Фото-вест, жанр кој се злоупотребува и кој венее
Објавено во Новинарски лекции
on 28 - 11 - 2016 Автор: Agron Vrangalla„Да слушнеш нешто по стотина пати не е подобро одколку да го видиш тоа само еднаш.“
Zhou Chongguo
Фото: Маж префлува дете преку оградата на границата меѓу Унгарија и Србија во Röszke,
Унгарија, 28 августt 2015. © Warren Richardson, Австралија
Има надеж за враќање на квалитетот на фото-веста во интернет-просторот. Потребни се неколку нешта – сериозност и етички правила од страна на медиумите, квалитетни фотографи, посветеност на надлежните органи на заштита на авторското право
Пишува: Агрон Врангала
Сите медиуми, на разни начини, постигнале една огромна револуција кога станува збор за технолошкото усовршување на вестите како финални производи. Несомнено, медиумите не се само информативни, тие се грижат и за исполнување на другите барања што може да ги има публиката, како што е едукација, забава, пренесување на културата, и така натаму. Меѓутоа, сите медиуми со општ формат, на апсолутен начин, во ниеден момент не претпочитале да ја отстранат веста како категорија или да ја стават во втор план во нивната програмска агенда. Може да се остави настрана нешто другo, но веста останува тука со истата придобивка, не само економска. И, кога зборуваме за усовршувањето на вестите, сакајќи или не, пред очи ни излегува употребата на фотографијата во нив. Таа, било статична или движечка, останува додадена вредност при комплетирањето на вестите.
„Фотографијата на вестите како комуникациски медиум, претрпела брз пораст во втората половина на 20 век и денес вестите главно се потпираат на фотографиите за да се донесе поубедлива порака во нашите домови. „Си-ен-ен“ (Cable News Network), која почнала со емитување во 1980 година, во 2003 г. успеала да емитува 2.592 фотографии во вестите дневно или 30 рамки (фрејмови) во секунда, 24 часови на ден. Освен тоа, усовршувањата во дигиталната фотографија овозможиле да се достави слика во живо од неколку бојни полиња (воени зони) во исто време, иновација што репортерот на „Би-би-си“ Рагех Омар (Rageh Omaar), во неговата лекција „Кралското општество на телевизијата“ (2003 г.), го нарекол „клучалка во новинарството“. (Maxine Lipson, 149)
Од друга страна, доколку се зема предвид технологијата што ја поседуваат порталите како иновација на дигиталната ера, ќе видите дека тие се повеќе концентрирани на малата мултимедијална опрема. Не е занемарено ништо, доколку се вели дека т.н. паметни мобилните телефони се едно силно „оружје“ на порталите. Со таква опрема, новинарите може да следат конференции за печат во живо, да прават фотографии, да пишуваат текстови, да преработуваат видозаписи и сите овие да ги прикачат и потоа да ги објавуваат на нивната веб-страница за многу кратко време, побрзо од кога било порано. Додека да стигнат телевизиските и новинските новинари до редакцијата за да ја напишат веста, истата вест, новинарот од порталот веќе ја направил и ја објавил, многу порано. Можеби не на толку комплетен начин, но веста како таква е дадена, ексклузивноста завршила.
Оваа динамика, од една страна, има и своја позитивна страна, бидејќи преку минимални трошоци, се постигнува максимизирање на производството на вестите. Секако, не недостигаат ни слабости во оваа практика. Станува збор за драстично опаѓање на квалитетот на вестите, неред во информацијата и еден вид „инфобезност“, фраза употребена од директорот на медиумите од иднината во Француската телевизија, Ерик Шерер, во неговото издание „Дали сè уште ни се потребни новинарите“?. Овој термин произлегува од два зборови, „информација“ и „обезност“, значи едно преполнување, но, зошто да не, и едно здебелување (мрзливост) на интернет-информацијата.
Според оваа логика, покрај фотографијата во весникот или телевизијата, фотографијата на веста од порталите, како да претрпува еден вид измена. Не поради фактот дека има недостиг од употреба на фотографии, напротив, постои едно масовно присуство на овој медиум. Проблемот е што таа се злоупотребува од неконсолидираните медиуми и од поединци, кои хоризонтот на фотографијата го ограничиле само на една илустративна димензија, честопати злоупотребувајќи и манипулирајќи ја, а да не зборуваме за отстранувањето на уметничката димензија, како и на филозофската димензија што ја содржи фотографијата во себе.
Може да има неколку причини што влијаат во распадот на вредноста на употреба на фотографиите во порталите, но овде ќе дадеме три од нив, што може да се сметаат за по загрижувачки:
- Несовпаѓање на фотографијата со написот – Во недостиг од автентични фотографии, многу медиуми при објавување на написите, користат некои фотографии што немаат некоја директна врска со текстот. Тие се тука само за да го оправдаат мултиметијалниот „услов“ што го бара вебот како таков;
- Користење на фотографијата за манипулација – Неколку портали сакаат да ја користат фотографијата како мамка за да го фатат нивниот „плен“, односно читателот. За нив не е многу важна чесноста што треба да ја имаат кон публиката. Доволно е да се реализира еден клик повеќе на нивната страна;
- Авторство на фотографијата – дигиталната ера, во смисла на авторството, можеби е најголемата трагедија што му се случила некогаш на заедницата на автори на фотографиите, и особено на тие што имаат попрефинет вкус во овој правец. Ретко кога се случува да најдете некаде некоја маркирана фотографија, која го содржи името на авторот или компанијата од која е земена таа фотографија.
Освен овие феномени што, пред сè, зборуваат за „законот на џунглата“ што доминира во интернет-светот, евидентен е уште еден друг проблем што на директен начин го напаѓа квалитетот на медиумот – фотографот. Токму во времето кога високата резолуција или „мегапикселот“ го достигнал врвот, креативноста и комуникациската функција на фотографијата изгледа го допрела дното. За овој аспект, најголемо влијание има обичниот корисник, без исклучок и медиумските организации, кои и најобичните можни фотографии ги користат за достигнување на што поголем број кликнувања.
Прашањето што се поставува е дали има светло на крајот од тунелот? Секако дека има.
World Press Photo Contest е глобално натпреварување што минатата година се одржа 59. пат по ред. Во рамките на оваа церемонија се натпреваруваа 82.951 фотографија реализирани од 5.775 фотографи кои доаѓаа од 128 држави. На крај се избра и најдобрата фотографија за 2015 година. Авторот на оваа фотографија е австралискиот фоторепортер Ворен Ричардсон, а во фотографијата станува збор за емиграцискиот феномен на народите од Средниот Исток опфатени од конфликтите. Поконкрено, фотографијата претставува еден момент кога еден сириски бегалец, детето што го има в раце му го подава на друго лице преку една празнина во бодликавата жица. Фотографијата е направена за време на илегалното преминување на овој бегалец на границата Србија – Унгарија. Оваа фотографија била насловена „Надеж за нов живот“. (види фото погоре).
Надеж има секогаш, дури и за средување на пазарот на фотографии на интернет. Доволно е поголема посветеност за спроведување на законите од страна на државите и на надлежните органи, како и почитување на етичките норми за исправното и точното користење на фотографиите. Но, не е само толку. Колку и да е повисока одговорноста на секој од нас, толку побогат и поудобен ќе изгледа виртуелниот амбиент во чии рамки сме сите ние и го делиме заедно со другите.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).