Црната реалност во здравството ја побива и пропагандата
Објавено во Колумни
on 12 - 11 - 2015 Автор: Сеад РизвановиќРеформи во здравството, а болни деца не можат да добијат пари за операција во странство. Анкети кои покажуваат големо задоволство на граѓаните од здравствениот систем само една-две недели пред пукањето во Клиничкиот центар, во кое беше повреден лекар на Клиниката за дигестивна хирургија. Како со овие контрадикторни и спротивставени трендови и информации се справуваат медиумите?
Пишува: Сеад Ризвановиќ
Во серија текстови, дел од медиумите минатата недела објавија истражување на задоволството на пациентите од состојбата во скопските здравствени домови или амбулантите.
Со оглед на фактот што резултатите од анкетата се објавени во дел од медиумите што константно ја подржуваат политиката на Владата, очекувано, насловите триумфалистички најавија невидено задоволство кај пациентите кои ги користат услугите во македонското здравство.
Уделот со кој треба да се убеди јавноста дека во здравството цветаат рози надминува 80 проценти, а во северно-корејски манир 98,6 отсто од луѓето се задоволни од љубезноста на лекарите.
Но, не помина ни цела недела, граѓаните уште неосвестени од најновите вртоглави успеси на македонското здравство, следуваше шок. Незадоволни граѓани стрелале во ногата на лекар на скопските клиники, бидејќи биле револтирани од смртта на нивната мајка.
Освен што овој брутален напад е незапомнет во поновата македонска историја, настанот дејствуваше како електротерапија за македонскиот граѓанин хипнотизиран од лагите на безочната пропаганда.
ГРЕШКИ И ПРОБЛЕМИ КОЛКУ САКАШ
Обидот на „Големиот брат“ да го амортизира незадоволството на граѓаните од грозоморниот случај во Гевгелија, кога починаа бебе и родилка породувана од пијани анестезиолози, се распрсна како меур од сапуница, прободен од суровата реалност.
Но, реалноста во овој случај не е сурова само метафорично. Во здравството лекарските грешки, неправдите, условите за лекарите и за пациентите суровоста ја издигаат на ниво на систем.
Без да се навраќаме на старите случаи, само годинава јавноста беше потресена со случаи, како оној на малата Тамара од Велес, која почина од вродена мана на ’рбетниот столб, а која не доби препорака од лекарска комисија за операција во странство.
Писмото во кое родителите на 12-годишната Ана-Марија ја опишаа својата голгота и трагичната приказна за девојчето, кое починало за еден ден на Клиниката за инфективни болести, предизвика нов шок и бран реакции на луѓето кои побараа одговори од властите и од водачот на здравството во Владата, Никола Тодоров.
Обидот на пропагандата да ги затскрие и случаите на Тамара и на Ана-Марија не успеа, бидејќи по широката експозиција на приказните во јавноста, дури и дел од најтврдокорните портали мораа да попуштат и да ги пренесат информациите, се разбира, дозирани според контурите на Потемкиновите села.
Речиси е неразбирливо како креаторите на домашната пропаганда не научиле повеќе од минатото или од блиското опкружување. Веројатно не разбрале дека покрај сите нивни обиди за контрола, поткупи и за заплашување, јавниот интерес сам излегува на површина. Македонија е, сепак, земја која е во европско опкружување, со добра интернет-покриеност, па речиси се илузорни обидите да се скријат информации или со евтини анкетички да се обидува домашното здравство да се претстави како шведско.
ЛЕКАРИ САМИ КУПУВААТ МАНТИЛИ
Ако прашате кој било претставник на Владата или поддржувач на „реформаторите“, папагалски ќе ве бомбардираат со „стоте милиони евра“ дадени за медицински апарати и за опрема, реконструкцијата на болници, како и за веќе легендарната изградба на нов клинички центар.
Без да навлегуваме во нерешените афери со цената по која се набавувани апаратите или „милиончето“ на компанијата „Визарис“ и вмешаноста на новинар во овој скандал, со сигурност може да се каже дека ниту една реформа или инвестиција во здравството не е спроведена на добар начин, со добрa анализа на цената и на добивката.
Дел од истражувачките новинари се обидоа и да ја добијат листата на сите купени медицински апарати и опрема, како и нивниот распоред во клиниките и болниците, но таа листа никогаш не дојде до јавноста. Ама затоа дојдоа неброени сведоштва на лекарите дека дел од апаратите седат неискористени и невклучени поради низа причини. На дел од апаратите нема ниту кој да работи поради недостиг од специјалистички кадар, за дел недостигаат резервни материјали, а постои и сериозен проблем со сервисот и со гаранцијата на дел од опремата.
Недостатоците на системот за плаќање „по учинок“ се веќе многу добро познати, дури и за граѓаните што нѐ следат многу за здравството. Министерот Тодоров остана на ставот дека системот мора да остане и дека на тој начин лекарите ќе работат поквалитетно и повеќе. Но, во реалноста добивме само нови административни обврски и парадоксално – намалување на времето за преглед на пациентите, со што „по учинок“ на крајот плаќаат пациентите, а не државата.
Се разбира дека овие аргументи не можат да се видат во дел од медиумите, па дури и во јавниот сервис, каде редовно се пренесуваат некакви истражувања кои покажуваат задоволство на лекарите и на пациентите, а редовно министерот Тодоров ја објавува и листата на сто наградени лекари, која стана листа за потсмев во медицинската бранша.
КЛИНИКИТЕ СЕ ДАВАТ ВО ДОЛГОВИ, ТОДОРОВ УБЕДУВА ДЕКА ПРАВИ НЕВИДЕНИ РЕФОРМИ
Поддршка за министерот, се разбира, редовно доаѓа од менаџерите на клиниките. И за нив, изгледа, во здравството цветаат рози, а реформите на Владата ја прават нивната работна средина налик на клиниката „Шварцвалд“. Но, тие истите директори никогаш не кажуваат дека нивните колеги лекари, медицински сестри и болничари од свој џеб купуваат работна облека. Рака на срце, медицинскиот персонал така не мора да се грижи за уште една промашена реформа на Тодоров поврзана со начинот на облекување во здравството, ама луѓето, сепак, мораат да одвојат дел од своите плати за работна униформа која треба да им ја купи работодавецот.
Но, тој, работодавецот, во овој случај се јавните здравствени установи, кои во последните десетина години се удавени во долгови. Со оглед на променливата категорија на долговите и на обврските, таа категорија варира, но во одредени моменти јавните здравствени установи на Фондот за здравство му должеа и близу 100 милиони евра.
Ако, пак, го следите системот за упатување на пациентите на лекар, можете да се помолите матичниот лекар вашата акутна состојба да не ја помеша со хронична, па на тој начин да добиете сериозна здравствена компликација чекајќи „мој термин“.
Во медиумите кои редовно известуваат за „вселенските успеси“ на Владата и (не)одговорниот министер Тодоров, нема да видите ниту информации за напуштањето на лекарите на грогираното македонско здравство, ниту, на пример, за фактот дека сите граѓани во Македонија поради проблеми со набавките сѐ уште немаат електронски здравствени картички, иако се пробиени сите рокови.
Сега, граѓаните нека решаваат, нека ги гледаат скапите владини реклами, кои ги убедуваат во успешните здравствени реформи, па нека повелат во болница без никаква ургенција. Ако реалноста им се совпадне со рекламите и со известувањето на државната телевизија и на дел од другите медиуми, тогаш можат да кажат дека се навистина среќни.
Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).