verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Дигитализација – подобра слика, но сѐ уште без висока HD-резолуција за сите

on 18 - 03 - 2016       
002 - pretplatnici po operatori - vkupno
(Отворете го овој и другите графикони во посебен прозорец со десен клик за да ги разгледате во полна големина)

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Што добивме со дигитализацијата на телевизискиот сигнал? Дали сега имаме подобар квалитет на телевизиската слика, дали се воведоа нови интересни и вредни технологии или, пак, има ли можности наскоро да бидат воведени такви технологии како резултат на дигитализацијата на ТВ-сигналот

 

Пишува: Владимир Петрески

 

Несомнено е дека дигитализацијата донесе поквалитетна телевизиска слика. На 1 јуни 2013 година конечно се престана со емитувањето на застарениот композитен сигнал, чија резолуција беше 640 на 480 (број на најситни светлечки пиксели, односно точки на екранот од телевизорот кои ја менуваат бојата и од која е создадена телевизиската слика) и форматот од 4:3 (сооднос на должината со висината на ТВ-сликата). Резолуцијата, односно густината на светлечките точки е важна затоа што од неа зависи и квалитетот на телевизиската слика – што поголема резолуција, тоа поквалитетна, поостра слика. Квалитетот на ТВ-сликата зависи и од други елементи, но овој е еден од најважните и основа за подобрување и на другите.

Новите дигитални технологии овозможија ТВ-сигналот да биде емитуван во стандардна дефиниција (standard definition – SD/EDTV-стандард од 720х576 точки) или висока дефиниција (high definition – HDTV-стандард со резолуција од 1.280×720), па сè до максимумот од 1.920×1.080 резолуција, при што се смени и форматот, кој сега изнесува 16:9. Исто така, беше усвоен и DVB-T стандардот за емитување програма, при што ТВ-сигналот се емитува во компримирана форма.

Денеска во светот постојат и нови, уште посовремени технологии како 4К (резолуција 4.096×2.160) и во развиените земји некои ТВ-оператори и ТВ-станици емитуваат спортски настани во овој стандард веќе цела година, па и подолго, но за тие да можат да се гледаат во овој стандард, потребни се посебни ТВ-приемници, кои сѐ уште се прилично скапи. Оваа технологија овозможува и избирање на телевизиската камера што би сакале да ја следите во одреден момент од фудбалскиот меч, на пример. Покрај ова, сега постои и 3Д-технологија, каде што телевизиската слика се снима со камери кои имаат два објективи и за чие следење се потребни посебни т.н. OLE-телевизори. Oвие технологии се сѐ уште прилично далеку до нас. Како прво, во земјава нема кој да го реемитува таквиот сигнал, значи тој нема како да стигне до Вашиот телевизор, дури и кога би го поседувале. Целата опрема, како видеомиксерите, видеоконверторите и камерите се поинакви од постојните и треба да се набават посебно. Слична е состојбата и со новиот стандард DVB-Т2 за емитување програма, кој нуди уште поголема компресија на ТВ-сигналот, што го прави особено податен за трансмисија на HDTV, иако и актуелниот сигнал DVB-T може и се користи за истата намена. Но, иако во Србија, на пример, овој нов стандард се користи за емитување на 10 SD и HD-канали на јавниот радиодифузер РТС и во Хрватска на два претплатнички мултиплекси, неговата имплементација во Македонија сѐ уште не е на повидок.

 

HDTV СЕ ЕМИТУВА, НО ДАЛИ СТИГНУВА ДО ТВ-АПАРАТИТЕ

Она кон што во моментов можеме да се стремиме и да се обидеме да го стекнеме како најголема технолошка придобивка на дигитализацијата, тоа е постигнување на HDTV-стандард во резолуција од 1.920 х 1.080 на нашите ТВ-екрани. Но, и покрај тоа што сега веќе има телевизии што емитуваат HD-сигнал во висока 1.920×1.080 резолуција, како  „Сител“, МТВ, ТВ 21, „Телма“, новата кабелска телевизија „Нова“, ТВ „Тера“ од Битола и други, сепак, тоа не значи дека до телевизорите на сите домаќинства така емитуваниот HD-сигнал и пристигнува во таа форма. Во целиот синџир на емитување од ТВ-станиците, преку ТВ-операторите со ТВ-апаратите на домаќинствата, сигналот мора да биде преземен и емитуван во HD-резолуција за така и да стигне до гледачите. Само ако еден од овие делови на синџирот на емитување и на реемитување ја намали резолуцијата, тогаш на крај ќе се добие сигнал со послаб квалитет. А, тоа намалување на резолуцијата може да се случи на различни места. Може да настане кај ТВ-операторот, односно операторите со јавни комуникациски мрежи, како што официјално се викаат комерцијалните компании што собираат претплата од домаќинствата и од компаниите, какви што се кабелските оператори „Близу“, „Телекабел“ и другите, DVB-T-операторот „Оне“ (ТВ-пакетите од марката „Бум ТВ“), IPTV-операторот „Македонски телеком“ (пакетите од марката „Макс ТВ“) и сателитскиот оператор „Тотал ТВ“. Еве што за овој проблем вели Борче Николовски, раководител на техника во „24 Вести“:

Проблемот е во тоа како те презема операторот. Сите телевизии на некои оператори се емитуваат во две платформи – во HD-резолуција или SD-резолуција. Операторот е должен да ги има и двата формати за да може да му ги понуди на крајниот корисник.

Но, проблемот може да настане и на другата страна, односно во домаќинствата. Бадијала е операторот да доставува HD-квалитет, ако претплатникот нема телевизор што може да ја прикаже таквата слика, туку таа мора преку приемниот уред (кутијата добиена од ТВ-операторот или купена во продавница за бесплатно следење на националните телевизии и на програмите на Македонската радио телевизија – МРТ) и далечинскиот управувач да биде редуцирана до резолуција што му одговара на телевизорот.

Околу 40% од граѓаните немаат купено телевизори со рамен екран, туку сѐ уште користат CRT-телевизори (со катодна цевка), вели Николовски.

Дури и новите телевизори со рамен екран, не сите имаат способност за прикажување на т.н. „FullHD“ слика во резолуција 1.920×1.080, туку се сертифицирани како „HDReady“, што значи резолуција од 1.280х720, на пример. Ваквите телевизори, иако немаат можност за репродукција на целосна HD-резолуција, се популарни поради нивната пониска цена.

Настрана фактот што сите ТВ-станици не емитуваат во HD-резолуција и што сите домаќинства немаат HD-телевизори, што се случува со ТВ-операторите? Дали тие барем емитуваат HD-сигнал од оние ТВ-станици од кои го добиваат како таков? Тука работите се компликувани и тоа зависи и од самиот оператор, но и од видот на операторот. Кабелските оператори по правило би требало да можат да емитуваат во HD без проблем, затоа што кабелот им овозможува непречено „ширење“ и преносот зависи само од тоа дали нивната опрема, нивните „централи“ се наменети и имаат можност за HD-емитување. Во Македонија има 71 кабелски оператор и најголем дел од нив се мали и локални, па не е лесно да се утврди резолуцијата и форматот на нивното емитување.

Од друга страна, пак, сателитскиот ТВ-оператор „Тотал ТВ“ емитува во HD низ целата територија на земјата:

Оние што добиваат ТВ-програма преку сателит се во предност, зашто имаат добар сигнал на целата територија на земјата. Предност е и тоа што сателитскиот приемник можете да го земете со себе и да гледате телевизија и во вашата викендичка, на пример, ако претходно и таму имате поставено соодветна антена. Можете дури и сателитскиот приемник да го однесете во странство, зашто сателитскиот сигнал се емитува и во други земји и и таму да ги гледате македонските канали, вели Николовски.

Кога станува збор за DVB-T операторот, каков што е „Оне“ со марката „Бум ТВ“, тој не се емитува во HD. И самиот приемен уред, кој се добива за ваквиот ТВ-пакет, нема т.н. HDMI-излез за телевизор, кој е неопходен за прием во HD, објаснува Николовски.

 

И HD И SD ЗАСЕГА, АМА ЌЕ БИДЕ САМО HD НАБРГУ

Кај IPTV-технологијата (internet protocol), која ја користи „Македонски телеком“ за емитување ТВ-програма во рамките на својата марка „Макс ТВ“, состојбата е малку покомплексна.

Секаде каде што има стар бакарен кабел, има можност за IP-телевизија преку нивните централи во општините, но само SD-резолуција. За HD, треба оптички кабел. Затоа, овој оператор од медиумите, од телевизиите, го презема и SD и HD-сигналот, за да може на оној што има оптика и е претплатен на таков пакет, да му достaви програма во HD, додека на оној што добива ТВ-сигнал преку бакарна жица, да му даде SD. Тоа ќе се смени како што поминува времето и ќе остане само HD. Тие поставуваат нова опрема, ставаат нови централи и на крај ќе остане само HD. Оние претплатници до чии домови е доведен оптички кабел, добиваат FullHD-резолуција, но, таму, пак, претплатата, барем засега, е висока, појаснува Николовски.

Инаку, бројот на интернет-претплатници на оптичката мрежа на „Македонски телеком“, кои имаат можност за добивање ТВ-програма во HD, а најголем дел и ја добиваат, зашто најголем дел се претплатени на двојни или тројни пакети (интернет, ТВ и фиксен телефон) на средината од 2015 година изнесуваше 16.295, од кои 13.322 се домаќинства.

Постоењето на ова различни стандарди и резолуции на емитување се одразува и на телевизиите:

Проблемот е што со сета оваа мешаница штета трпат телевизиите. Тие вложиле големи суми на пари да можат да емитуваат во FullHD-резолуција, а во голем дел операторите немаат технички можности тој FullHD-сигнал да го достават до претплатниците, туку доставуваат само SD. За тоа треба мрежата на операторот да има технички можности, но тоа, како што гледаме, не секогаш е така, вели Николовски.

 

ШТО АКО НЕ СТЕ ПРЕТПЛАТЕНИ НИКАДЕ

Најголемо влијание дигитализацијата имаше кај оние домаќинства што не се претплатени на ниеден од комерцијалните телевизиски пакети што ги нудат комерцијалните ТВ-оператори. 40.000 домаќинства, кои се приматели на социјална помош, добија уреди за прием од државата, додека другите требаше да ги набават за да можат да ја следат ТВ-програмата. На почетокот тие чинеа 1.000 денари, но сега можат да се најдат за само 600 денари и дури имаат и влез за USB-стик, што значи дека може да се снима програмата.

За преносот на дигиталниот сигнал, државата, преку тогашниот Совет за радиодифузија (сега Агенција за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги – АВМУ) додели седум мултиплекси (мултиплекс претставува збир на ТВ-услуги, меѓу кои и пренос на ТВ-сигнали – името доаѓа од зборот млутиплексинг, што значи техника за пренос на неколку сигнали преку еден комуникациски канал). Од нив, два беа доделени на ЈП „Македонска радиодифузија“ (МРД) за пренос на програмите на МРТ и пет на групацијата „Оне“ од кои три за платена телевизија и два за пренос на ТВ-станиците на државно и на регионално ниво. Програмите на МРТ и тие на националните и на регионалните терестријални комерцијални телевизии можат да се следат бесплатно со приемник купен од продавница. Но, дали е тоа така насекаде? Дали „Оне“ ја има покриено државата со доволно предаватели и исполнето првичната обврска да покрие 92% од територијата на земјата, а сега се вели и дека покриеноста изнесува 94%?

Прашање е дали мултиплексот на „Оне“ има 94 проценти покриеност. Прашање колку е таа бројка прецизна. Треба да се види картата на покриеност, но тоа е само слика. За да се види точно, треба да се излезе на терен. Да назначиме некои точки и да видиме дали има сигнал и како ќе се гледа. Секогаш има мртви точки, мртви зони во сигналот каде што ништо, никаков сигнал не можеш да добиеш. Порано со аналогната технологија, со мало поместување на антената можеш да добиеш некаков сигнал, можеби и со снег, но сега тоа со дигиталниот сигнал повеќе го нема. Сега или има или нема програма, вели Николовски.

Излезот од ваков евентуален проблем е повторно претплатата на ТВ-оператор кој има технички можности да испрати сигнал насекаде:

Секогаш има излез. Народот е сега веќе навикнат и ќе си набави сателитска антена и ќе се претплати на сателитскиот оператор „Тотал ТВ“. Може дури и да се случи да се најде локален ТВ-оператор кој ќе го преземе сигналот на „Тотал ТВ“ и ќе го достави до жителите во тоа населено место, додава тој.

За разлика од емитувањето на својот ТВ-пакет од марката „Бум ТВ“, кој не се емитува во HD, и мултиплексот на „Оне“, наменет за комерцијалните терестријални станици (и национални и регионални) за бесплатно следење и оној на МРД, наменет за ТВ-каналите на МРТ, сигналот го емитуваат онака како што го добиваат, што значи дека оние телевизии што емитуваат во HD, можат и да се гледаат во HD во домаќинствата што имаат телевизиски HD-приемници, а кои не се претплатени на пакетите на ниеден ТВ-оператор.

 

КОЛКУ ДОМАЌИНСТВА НЕ СЕ ПРЕТПЛАТЕНИ НА НИЕДЕН ТВ-ОПЕРАТОР?

Но, колку се таквите домаќинства? За ова податоците низ институциите се контрадикторни и никој не знае. Графиконот на почетокот на текстов, кој го покажува вкупниот број на претплатници на сите комерцијални ТВ-оператори, говори за бројка од 374.000 такви домаќинства од вкупно 576.000 домаќинства во земјава според пописот од 2002 година. Од друга страна, пак,  долниов графикон, објавен од страна на АВМУ, а составен од податоци добиени преку анкета, покажува дека само 6,2% од домаќинствата не се претплатени на ТВ-пакетите на некој оператор. Ова е сосема нереално. Ваквиот процент значи дека само 35.700 домаќинства не се претплатени на некој ТВ-пакет, што би требало да значи дека и неколку илјади од оние 40 домаќинства, кои се социјални случаи и кои поради тоа добија бесплатни приемни уреди, се претплатиле на некој ТВ-пакет. Од друга страна, пак, директорот на АВМУ, д-р Зоран Трајчевски, во интервју за „Нова ТВ“, дадено на 31 мај 2013 година, односно само еден ден пред почетокот на дигитализацијата, изјави дека само 15% од домаќинствата во земјава не се претплатени на некој ТВ-оператор, што значи само 85.000 домаќинства. Разликата од 150.000 домаќинства, кои тогаш не се појавуваа во бројките на вкупниот број претплатници според податоците на АЕК добиени од ТВ-операторите, беше објаснета со тоа што тие не ги пријавувале сите свои претплатници за да затаат данок.

004 - priem na signal - nacin

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Бројката на домаќинства што не се претплатени на ниеден оператор може да биде од 50.000 до дури 200.000 ако бројките кои ТВ-операторите ги доставуваат до АЕК се точни и ако нема даночната евазија. Оваа бројка, најверојатно, е поблиску до онаа од 100.000 домаќинства, ако се знае дека 37.000 добија бесплатни уреди за прием од државата како социјални случаи и ако додадеме уште само дополнителни 10% од домаќинствата во земјава да не се претплатени никаде, што и не е премногу во ситуација кога Македонија се соочува со невработеност од околу 25% . Сето ова, пак, значи дека околу 100.000 домаќинства ги следат само националните терестријални комерцијални телевизии („Сител“, „Канал 5“, „Телма“, „Алфа“ и „Алсат-М“),програмите на јавниот радиодифузен сервис (МРТ), како и регионалните телевизии, кои најверојатно повеќе и нема да ги има бесплатно, туку само преку кабелските оператори зашто најголем дел од нив не се во состојба да ја платат лиценцата од 15.000 евра за да можат да емитуваат преку мултиплексите на „Оне“, како што објаснува Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми:

Една од работите кои се случија e што „Оне“ доби монопол, практично, во комерцијалниот дел на радиодифузијата. И, сега за да си ги врати парите што мораа да се инвестираат во предавателската, репетиторската мрежа, емитување на национално ниво чини 98.000 евра, а на регионално – 15.000 евра. Идејата беше и локалните телевизии да се префрлат, да станат регионални телевизии, зашто немаше локална фреквенција. Меѓутоа, што се случи? Ниедна од локалните телевизии нема да собере 15.000 евра. Тоа за нив се огромни пари. Ете, на кое ниво ни е локалната радиодифузија. И, сега, затоа сите локални телевизии се префрлија на емитување преку кабелските и другите оператори кои вршат пренос на ТВ-сигнал.

А, емитувањето на локално ниво преку кабелскиот оператор во градот или регионот е далеку поевтино. Станува збор за комерцијален договор меѓу ТВ-операторот и ТВ-станицата, но низ градовите во земјава има и такви каде што кабелскиот оператор би ја емитувал вашата ТВ-станица локално и за 500 евра. Но, од друга страна, ова покажува дека оние домаќинства кои не се претплатени на некој ТВ-оператор, односно кои гледаат само бесплатни ТВ-станици и каналите на МРТ, ако нешто не се смени, не ќе можат да ги гледаат локалните ТВ-станици во својот град, село или регион. Тоа значи дека и во овој случај коцките се местат во корист на петте национални терестријални комерцијални телевизии и на МРТ, кои се најголеми и најбогати на македонскиот телевизиски пазар, при што приходите на МРТ се поголеми од приходите на сите пет вакви телевизии заедно.

001 - Prihodi

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

ЗА ПРЕТПЛАТНИЦИТЕ НЕМАШЕ ДИГИТАЛИЗАЦИЈА

Дигитализацијата како да не се случи за комерцијалните ТВ-оператори. Како што покажуваат бројките, бројот на претплатници во изминатите две години и девет месеци пораснал за само 40.000 или 12,6%. Имаше мал пораст во претплатата од вториот на третиот квартал во 2013 година, односно во периодот кога почна емитувањето на дигиталниот сигнал, но тоа беше сѐ. Овој мал пораст беше распределен меѓу сите видови оператори, освен кај DVB-T сервисот на „Оне“. И, токму кај овој ТВ-оператор, кој е сопственик на марката „Бум ТВ“, кој не нуди можност за HD-резолуција, е единствен кој бележи стагнација, па дури и мал пад во однос на периодот од 2013 година кога се воведуваше дигитализацијата.

003 - pretplatnici po operatori - podeleno

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Во секој случај, патот кон имплементирање на HD-резолуција е зацртан и еден ден на сите телевизори во земјава ќе се емитува само таков сигнал и тоа како минимален стандард:

Еден ден ќе кажат не може повеќе телевизиите да емитуваат SD-сигнал и исто како што АВМУ со дигитализацијата рече дека минимум е SD-сигнал, значи не може повеќе телевизиите да емитуваат композитен, аналоген сигнал, каков што го викавме на времето, вели Николовски.

Но, кога ќе биде тоа, не е јасно. Сигурно ќе треба да помине време за да се смени и актуелната генерација на телевизори по домовите, кои не се со HD-резолуција, а кои сѐ уште се продаваат во продавниците. Дотогаш сигурно ќе се појават и новите стандарди со повисока резолуција од HD, подобар квалитет и со поголема брзина на преносот и од тоа колку ќе бидат возбудливи и интересни за гледачите ќе зависи и брзината од нивното усвојување.  Но, што добивме од дигитализацијата на ТВ-сигналот, всушност, со оглед на фактот што дури 55-75% од домаќинствата веќе беа претплатени на ТВ-пакетите од комерцијалните оператори и за нив дигитализацијата како и да не се случи. Тоа најдобро го илустрира Георгиевски од МДЦ:

Со дигитализацијата на ТВ-сигналот имаме поквалитетна слика и помалку пречки во следењето на ТВ-програмата. Инаку, во смисла на програмска понуда, не добивме ништо. Секоја промена кај нас, па , еве сега и оваа регулаторно-технолошка промена, ништо не регулира, туку само зацементира стекната ситуација.

 


(Текстот е изработен во соработка со Фондација Метаморфозис, во рамките на проектот „Мапирање на дигитализацијата во радиодифузијата во РМ“, финансиран од Independent Journalism Programs од Лондон.)