„Ексклузивно“ подгревање тензии и немири
Објавено во Рецензии
on 5 - 12 - 2016 Автор: Симона Атанасова[Рецензија: ЕКСКЛУЗИВНО: ВМРО-ДПМНЕ СПРЕМА НЕМИРИ ЗА НОЌНИТЕ ЧАСОВИ ДО 11-ТИ ДЕКЕМРИ]
Текст кој во клучен и кревок период пред изборите закажани за 11 декември, тенденциозно подгрева насилна атмосфера и тензии преку ширење шпекулации кои ги претставува како ексклузивна информација.
Во написот се тврди дека ВМРО-ДПМНЕ, наводно, подготвува насилно сценарио откако ќе загуби на изборите на 11 декември. Според напишаното, целта на ова сценарио, кое вклучува крв и немири, ни помалку ни повеќе била бегство на раководството на ВМРО-ДПМНЕ.
Линк до оригиналниот напис: ЕКСКЛУЗИВНО: ВМРО-ДПМНЕ СПРЕМА НЕМИРИ ЗА НОЌНИТЕ ЧАСОВИ ДО 11-ТИ ДЕКЕМРИ
Датум и време на објавување: 30.11.2016
Датум на рецензирање: 04.12.2016
Рецензент: Симона Атанасова
ШПЕКУЛАЦИИ
„Во ВМРО-ДПМНЕ се спрема сценарио за уфрлање на радикално насилни структури кои треба да предизвикаат немири и крв поради сознанијата за нивниот катастрофален пораз на изборите на 11-ти декември, ексклузивно дознава Centarnews од извори на раководството на владеачката партија. Позната криминална групација предводена од лица со дебело криминално досие со наредба од ВМРО-ДПМНЕ имаат задача да прават хаос во државата, посебно во ноќните часови, се со цел врвот на ВМРО-ДПМНЕ да се обиде да ја напушти државата“.
Под превезот на фразата „дознаваме“, текстот ги манипулира читателите подметнувајќи им целосни шпекулации како точна и проверена информација.
За сето тоа што го тврди, текстот нема апсолутно никаква потврда од ниедна засегната страна. Ваквите силни констатации со остра и заплашувачка порака, за да остават впечаток на доверба кај јавноста, мораат да бидат поткрепени со некоја пореална и очигледна потврда, со нешто многу повеќе од „дознаваме“. Текстот е посиромашен и за официјална изјава и за став од ВМРО-ДПМНЕ.
Чиста претпоставка е и тврдењето дека ВМРО-ДПМНЕ ќе изгуби на изборите следната недела. Не е објаснето како е дојдено до тој заклучок, дали преку резулатите од анкетите објавени во последен период или, пак, станува збор за нешто друго. Вака како што е напишано личи на „пуста желба“.
Текстот завршува со неколку тенденциозни прашања скроени во коментаторски манир. Се споменуваат отказни решенија, контрапротест, носење гласови… И под претпоставка дека ова е вистина, на читателот мора да му се прикажат примери кога тоа се случило, за тој самиот да се увери дека напишаното е точно. Вака како што е пласирано, изгледа како да е само нафрлено, па и измислено.
Почитувањето на принципите пропишани во Кодексот на новинарите треба да биде основа на секој новинарски текст. Тоа, за жал, не е случај со овој напис во кој се прекршени повеќе членови од Кодексот, меѓу кои:
Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.
Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. (1)
Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…). (10)
Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот. (13)
Известувањето од политичките процеси, особено од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано.
Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти. (14)
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
анонимни
нерелевантни
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
нема мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови