verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Една слика, 20.000 калкулации!

on 21 - 05 - 2015       
Фото: FOSIM, 17 мај 2015
Фото: FOSIM, 17 мај 2015

 

Веста на француската новинска агенција за антивладиниот протест пред барокната зграда на Илинденска, кој се одржа во неделата (17 мај 2015 година), предизвика големо внимание во македонската јавност, речиси колку и самиот настан. Написот наиде на различни коментари во медиумите и на социјалните мрежи, најмногу поради (не)реалната процена за големината на собирот.

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Основната задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да добие објективна и точна информација. Но, колку овој темелен принцип во новинарството беше испочитуван во извештаите на странските медиуми, видени со очите на нашите домашни (македонски) дописници?

 

20.000 ИЛИ 100.000 ДЕМОНСТРАНТИ

Агенцијата „Франс прес“ (АФП), која објави дека „повеќе од 20.000 граѓани  бараат македонската Влада да се повлече“, фактички ја испрати првата вест (во светот) за посетеноста на неделните демонстрации.

Ваквата објава на француската новинска агенција, која потоа ја презедоа и други медиуми, отвори жестока полемика за тоа дали светот доби реална или искривена слика за протестот во организација на опозицијата и на повеќе невладини организации.

И британски „Гардијан“ во првичниот извештај од настанот информираше дека „20.000 Македонци бараат оставка на Владата на Груевски“. Меѓутоа, наредниот ден весникот се коригираше и го смени насловот. На крајот од овој напис е наведено дека статијата е изменета на 18 мај (2015 ), за попрецизно да го прикаже бројот на демонстрантите. А во текстот е дадено и појаснување дека  „опозицијата тврди дека имало околу 100.000 демонстранти, додека државните медиуми објавија  одѕив од 20.000“.

Некои од познатите светски медиуми беа повнимателни во процените за масовноста на протестот и во своите написи не посочуваа конкретни бројки туку, главно, користеа формулации „десетици илјади“ или „илјадници“ демонстранти:

„Десетици илјади демонстранти во македонскиот главен град Скопје бараат оставка на долгогодишен премиер Никола Груевски.“ ( ВВС)

 

„Десетици илјади луѓе се собраа во центарот на македонската престолнина Скопје за да бараат оставка на конзервативниот премиер Никола Груевски.“  (Associated Press)

 

„Десетици илјади демонстранти во неделата (17 мај) излегоа на улиците на главниот град на Македонија,  мавтајќи со македонски и албански знамиња, во драматичен приказ на етничко единство против Владата…“ (Reuters)

 

„Илјадници луѓе протестираа, барајќи оставка од премиерот на Македонија.“ (CNN)

 

Од медиумите во регионот, пак,  особено впечатлива слика од протестот пренесе  државната телевизија на Словенија, која  извести дека „пред македонската Влада во Скопје се собрале 100.000 граѓани кои барале оставка од премиерот Груевски“.

Сепак, дали на собирот на опозицијата и на граѓанскиот сектор имало 20.000, неколку десетици илјади или 100.000 присутни, може да се види од снимките направени со беспилотно летало кои првин ги објави рускиот медиум „Раша тудеј“. Набргу потоа и СДСМ објави материјал снимен со дрон, под наслов: Историски протест: „Над 100 000 граѓани побараа оставка од Груевски“.

 

„МАТЕМАТИЧКИ ГРЕШКИ“

При презентација на нумерички информации, не ретко се случуваат новинарски грешки. Некогаш, тие се резултат на незнаење. Некогаш, се должат на невнимателност, но и на прифаќање неточни податоци. Најчесто, добиени од надлежни лица, кои, пак, ги подметнуваат во прилог на нечии „стратегиски политички пресметки“.

Ваквите „математички грешки“ се јавуваат и како резултат на калкулација со факти. Имено, во ситуација кога бројката што треба да се сооопшти е издигната на ниво на исклучително важен факт, тогаш тој податок може да биде подметнат како софистицирана дезинформација за манипулирање со јавното мислење. И, оваа неточна информација потоа наменски се користи како силен аргумент во одбрана на некој конкретен став.

Во таа смисла, треба да се има на ум дека цифрата со која се дефинира глемината на еден антивладин митинг, не може да биде „истресена од ракав“. Несомнено дека во еден новинарски извештај за граѓански протест, кој се одржува во амбиент на сериозна политичка криза, овој податок не може да се третира само како „гола“ бројка или „фигура“ во написот , туку има дополнителна специфична тежина.

 

ОРВЕЛОВСКИ КАФЕЗ

Создавањето лажна слика за некој настан, „продавањето“ на дезинформацијата како информација, за жал, стана тренд во македонското новинарство, диктиран од авторитарната пирамида на моќта. Секојдневното бомбардирање со дезинформации и со спинувани вести, типично за неслободни и недемократски општества, го подјарми професионалниот журнализам и го стави во „орвеловски“ кафез.

Налик на оној кафез во кој медиумите наклонети на власта ја заробија вистинската информација за протестот, а потоа ја искористија  процената на „Франс прес“ (која изброи само 20.000 присутни), за да го минимизираат и да го претстават собирот како фијаско на опозицијата. Поминувајќи ја на тој начин границата на новинарската професија  и ставајќи се отворено во служба на владејачката партија.

Настрана тоа што сликата која ја креираа овие медиуми нема допирна точка со тоа што навистина се случуваше пред Владата и на сите приоди  кон Илинденска. Целиот овој простор беше преполн со луѓе, а над нивните глави се вееја македонски, албански, српски, турски и ромски знамиња. И, немаше ниту едно партиско обележје.

Чесното новинарство подразбира ставање бедем за дезинформациите и за манипулирањето на публиката, вклучително и за „нумеричките грешки“. Одговорниот медиум, пак, секогаш настапува од позиција да биде безусловно на страната на граѓаните и на браникот на вистината.

И во интерес на вистината, треба да се каже дека настанот беше грандиозен!

Ќе остане запаметено дека овој масовен антивладин протест ги сплоти граѓаните од различна национална и верска припадност. Демонстрантите беа единствени во пораката до премиерот и лидер на десницата која громогласно се ширеше:

„Збогум Никола“!


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).