verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ЕКСТЕРНО: Образованието во канџите на власта

on 11 - 12 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански
Студентскиот протест снимен од „дронот“. Фото: видео клип скриншот, Тетреб Продукција, 2014
Студентскиот протест снимен од „дронот“. Фото: видео клип скриншот, Тетреб Продукција, 2014

 

Предлог до медиумите – разгледајте малку  по документацијата од последниве години и видете како власта ја водела образовната политика

 

Пишува: Александар Шољаковски

 

Во сите овие предлози и реакции околу екстерното тестирање на студентите, не чувме ниеднаш за причините кои го поткрепуваат, оправдуваат и го чинат неопходно и толку итно ваквото решение. Освен тврдењето на Владата дека нивото на едукација во високото образованието опаднало, дека студентите не добиваат задоволителниот фонд на знаење и дека Владата решила да направи ред. И толку!

Клучното прашање и не е поставено. А, заклучокот дека образованието на факултетите опаднало и не е тешко да се донесе. Тоа e евидентно и не треба многу памет за тоа. Вистинското прашање би било – што е тоа што довело до ваква состојба? А, тоа не го чувме.

Затоа и се прашуваме: што е тоа што довело до вртоглаво опаѓање на нивото на високото образование? Зашто, сепак, образованието не е изолирано тело кое расте и се развива по некоја своја логика, туку дел од општеството со сите влијанија од процесите во него. Или, каква ви е состојбата во општеството, такво ви е и образованието.

Ако медиумите малку загрепкаат, дури и по површината на проблемот, ќе се потсетеа на многу настани кои веројатно довеле до она што сега се случува.

 

УПАДОТ НА ВЛАСТА

Не треба ни некое големо буричкање по весникарските документации за да се сетите дека тука некаде, пред некоја година, се случи еден сериозен упад на власта во автономијата на универзитетите. Тогаш надобудниот министер Тодоров, кој вети дека ќе дебатира со луѓето од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, не го исполни ветувањето, туку донесе законски решенија со кои направи флагрантен упад во автономијата на универзитетот, гарантирана со Уставот. Уставниот суд (нормално) не се произнесе за тоа. И тој упад се спроведува систематски веќе неколку години и резултира со губење на самостојноста, несигурност и кај наставниците… И што очекувате од таква атмосфера?

Протестите на професорите, кои се обидоа аргументирано да ги оспорат намерите на власта, со леснотија беа отфрлени како „партиски“  (како и сегашните протести на студентите, впрочем).

И затоа денес ситуацијата е таква што секој „непослушен“ декан може да биде сменет со одлука на ректорот, кој, пак, тоа е јасно, е верен човек на власта. Дури и учебната година почнува со православна литургија. Факултетите немаат пари да платат греење… И што уште не. Во такви услови не можете да очекувате некоја голема ревност и посветеност во наставата.

Освен тоа, јавна тајна е, а за тоа се пишувало по нашите весници, дека работните места на државните универзитети само формално се предлагаат на факултетите. Но, за да се реализира едно работно место, „амин“ треба да даде министерот за финансии. На тој начин на факултетите се спровнаа луѓе од власта или блиски до неа.

Дали медиумите можат да нè потсетат за тоа како се отвораа и со каква беневолентност се гледаше на акредитирањето на новите приватни универзитети (ќе ја зголемеле конкурентноста). Појавата на нови приватни универзитети едно време зеде неверојатни размери, а луѓето од власта, особено премиерот, беа редовни гости на нивните помпезни ветувачки манифестации, за разлика од сè уште неосвоениот и неосветениот државен универзитет „Св. Кирил и Методиј“, кој во тоа време не беше удостоен со такво внимание.

Приватните универзитети  (секоја чест на мошне ретките исклучоци), особено оние кои беа блиски до власта, до пред кратко време палеа и гасеа во македонското високо школство. Бројни владини пулени не само што завршуваа, магистрираа, па дури и докторираа (сосема ненадејно) на овие инстант творби на разно-разни профитери од мошне сомнителна провиниенција.

На овие универзитети се воспостави еден консензус: „јас тебе пари за школарина, ти мене диплома!“ И тоа фукнкционира(ше).  Сè додека и власта, веројатно, не се свести (или од некои други причини, можеби) за погубноста на форсирањето на ваквото студирање и не ја измени политиката, овојпат со форсирање на државните високошколски институции, сега веќе „освоени“. Но, сепак, интересно беше дека никој од приватните универзитети не успеа да го достигне и да го надмине нивото на државниот, скопскиот универзитет.

Медиумите би требало да се навратат некоја година поназад и да  се потсети на тоа што се случуваше со пренаглената (популистичко изборна) дисперзија на високото школство, зашто и тоа, веројатно, има голем удел во опаѓањето на нивото на студии. Потег кој не само што го смали нивото на студирање, туку донесе многу проблеми кои беа и очекувани. Кадрите на овие импровизирани факултети, кои се испоотворија по македонските паланки, воопшто не ја исполнија надежта дека, сепак, ќе обезбедат некој квалитет на студии. И таму, уште повеќе, почнаа да функционираат роднинските, пријателските и други врски и протекции.

 

ТРАГИЧНА ДИСПЕРЗИЈА

Во еден текст на авторот на овие редови, под наслов „Одмаздата  на лошите ученици“, објавен пролетта 2010 година во „Утрински весник“, на почетокот на дисперзијата, тој потсети дека во Македонија пред последнава дисперзија на високото школство имало уште две неуспешни дисперзии (во раните педесетти која не заживеала воопшто, а потоа и во седумдесеттите) која резултираше со намалување на нивото на студирање, создавање факултети кои никогаш не го достигнале нивото на скопскиот универзитет, а потоа  и со  напуштање на тие обиди.

Во тој текст се потсетува на резултатот од дисперзираните факултети, за Правниот факултет во Битола, кој неславно затвори, а дека ќарот бил во тоа што некои професори си ги забрзаа кариерите со вонредни напредувања во звањата. И за прилепската висока економска школа која станува факултет, иако и самите прилепчани како досетка го нарекуваат „тулаана“, затоа што наместо економисти произведувала – тули!Оние кои во тоа време не успеваа да ги задоволат критериумите на скопските универзитети, одеа во Прилеп, Битола, потоа и во Охрид и завршуваа во рекордно време. Имаше и други мајтапи околу тоа, како што има и сега за оваа најнова дисперзија.

Покрај споменативе, (доколку сака), власта би можела да утврди низа причини за падот на нивото на образованието, особено заради тоа што во сите овие негативни процеси таа има јасен и конкретен решавачки удел. Тоа е единствената работа за која не може да обвини дека опозицијата ѝ ја наместила.

Власта би можеле да се замисли и да ги преиспита сите лоши решенија кои таа самата ги донела и потоа да преземе мерки за да ја санира состојбата. Со сегашново постапување, власта повторно ќе биде таа која и натаму ќе ја  влошува состојбата.

Наместо авторитарно однесување дека – екстерно ќе има и готово! – власта можеше малку поинтелигентно да ја изведе работата и заедно со студентите да најде некое решение. И секако, сè тоа со малку повеќе такт и без полициски, разузнавачки, подбуцнувачки и дисквалификаторски методи.

Зашто инсистирањето на тоа дека вревата ја подбуцнувала опозицијата, дека тоа не е изворно студентски револт, е само уште едно (лошо) оправдување за некој кој ја оплескал, па сега сите му се виновни.

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).