Бисери пред свињи
Објавено во Рецензии
on 4 - 02 - 2015 Автор: Зоран Бојаровски(Рецензија на „ФОТО: „Заев е предавник кој треба заврши во Идризово“)
Има една силна библиска алегорија која најдобро ја опишува намерата на оваа рецензија: „Бисери пред свињи“. Христос во Беседите на гората им го кажал тоа на своите ученици со намера да ги подучи да не им го откриваат знаењето и да не им даваат на оние што не знаат да ценат и да почитуваат, оние кои не се кадарни да примат. Тие не само што не се во состојба да почитуваат и да примат учење, туку тоа што им го давате, го злоупотребуваат против вас.
Оваа рецензија се пишува со тоа чувство, кога знаете дека оној што ја предизвикал нема рецептори за да ги прими укажувањата на јавноста, на експертите и на колегите, дека се рeагира на медиумска содржина која нема ниту половина „н“ од новинарство.
Но, рецензиите не се прават за нив, односно не само за нив. Тие се прават за да остане запишано дека имало реакција, дека некој покажал со прст кон хулењето кое авторите на вакви медиумски содржини го нарекуваат новинарство. Дека нема да се премолчува.
Значи, на тие треба да им објасниме дека новинарите стојат на неутрални позиции за да не ја поминат линијата на ароганција кога ги облекуваат чевлите на политичките или некои други моќници.
На тие треба да им се толкува дека новинарите и етичкото новинарство не го злоупотребуваат медиумиот за политички пресметки со развиорено партиско знаме, дека новинарството обезбедува простор за јавна критика и решенија кои многу често се компромиси. Дека треба еднакво да обезбеди простор за различни гледишта и интереси, како и да ги стави тие гледишта и интереси во контекст на решенија, а не на продлабочување на конфликтот.
Линк до оригиналниот напис: ФОТО: „Заев е предавник кој треба заврши во Идризово“
Датум и време на објавување: 02.02.2015, 22:30
Датум на рецензирање: 03.02.2015
Рецензент: Зоран Бојаровски
Но, како да го правите сето она што го препорачуваат принципите на професионалното и одговорно новинарство („Етика во новинарството“, ЗНМ, Скопје, 2012), кога медиумската содржина стои на спротивните позиции од очекуваната улога, запишана во сите кодекси, па и во Кодексот на новинарите на Македонија:
Следејќи ја својата улога во градењето на демократијата и на цивилното општество, новинарите ќе ги бранат човековите права, достоинството и слободата, ќе го почитуваат плурализмот на идеите и ставовите, ќе придонесуваат за јакнење на правната држава и во контролата на власта и на другите субјекти од јавниот живот.
Медиумската содржина што ја анализираме, под закрилата на оправданието дека пренесува коментари од социјалните мрежи, всушност ја засилува хајката и ја оправдува со дополнителните коментари и со изведениот наслов. Ништо од претходниот цитат не се почитува.
Иако личностите и професионалците што извршуваат јавни функции, свесно отстапуваат дел од својата приватност за да можат да бидат следени во нивната работа од страна на медиумите и на другите што треба да ја оценуваат нивната работа, таа приватност не смее да се наруши, особено со целосно приватни, безобразни и заканувачки коментари од апсолутно небитни фактори.
И за ова Кодексот на новинарите има предвидено укажување во членот 7:
Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес.
Презумцијата на невиност е апстрактен, неразбирлив поим на овој медиум, кога веќе пласира ваква содржина. Членот 8 од Кодексот и за ова пропишува правило:
Во судските постапки треба да се почитува принципот на презумција на невиност, да се известува за сите инволвирани страни во спорот и да не се сугерира пресуда.
Судските постапки мора да биде ослободени од сензационализми, се вели во истиот член на кодексот, но оваа содржина, со начинот на кој обвинува, суди, пресудува и одредува казна, прави лакрдија од судските институции.
Членот 10 од Кодексот го уредува односот на новинарите кон човековите права и слободи, говорот на омраза:
Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).
Наспроти овие препораки, медиумската содржина што ја анализираме, објавувајќи крајно недолични коментари, дозволува наплив, поплава од омраза. И не само омраза, читателите на оваа содржина се изложени на невиден простотилак, а медиумот го дозволува тоа.
Веројатно ќе биде уште еден бисер пред свињите ако кажеме дека членот 11 од Кодексот бара новинарите да се придржуваат до општо прифатените општествени стандарди на пристојност и на почитување на етничките, културните и религиозните, и на другите различности во Македонија.
Текстот во три-четири реченици, „врви“, од пристрасност, од коментари на коментарите од социјалните мрежи во кои се повикува дури и на егзекуција, а членот 14 од кодексот повикува:
Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.
Членот, пак, 15 од кодексот, кој вели дека „новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката и дека неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста“, не може да ја покрие намерата на медиумот да ја скрие својата намера истурајќи ги напред собраните и оркестрирани коментари од социјалните мрежи.
И, конечно, но не најмалку важно – напротив, членот 16 од упатствата за професионално однесување на новинарите, вели:
Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги.
Margaritas ante porcos, бисери пред свињи.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
неофицијални
нерелевантни
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
не може да се утврди
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
говор на омраза
потикнува на насилство
дискриминира
политичка дискриминација
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
нечитлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
стилски неуреден
неповрзан со тагови