Бонитетните оценки на „Фич“ преминаа во илегала
Објавено во Анализи
on 27 - 06 - 2016 Автор: Vladimir PetreskiПадот на македонскиот бонитет кај „Фич“ беше неизбежен и тоа уште од 2013 година, кога „Стандард и Пурс“ го намали кредитинот рејтинг на земјава од оценката ББ на ББ-. Ова значи дека со оценката ББ+ „Фич“ и „Стандард и Пурс“ се разликуваат за цели две нивоа, а тоа никогаш не трае. Самиот факт што оваа разлика во оценките за две траеше дури три години е помалку невообичаен, но со оглед на длабоката политичка криза во моментов, „Фич“ повеќе не може да одолжува со намалувањето на кредитиот рејтинг. Тука повеќе ни парите на власта не помагаат.
Пишува: Владимир Петрески
До лани, на секои шест месеци пропагандата редовно ги пренесуваше оценките за кредитниот рејтинг (или бонитетот) на Македонија, а кои ги објавува бонитетната агенција „Фич рејтингс.“ Пропагандата беше особено загреана за деталите од извештајот во кои се спомнуваше падот на невработеноста, странските инвестиции и порастот на домашниот бруто-производ (БДП) на Македонија. Арно ама, сега веќе вестите за тоа како изгледа кредитниот рејтинг на Македонија кај оваа бонитетна агенција ги снема како никогаш да не постоеле. И тоа, откако со години наназад ваквите вести претставуваа редовна порција на пропаганда за провладините медиуми.
Што се случува? Многу просто, „Фич“ во февруари годинава првпат даде оценка која ги содржи зборовите негативен изглед (negative outlook) за земјава. Оваа синтагма едноставно значи дека бонитетот на Македонија оди во негативна насока и дека ако состојбата остане ваква каква што е, оценката за кредитниот рејтинг ќе биде намалена во период од 12 до 24 месеци. Ваквата оценка беше повторена во мај. „Фич рејтингс“ повторно истакна дека изгледите за кредитниот рејтинг се негативни, што значи дека тој ќе биде намален. Како причини беа наведени продолжителната политичка нестабилност, која доведе и до одложување на изборите, но ништо помала улога не игра и порастот на јавниот долг. И тоа, најавата за намалување на кредитниот рејтинг доаѓа во ситуација кога земјава има пораст и уште повеќе и покрај тоа што „Фич“ во мај предвидуваше порастот да продолжи и да изнесува 3,6 отсто и идната година. Но, таквиот пораст, сепак, не беше доволен агенцијата да се убеди да го задржи постоечкиот ББ+ кредитен рејтинг и да не најави негово намалување, најверојатно на следната пониска оценка ББ. Инаку, според скалата на оценување на „Фич“ (слични се и скалите и на другата голема бонитетна агенција „Стандард и Пурс“), секоја оценка под БББ- значи таканаречен неинвестициски или „џанк“ кредитен рејтинг. Сега, како што гледаме, и оваа оценка ББ+, која е пониска за едно ниво од БББ-, ќе оди надолу.
НАЈАВА ЗА НАМАЛЕН РЕЈТИНГ, ШТАМА ВО ВЛАДИНИТЕ МЕДИУМИ
Оваа најава беше доволна вестите за бонитетот што ни го доделува „Фич“ да ги снема од владините медиуми. И тоа, ова се случува и покрај фактот што за овој кредитен рејтинг плаќа владата, како што информира економскиот аналитичар Сем Вакнин во ова интервју.
Сепак, „Фич“ дури и добро помина. Барем за нејзиниот кредитен рејтинг се известуваше изминативе години. Тоа не беше случај со „Стандард и Пурс“. Оваа, пак, меѓународна агенција, за чии оценки нa кредитиниот рејтинг плаќаат инвеститорите, а не македонската Влада, кај владините медиуми е во немилост уште од 2013 година. Уште тогаш, откако „Стандард и Пурс“ го намали кредитниот рејтинг на земјава од ББ+ на ББ, таа мораше да премине во илегала. Работите веднаш ескалираа и тогаш владините медиуми ја објавија само реакцијата на Министерството за финансии по повод неповолната оценка, но никој не го објави образложението за оценката. Министерството за финансии тогаш дури ја обвини „Стандард и Пурс“ за мешање во внатрешните работи на земјата само затоа што агенцијата се осмелила да има став за политичките состојби во Македонија, односно во својата анализа да го земе предвид и насилното бркање на пратениците од Собранието на РМ во текот на расправата за буџетот за 2013 година.
Со оглед на актуелниот бојкот на владините медиуми на оценките на „Фич“ сега, Министерството не излегува со став дали и „Фич“ се меша во внатрешните работи на земјава кога во последното соопштение пишува:
„Одложувањето на изборите во Македонија го продолжува политичкиот безизлез на земјата, додавајќи дополнителен притисок врз суверениот рејтинг на земјата со оценка ББ+. Негативниот изглед врз рејтингот е рефлексија на ризиците врз политичката стабилност кои се појавија во 2015 година, како и порастот на јавниот долг во однос на домашниот бруто-производ (БДП). Собранието на Македонија одлучи да ги одложи изборите без закажување нов термин заради бојкотот на опозициските партии. Јунските избори веќе претставуваа одложување во однос на претходно закажаните априлски, кои требаше да се случат како дел од рамковниот договор постигнат минатото лето под посредништво на Европската Унија за да се смират тензиите, откако опозицијата излезе со наводи за раширено прислушување од страна на власта. Извесен напредок беше направен со имплементацијата на Рамковниот договор и одложувањето на јунските избори за кои се сметаше дека нема да бидат слободни и фер, што би можело да го засили процесот. Европската комисија рече дека одлуката создаде „обновена можност земјата да ги адресира бројните сериозни прашања, кои се во центарот на продолжената политичка криза“. Сепак, одложувањето покажува колку политичката поларизација е на високо ниво, како и колку е ниска довербата на јавноста во политичкиот систем“.
Значи, „Фич“ не спомнува никакво прислушување од страна на опозицијата како што пропагандата го прави тоа во земјава. Инаку, на меѓународно ниво, освен платената пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ во САД (договори во вредност, сега веќе, повеќе од 2 милиони евра до крајот на годинава), ниеден друг поединец или институција нема искажано никаков став ниту, пак, сомневање дека вината за прислушувањето би можела да падне на опозицијата и тука „Фич“ во ништо не се разликува, туку, како што може да се види, во најголем дел ги цитира ставовите на ЕУ.
Но, за жал, за овој извештај на „Фич“ извести само „Утрински весник“ и никој друг, како што покажува ова пребарување извршено на агрегаторот на вести „Тајм.мк“. Владините медиуми навистина имаа сериозен проблем како да се објави ова соопштение на „Фич“, па и како да се спинува зашто тоа во актуелната ситуација е многу тешко. Проблемот настана со погрешното интепретирање со години наназад на дел од извештаите на агенцијата која се однесува на изгледите, односно предвидувањата во која насока би можела да се движи оценката во иднина. За ова „Фич“ и другите агенции имаат три оценки: изгледите можат да бидат „стабилни“, „позитивни“ и „негативни“. Владините медиуми ваквите проекции ги интерпретираа како да се однесуваат на целата економија („Фич вели дека македонската економија е стабилна“). Стабилниот изглед (outlook stable) едноставно значи дека агенцијата не предвидува надолна или нагорна измена на кредитниот рејтинг и ништо друго. Како што позитивниот изглед значи дека се преоктира нагорно зголемување на оценката за 12-24 месеци, а негативниот изглед обратно – намалување на оценката за кредитен рејтинг надолу во истиот период. Но, овие проекции не мора да се однесуваат на економијата како таква. Можете и да имате надолни движења во економијата, но ако имате големи резерви, „Фич“ нема проблем да даде проекција „стабилен изглед“ зашто и покрај економскиот пад имате доволно средства да ги сервисирате своите долгови кон светот. А, тоа е сè што „Фич“ го интересира. Но, со оглед на фактот што секогаш досега кога „Фич“ ќе излезеше со оценка „стабилни изгледи“ пропагандата пишуваше дека како тоа да значи дека целата економија е стабилна, сега кога изгледите се негативни, таквата проекција нема како да се спинува.
МАКИ СО БОНИТЕТНИТЕ СПИНОВИ
Спиновите на пропагандата, кога станува збор за извештаите на „Фич“, тука не запираа. Пропагадната, на пример, секогаш кога „Фич“ немаше да изврши промена на лошиот и неинвестициски кредитен рејтинг ББ+, пишуваше дека „Фич го потврдил кредитниот рејтинг“, како небаре тоа да е некакво големо достигнување. Но, со оглед на ваквото изнасилено и долготрајно пропагандизирање во текот на годините, сега кога се најавува намалување на кредитниот рејтинг, пропагандата едноставно одлучи да премолчи.
Инаку, падот на македонскиот бонитет и кај „Фич“ беше неизбежен и тоа уште од 2013 година кога „Стандард и Пурс“ го намали кредитинот рејтинг на земјава од оценката ББ на ББ-. Ова значи дека со оценката ББ+ „Фич“ и „Стандард и Пурс“ се разликуваат за цели две нивоа, а тоа никогаш не трае. Самиот факт што оваа разлика во оценките за две нивоаа потраја дури три години е помалку невообичаен, но со оглед на длабоката политичка криза во моментов, „Фич“ повеќе не може да одолжува со намалувањето на кредитиот рејтинг. Тука повеќе ни парите на власта не помагаат. Со оглед на ваквата ситуација и не треба да чуди фактот што власта брза со издавањето на новата еврообврзница за да ја земе со акутелнава камата од околу 5 отсто, зашто по очекуваното намалување на кредитниот рејтинг од страна на „Фич“ и неговото приближување до она на „Стандард и Пурс“, каматите сигурно ќе се зголемат. Да не заборавиме дека за евообврзницата од 150 милиони евра, земена кога министер за финансии беше Трајко Славевски, во 2010 година, каматата изнесуваше 9,9 отсто.
Во секој случај, отсега и бонтиетните извештаи на „Фич“заминуваат во илегала кај владините медиуми и ќе добијат третман на шугаво куче за кое нема да се зборува. И, ќе бидеме сведоци на апсурд, кој веќе постои со „Стандард и Пурс“. Имено, владините медиуми ќе објавуваат вести за тоа каков рејтинг „Фич“ им дава на далечни земји како Виетнам, Јужна Кореја или Чиле, но не и за Македонија. Како што, впрочем, веќе три години се случува со извештаите на „Стандард и Пурс“ (види исечок од Грид.мк погоре лево). За бонитетот на далечните земји може да се пишува, односно таквите вести од државната агенција МИА може да се преземаат и да се објавуваат, но извештаите за бонитетот на Македонија се забранети и не смеат да се објавуваат. И така, се враќаме на новинарските навики од комунизмот, каде што тогашното новинарство информираше за сè и сешто низ светот, за секоја негативна појава, но истите такви појави дома мораа да бидат премолчени.