Чаршиски извори и прашања на погрешна адреса
Објавено во Рецензии
on 12 - 10 - 2016 Автор: Александар Пешев
[Рецензија: БАКРАЧЕСКИ ПАУН НИКОЛА И НЕГОВАТА ОПШТИНСКА ОЛИГАРХИЈА ГО ЗАРИБАЛЕ ЦЕЛ ВОЗЕН ПАРК НА ОПШТИНА ОХРИД!]
Квалификацијата „општинска олигархија“ го прави тендециозен насловот, во кој се презентираат тврдења за злоупотреба на општински ресурси. Во самиот напис има само еден факт, а тоа се деталите од прес-конференција во 2013 година. За сите други тврдења не се презентирани докази, нема изјави ниту, пак, е наведен изворот на информациите.
Линк до оригиналниот напис: БАКРАЧЕСКИ ПАУН НИКОЛА И НЕГОВАТА ОПШТИНСКА ОЛИГАРХИЈА ГО ЗАРИБАЛЕ ЦЕЛ ВОЗЕН ПАРК НА ОПШТИНА ОХРИД!
Датум и време на објавување: 06.10.2016
Датум на рецензирање: 10.10.2016
Рецензент: Александар Пешев
ДИСКРЕДИТАЦИИ УШТЕ НА ПОЧЕТОКОТ
Воведот на текстот е коментаторски, со формулации видно насочени кон лична дискредитација. Се пишува за „устоличувањето на Никола Паун Бакрачески за прв ’Везир’ на неговиот пашалук – Охрид“ и се изнесуваат неговите критики стари неколку години. Веднаш потоа следуваат тврдења:
„Денес во 2016 година , не само што сосотојбата со возниот парк на општина Охрид е катастрофална , туку ракводителите не излегуваат од возилата 24/7.Доваѓаат на работа во општината Охрид и си заминуваат со нив , но ги користат и за секакви приватни цели“.
Изворот на ваквото тврдење не е наведен. Дали се дознава официјално или неофицијално? Кој ја потврдил ваквата наводна состојба? Дали има докази за сево ова и зошто тие не се презентирани? Но, наместо докази, се нижат коментари:
„Таквото недомаќинско работење на раководителите на Општина Охрид и поголем дел на директорите на Јавните Претпријатија , допринесе во функција да бидат само двете ново набавени возила Пасат и Опел, еден мерцедес и три возила Форд,едно Комбе“…
Повторно се поставуваат низа прашања: Врз основа на кои докази е утврдено дека станува збор за недомаќинско работење?; Од каде е утврдено дека „Цитроен кој беше набавен во 2012 та е распипан , три возила Форд зарибани,оставени без масло од страна на раководители…“?
МЕДИУМ ЛИ Е, ПАРТИЈА ЛИ Е?
Додека ваквите тврдења се често забележливи во партиски соопштенија, нивното наведување во новинарски текст бара исполнување на одредени услови. Првично, новинарот има обврска да нотира дали станува збор за официјални или неофицијални извори на информации и да ги лоцира истите – дали станува збор за партиски информации, опсервации на минувачи или тврдења на вработени во повиканата институција? Понатаму, новинарот е должен да побара став од прозваната институција. Во случајов, немаме информации дека е направен напор да се контактира Општината и да се побара информација околу состојбата на возниот парк за кој се пишува.
Со тоа текстот е несеопфатен и едностран и создава сомнеж за политичка пристрасност, кој се засилува со отворените прашања во продолжение, кои наместо на адреса на Општината, се адресирани до јавноста:
„Се псотавува прашање, како тоа Бакрачески, она што го критикувал дека било ненормална појава , сега станува негово нормално секојндевие??!! Тоа ли е домаќинското работење?“
ОТВОРЕНИ ПРАШАЊА ЗА НОВИНАРСКА ПРОФЕСИОНАЛНОСТ
Се поставува прашање дали е прашана Општината и ако тоа е сторено, зошто во текстот не е наведено дали стасал или не стасал одговор од неа.
Написот завршува со уште едно отворено прашање, овојпат кон Бакрачески, и тоа во врска со неговиот малолетен син. Повторно нема докази дека е направен обид за обезбедување став од прозваната личност, особено во врска со чувствителна тема за медиумско третирање, како однесување на малолетник.
Сè на сè, имаме отворени прашања кон јавноста, наместо истите да се упатат на вистинското место, и тврдења без докази или лоциран извор на информација, засилени со коментари. Објавата е непрофесионална, несеопфатна, еднострана, со силни показатели за политичка пристрасност.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
не може да се утврди
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
наведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
манипулира
наведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
не апликативно
нема контекстуални линкови
стилски неуреден
неповрзан со тагови