Дезинформација за изјавата на Рама – границите не се отвораат само за Албанците
Објавено во Рецензии
on 29 - 05 - 2020 Автор: АдминФото: Илустрација
[Рецензија: ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката на Рама е нов пораз за владата на Заев]
Изјавата на премиерот на Албанија, Еди Рама, за отворање на границите со соседните држави беше погрешно протолкувана дека тие ќе со отворат само за Албанците. Оваа дезинфомрација од бројни медиуми предизвика и реакции од политичката јавност во Македонија. Но, како изјавата на Рама беше погрешно преведена и погрешно интерпретирана од бројни медиуми?
Линк до оригиналниот напис: ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката на Рама е нов пораз за владата на Заев
Датум на објавување:25.05.2020
Датум на рецензија: 28.05.2020
Рецензент: Дрилон Салиу
Освен погрешните интерпретации на медиумите на оваа изјава, реакција со погрешна интерпретација на изјавата имаше и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но и од пратеникот Илија Димовски, кој ja прогласи изјавата на Рама како “лудило од 19-тиот век”.
Од друга страна, потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири, на својот Фејсбук профил објави дека наводната одлука на премиерот на Албанија за отворање на границите само за Албанците во соседните земји, кои имаат албански, косовски, македонски или црногорски пасош, е лажна.
ШТО, ВСУШНОСТ, РЕЧЕ РАМА?
По повод ублажувањето на мерките против Ковид-19, меѓу кои спаѓа и отворањето на гранците кон соседните држави, Рама изјави:
Почнувајќи од понеделник, 1 јуни, ние ќе ги отвориме копнените граници со соседите. За сите Албанци, без разлика дали се со пасош од Албанија или од Косово, Северна Македонија или Црна Гора, ние ќе продолжиме да ве повикуваме без престан сите, без исклучок, да внимавате. На 1 јуни ќе се отворат границите, но не и плажите.
Од оваа изјава лесно може да се заклучи дека не станува збор за отворање на границите само за Албанците, туку за сите соседи. Потоа, Рама има порака до сите Албанци да внимаваат и да се чуваат. Но, со или без намера, новинарите се „изгубија во преводот”.
Имено, кратка пауза во говорот не мора да претставува запирка, како што е тоа во овој случај каде станува збор за точка. Со тоа, реченицата добива сосема друга конотација. А, една ваква граматичка грешка при пишувањето може „да сруши планини”. Па, така, новинарите, а после и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, „го заборавија” ова правило и погрешно ја протолкуваа изјавата. И покрај спротивните тврдења на Мухамед Зекири, Петрит Сарачини и други, на кои албанскиот им е матичен јазик и кои јавно реагираа против оваа дезинформација, медиумите блиски до опозицијата продолжија да инсистираат на погрешниот превод. Тие дури пренесоа титлувана видео верзија од изјавата на Рама, но повторно користејќи погрешна интерпункција и насочувајќи ги своите читатели да ја толкуваат изјавата во погрешна насока (овде и овде). Во овие видео клипови повикот на Рама кон Албанците од регионот да внимаваат при патувањето во Албанија повторно беше поистоветено со погрешното толкување како небаре отворањето на границите да се однесува само на етничките Албанци жители на државите од регионот.
Инаку, реакција имаше и од министерот за надворешни работи, Никола Димитров и од Владата на РСМ, кои исто сметаа дека границите не се отворени само за Албанците.
Во воведот на написот на написот што овде го рецензираме, пак, во интерпретацијата на соопштението на ВМРО ДПМНЕ се вели:
Нивната реакција (на ВМРО-ДПМНЕ – н.з.) следува откако денеска албанскиот премиер Еди Рама изјави дека Албанија ќе ги отвори границите за сите Албанци кои живеат во соседните земји, а кои имаат државјанство на тие земји – Србија, Северна Македонија и Црна Гора.
Брзањето по ексклузивност во конкретниов случај е на штета на точното информирање на граѓаните. Во конкретниот случај, во најмала рака би требало да се провери точноста на изјавата, преводот, па и да се побара став од засегнатата страна, во овој случај, Владата на Албанија. Но, тоа не е сторено и, како последица, сакајќи или не, доаѓа до дезинформирање на граѓаните.
Кодексот на новинарите, поточно член 1, за тоа како треба да се постапи во конкретниов случај, е дециден:
Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави.
Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења