,,Бот” не е извор за новинарски текст
Објавено во Рецензии
on 15 - 04 - 2020 Автор: Админ[Рецензија:,,Бот” на СДСМ: Проф. Каролина Астеруд Ристова е автор и ,,админ” во Курир]
Основното прашање е зошто неумесното тврдење дека професорката Каролина Ристова – Астеруд е администратор на „Курир“, „Република“ и „Информакс“ воопшто претставува основа за новинарски текст? Ова тврдење не е поткрепено со ништо друго, освен со анонимен твит до кој нема ниту линк, ниту име. Практично, непознат, комплетно некредибилен извор се користи како поткрепа за сериозно изнесено тврдење дека професорка има пристап до уреднички функции во портали. Само зашто некој напишал нешто на Твитер не значи дека тоа заслужува медиумски простор.
Линк до оригиналниот напис:,,Бот” на СДСМ: Проф. Каролина Астеруд Ристова е автор и ,,админ” во Курир
Датум и време на објава: 11 април 2020
Датум на рецензија: 13 април 2020
Рецензент: Мирослава Бурнс
Изнесено е тврдење дека Астеруд никогаш немала колумна на „Курир“, што, како што може да се погледне на следниот линк, може да се добие впечаток дека не е вистинито. Порталот „Курир“ објавувал текстови на професорката и тоа во рубриката колумни. Ја контактиравме професорката и таа рече дека доколку тоа е направено, односно доколку се преземени нејзини ставови во Курир, тоа е направено од нејзиниот Фејсбук профил, каде што ги објавува статусите јавно, а не како нејзина соработка со порталот и наведе дека е пожелно да се прецизира оти нејзините ставови се преземени како Фејсбук статус за да се избегнат шпекулациите дека била дел од колумнистите на порталот Курир.
Во текстот уште и се наведува дека порталот Експрес поседува принтскринови од профил близок на СДСМ, но не ги објавува, зашто постоела опасност објавата да е материјален доказ во постапка пред одделот за компјутерски криминал поради кривично дело поврзано со упад во електронски систем. Со ова се фрла сомнеж дека принтскриновите можеби се дел од истрага и оттука уште повеќе е нејасно зошто се вредни за материјална расправа во новинарска статија.
СИТЕ ИМААТ ПРИСТАП ДА ПИШУВААТ, ОБЈАВУВААТ И КОНТРОЛИРААТ ВЕСТИ ДИРЕКТНО НА ПОРТАЛИТЕ ВО БИЛО КОЕ ВРЕМЕ И ОД БИЛО КОЕ МЕСТО, ПИШУВА ПРОФИЛОТ НА ТВИТЕР ОБЈАВУВАЈЌИ ПРИНТ СКРИН НА КОЈ СЕ ГЛЕДА ИМЕТО НА АСТЕРУД – РИСТОВА.
Анонимниот бот, не само што не е кредибилен, туку изнесува и еден куп тврдења што не може да се поткрепат со докази. Принтскринови на кои се гледа нечие име не се поткрепа за да се види дека некој е фактички уредник или администратор на портал.
Професорката Астеруд воопшто никогаш немала пристап до административните панели на изнесените медиуми, а за постоењето на принтскриновите, како што ни рече, дознала од нашето телефонско јавување.
Се користат и проблематични атрибуции, како на пример, ,,според тврдењето” и како раритет во новинарството, се користи „бот“ како извор.
ТАКАНАРЕЧЕНИОТ “БОТ” НА СДСМ ОБЈАВУВА ПРИНТСКРИНОВИ ОД ЕЛЕКТРОНСКИОТ СИСТЕМ НА ПОРТАЛОТ КУРИР НА КОЈ ГО ИМА И ИМЕТО НА ПРОФЕСОРКАТА КАРОЛИНА РИСТОВА – АСТЕРУД, А СПОРЕД ТВРДЕЊЕТО ТАА ИМА И АДМИНИСТРАТИВЕН ПРИСТАП ДО ПОРТАЛОТ ОДНОСНО САМА МОЖЕ ДА ВЛЕГУВА ВО СИСТЕМОТ И ДА ОБЈАВУВА ТЕКСТОВИ ОД БИЛО КОЈА ЛОКАЦИЈА.
Нема изјава од инволвираните за кои се пишува, на пример, професорката, уредништвото на порталите. Наместо тоа, се користи еден конспирациски и крајно проблематичен тон.
Сериозниот пристап кон проверка на фактите пред да се објави некое тврдење, контактирање на извори за да се потврдат наводите добиени преку социјалните мрежи е минимумот новинарска должност. Во спротивно, спинувањето е незбежно, сомнителноста на изнесените наводи е зацементирана и информирањето како функција на медиумите воопшто не постои. Можело да се прескокнат тврдењата на овој бот како нерелевантни и невредни да бидат дел од новинарска статија.
Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења