Едностран текст пишуван со партиски очила
Објавено во Рецензии
on 3 - 01 - 2017 Автор: Владимир Мирчески[Рецензија: СДСМ ПОЧНА ДА ПРАВИ ПРОБЛЕМИ ВО СОБРАНИЕ: Спасовски барал констиутивната седница да се води на Албански!]
Шпекулативен и тенденциозен материјал. Напис преполн со непотврдени информации за фамозната албанизација што, наводно, ќе ја спроведува опозицијата. Селективно се цитираат одредби од собранискиот деловник, а воопшто не се споменува претходната собраниска практика според која досега се раководел и споменатиот спикер во заминување. Сето тоа е зачинето со тенденциозен наслов и со злоупотребена фотографија од „црниот понеделник“. Спинерство, тешко спинерство…
Линк до оригиналниот напис: СДСМ ПОЧНА ДА ПРАВИ ПРОБЛЕМИ ВО СОБРАНИЕ: Спасовски барал констиутивната седница да се води на Албански!
Датум и време на објавување: 29.12.2016
Датум на рецензирање: 31.12.2016
Рецензент: Владимир Мирчески
„ОБЈЕКТИВНОСТ“ НИЗ ПАРТИСКА ДИОПТРИЈА
Ова е сериозно оштетен текст, чија суштина е изопачена и ставена во функција на една политичка опција во земјава. Играта е веќе видена – наводна албанизација како елемент на заплашување на јавноста и тоа на самиот почеток од работата на новиот парламентарен состав.
Искористена, или подобро кажано, злоупотребена е координацијата на пратеничките групи во пресрет на конститутивната седница на Собранието за на опозицискиот блок да му се даде нота на креатор на проблеми. Многу наликува на народната „На нероден Петко, капа му кројат“. Парламентот уште не профункционирал, а актуелната опозиција веќе се претставува како деструктивна.
Исковани се сериозни формулации кои се темелат на, според она што е наведено, речиси ништо. Тешките обвиненија се аргументирани, ако воопшто и така може да се рече, со едно „дознаваме“.
„Како што дознааме, на денешната координација помеѓу пратениците и Претседателот на Собранието од минатиот состав Трајко Вељановски, СДСМ отворено се заложиле за рушење на Уставниот поредок и барале да се прекрши деловникот за работа на Собранието.Оливер Спасовски, во името на новоизбраните пратеници од СДСМ и Шарените протести, барал Трајко Вељановски да не ја води седницата, иако согласно изборниот закон, Уставот и деловникот за работата на Собранието на Р.Македонија тоа е обврска“.
САМО ЕДЕН АГОЛ
„Дознааме“ не врши работа во овој случај. Очигледно е дека станува збор за едностран брифинг – диктат, кој едноставно бил „голтнат“ од прва, без какви било задршки или новинарски кочници од типот на проверки, двојни проверки, па дури и тројни проверки. Јасно е дека намерата била да се пласира само едната верзија на вистината. Истиот ден прес-конференција одржа и опозицијата на која споменатиот пратеник ги образложи и тоа многу прецизно деловничките одредби за тоа кој треба да претседава со првата собраниска седница.
„Имаше работна средба кај досегашниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски. Тоа беше средба на која ќе се договорат деталите околу конститутивна седница на Собранието. Бевме информирани дека досегашниот престедател на собранието планира да ја води конститутивната седница, што е спротивно на Деловникот и на собраниксата практика, бидејќи најстариот пратеник претседава со конститутивната седница. Трајко Вељаноски сега е пратеник, како што бил прв меѓу еднаквите, сега е еднаков со сите како пратеник и затоа сметаме дека конститутивната седница треба да ја води најстариот меѓу пратениците, од проста причина што ставот два од членот девет е поврзан со ставот еден кој вели дека доколку досегашниот претседател на Собранието не ја свика седницата, тогаш ја свикува најстариот пратеник и ставот два вели дека тој кој ќе ја свика седницата тој председава со неа“. (Оливер Спасовски, 29.12.2016)
Но, овој факт воопшто не е споменат во написот. Напротив, целосно се занемарува. За ефектот на пристрасност да се дополни, се цитира дел од прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ. Значи, нема ниту „о“ од објективност. А што е најинтересно, заклучно до изборите во 2014 година, истиот спикер во заминување имал поинакво однесување и практика во вакви случаи на конституирање нов собраниски состав.
Друга мака се и коментаторските елементите кои го „бетонираат“ изгледот на овој текст, што наликува како да е конструиран во некоја партиска „фотокопирница“ од каде потоа се штанцаат материјали што потоа во иста форма се објавуваат на повеќе портали:
„Не престануваат обидите на опозицијата за продолжување на политичката криза во државата и кревањето на тензии во Р.Македонија, овој пат преку новоизбраните пратеници, кои иако за прв пат влегуваат во Собранието, почнуваат со предизвикување на проблеми“.
Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот, вели член 13 од Кодексот на новинари.
ЗЛОУПОТРЕБЕНА СТАРА ФОТОГРАФИЈА
Како капак на сè, ја имаме насловната конструкција која во ортаклак со фотографијата го дава финишот на спин-мастерскиот материјал.
Се тврди дека СДСМ почнал да прави проблеми во собрание и тоа е илустрирано со фотографија од т.н. црн понеделник, кој резултираше со буквално исфрлање на опозицијата од Собранието. Значи се злоупотребува настан од пред 4 години и се става во сосема несоодветна конотација.
Заклучок: спин.
„Спин е форма на пропаганда што се постигнува преку употреба на пристрасна интерпретација на настани или преку водење кампања за убедување на јавноста за или против некоја организација или јавна личност“.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
делумно
делумно
делумно
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
официјални, анонимни
релевантни, нерелевантни
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
нема мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови