verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Големи новинарски штети од пристрасна и непрофесионална вест

on 6 - 07 - 2016       

 

FireShot Screen Capture #272 - 'Нови економски штети по државата од кризата предизвикана од Заев I Kurir_mk' - kurir_mk_makedonija_ekonomija_novi-ekon

[Рецензија:Нови економски штети по државата од кризата предизвикана од Заев]

Опозицијата е виновна за губење на европските пари, а владејачката партија сега се труди да направи нешто во врска со таа одлука на Европската комисија. Вака накратко може да се резимира оваа спинувана еднострана објава, со јасни елементи на политичка пристрасност.

Нови економски штети по државата од кризата предизвикана од Заев - Kurir.mk 2016-07-05 15-13-27Линк до оригиналниот напис: Нови економски штети по државата од кризата предизвикана од Заев

Датум и време на објавување: 02.07.2016, 15:43

Датум на рецензирање: 05.07.2016

Рецензент: Александар Пешев

Воведниот дел на текстот е изведен професионално, со пренесување на целосното образложение на Европската комисија за кратење на дел од претпристапната помош за земјава. На читателот му се дава точна слика околу одлуката на Брисел, за потоа истата да се изврти со редица коментари.

„Со ова на Македонија и е нанесена економска штета, предизвикана од политичката криза во која СДСМ ја втурна нашата земја“.

Нема атрибуција, ниту е наведен изворот на ваквото тврдење. Овој коментар, интегриран во текстот, е почетна точка за изведување на спинот. На него се додава општ преглед на правилата за употреба на ИПА 2. Наместо да се насочат серија прашања кон надлежните институции (на пример, Секретаријатот за европски прашања), се редат дополнителни коментари, поточно обвинувања на адреса на опозицијата.

„Изминатиов период опозицијата на чело со Зоран Заев предизвика криза во Македонија која ја чувствуваат и економијата и граѓаните“.

Евидентна е едностраноста во текстот, имајќи предвид дека власта е видно заштитена и покрај сосема прецизните објаснувања од Европската комисија, а се напаѓа само опозицијата, што укажува на политичка пристрасност.

И коментари наменети за спинување на првично презентираниот факт се во насока на амнестирање на институциите, кај кои би можело да се најде дополнителна вина, а не само неспроведувањето на реформите и немањето политичка волја за тоа.

„Дополнително, со оглед на тоа дека во изминатиот период Македонија беше предводена од техничка влада со мандат претежно ограничен на подготовка за спроведување избори, дел од мерките во секторот Управување со јавни финансии не можеше да се реализираат, што доведе до губење на дел од средствата за 2016 година“.

Едностраната аргументација, всушност, гласи дека опозицијата е виновна за губењето на европски пари, додека институциите кои требале да помогнат не успеале поради постоењето на техничка влада. Ваквиот пристап во известувањето е тема и на анализа на сервисот „Вистиномер.мк“, а заклучокот на анализата е следниов:

„Ако некој отвоено вели дека Владата е без политичка волја, Владата нема подготвеност, нема зрелост, нема политичка посветеност, итн., и поради тоа се кратат 27 милиони евра, а помошта нема да биде продолжена со друг проект, спинување е да се крие дека тоа не биле санкции или казна од ЕУ за Македонија во целост, а уште поголемо извртување на вистината е за таквата одлука да ја обвините опозицијата“.

Политичката пристрасност на објавата пред нас станува евидентна, имајќи ги предвид навивачките елементи кои следуваат во продолжение. По нагласувањето дека опозицијата придонела за кратење на европските пари, се редат најави за активности: подготовка на стратегија за управување со јавни финансии, јакнење на административни капацитети во Секретаријатот за европски прашања и сл. Клучното прашање кое не се одговара е следново: колкава е одговорноста на овие институции за веќе предизвиканата штета, поточно за губење на парите наменети за европеизација на земјава? Но, наместо критички пристап, имаме своевиден обид за амнестија на овие институции, со што се комплетира спинот – опозицијата е виновна, а владејачката партија ќе се труди да направи нешто.

По прегледот на најавени активности, кој остава впчаток на промоција на институциите во чија работа веќе не е вклучена опозицијата, текстот заклучува со конечниот коментар:

„Опозицијата во Македонија конечно треба да се однесува како одговорен партнер за да се реши кризата наметната токму од нивна страна“.

Како да се целело да се доутврди впечатокот што се сака да му се наметне на читателот уште со првиот коментар. Сè на сè, имаме целосно непрофесионална вест, со извртен наслов и измешана со коментари, плус насочени кон дискредитација на една политичка партија и на нејзиниот лидер, кој се посочува директно со фотографијата, а во исто време се прави индиректен маркетинг на друга партија. И сето тоа со пристрасност, која јасно може да се идентификува како политичка.

Оттука, бројни се прекршувањата на професионалните правила и на етичките норми во новинарството во овој текст, кој може да се посочи како пример како не треба да се практикува новинарството.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

точни наводи

веродостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

нема евидентирани извори

официјални

релевантни

1 извор

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

манипулира

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

не апликативно

има контекстуални линкови

стилски уреден

поврзан со тагови