Еден наслов, дезинформации рој – Америка не го забрани безготовинското плаќање!
Објавено во Рецензии
on 3 - 02 - 2020 Автор: Админ[Америка воведе забрана за безготовинско плаќање и го враќа кешот во оптек]
Насловот на текстот што го рецензираме претставува целосна дезинформација (всушност, во него има три дезинформации) и не е усогласен со веста дадена во содржинскиот дел на текстот. Фактички, самиот наслов многу малку го претставува текстот – а основната функција на еден наслов е да биде своевидна „најава“ за тоа што може да се прочита внатре во написот. Дополнително, и во текстот се пласира една од дезинформациите што се содржани во насловот.
Линк до оригиналниот напис: Америка воведе забрана за безготовинско плаќање и го враќа кешот во оптек
Датум и време на објавување: 29.1.2020
Датум на рецензирање: 2.2.2020
Насловот изнесува дури три дезинформации – дека Америка (се мисли веројатно само на САД, а не на сите земји на американскиот континент) го забранила безготовинското плаќање (плаќање со картичка или мобилен), како и дека го враќа кешот во оптек. Во самиот текст, пак се повторува дезинформацијата во насловот – дека станува збор за забрана на безготовинското плаќање. Она дека „Америка го враќа кешот во оптек“ го нема во текстот, а веројатно во насловот е ставено за да ја подзасили „мамката“.
Да појасниме: поради „сензационалноста“ на трите тврдења во него, насловот е типичен кликбејт (clickbait) односно наслов-мамка, кој треба да ги привлече читателите на „помалку атрактивен текст“ и така да се оствари уште едно читање, кое пак, ја зголемува бројката на посети на сајтот, притоа „доградувајќи му репутација“.
Советот на Градот Њујорк изгласал друга забрана
Како што можеме да прочитаме на почетокот, Советот на Град Њујорк (не: Градскиот совет во Њујорк, како што е напишано во текстот) изгласал „забрана на безготовинските трансакции во малопродажбата и ресторани“.
Но, тука имаме целосна и огромна дезинформација! Иако е точно дека Советот на Град Њујорк донел некаква забрана, тоа не е забрана на безготовинските трансакции во продавниците, рестораните (како што пишува во текстот), туку е забрана на исклучиво безготовинското работење на продавници, ресторани и други форми на трговија на мало, односно иако досега некои од нив не примале кеш, готовина – отсега ќе мора да го прават тоа! Значи, не станува збор за забрана на безготовинското плаќање, како што погрешно се тврди во насловот и во текстот. Забраната се оправдува со образложението дека безготовинското плаќање ги дискриминира оние што немаат банкарска картичка или не може да си дозволат да отворат сметка во банка.
Да стануваше збор за забрана на безготовинското плаќање, односно примораност да се плаќа само во кеш, целиот свет ќе „врескаше“ за тоа, наместо да се појавува таквата „вест“ во овој текст и можеби во уште некој друг медиум!
Но, оваа забрана се однесува на подрачјето на градот Њујорк, а никако на „Америка“, што нѐ доведува до втората дезинформација – „дека на подрачје на цела држава или континент, како што тврди насловот, е забрането безготовинското плаќање“.
Њујорк не е првиот град (ниту држава во САД) што воведе ваква забрана
За волја на вистината, пред градот Њујорк, идентична одлука – забрана на исклучиво безготовинска наплата – воведе државата Њу Џерси, а пред неа градовите Сан Франциско и Филаделфија. Државата Масачусетс ваквата забрана ја вовела уште во 1978 година. Но, сите тие се далеку од цела држава или цел континент „Америка“
Уште еден проблем со овој текст е тоа што се повикува на извор што не постои – односно, како извор е линкуван текст на телевизиската мрежа „Си-ен-ен“ (CNN), но тој не е за безготовинските трансакции и нивна забрана, туку за загриженоста на јавноста и можните забрани во некои градови за технологијата за препознавање лица.
Значи, во овој дел имаме уште една дезинформација – текстот се повикува на непостоечки извор, односно воопшто нема извор за тврдењата содржани во него, а со поставувањето линк сака да постигне увереност кај читателот дека пренесува точна информација која ја прочитал на легитимен извор.
Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења.