помага без медиумската помпа, како што тоа го прават стотици волонтери. Но, тогаш не би имало штоф за ваквите пропагандни производи кои не се водат од тоа која информација навистина тежи и заслужува да биде пласирана како вест, туку од зацртаната норма за „остварување“ во која главен критериум е квантитетот.
Оттука, секојдневното клукање на јавноста со тоа каде се појавил градоначалникот веќе не е вест, туку маркетинг-стратегија за подобрување на рејтингот, чиниш станува збор за избори, а не за трагедија. Или, сепак, станува збор за избори?
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
точни наводи
делумно
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
фотографии
неофицијални
повеќе извори
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
нема лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
издвоено од фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
фалбаџиски
некреативен
несензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
политички маркетинг
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
нема мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
стилски уреден
поврзан со тагови