verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Аве, аве, ама и аман, бре Цезаре!

on 26 - 10 - 2015       
Галскиот водач, Версингеторикс, го положува мечот пред Цезар по битката кај Алесија , 52 година н. е. Фото: Музеј Crozatier, Puy-en-Velay, Auvergne, Франција. Насликано: 1899 година.
Галскиот водач, Версингеторикс, го положува мечот пред Цезар по битката кај Алесија , 52 година н. е. Фото: Музеј Crozatier, Puy-en-Velay, Auvergne, Франција. Насликано: 1899 година.

 

 

Историјата на новинарството бележи дека за почеток на оваа професија може да биде земена 59 година п.н.е., односно појавата на првите ѕидни весници „Acta Diurna“ на Јулије Цезар, кога на форумот, т.е. во средиштето на јавниот живот биле ставани ѕидни плочи на кои се излагале извештаите за сенатските заклучоци, воените збиднувања, како и за важните градски и државни настани. Цезар бил мудар, но и знаел добро да манипулира и да се служи со разработени пропагандни техники, објавувајќи само вести за неговите успеси, но не и порази или, пак, да селектира, цензурира за да не ја наруши, а ја величи својата позиција и углед. И така, катадневно, сѐ додека бил на власт, ја „хранел“ јавноста со вести за својот успех на кој се базирал неговиот углед.

 

Пишува: д-р Дејан Доневвонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите

 

Во историска смисла на зборот, иако во пред-граѓанските епохи на европската цивилизација можно е да се посведочи за постоење на некаков облик на јавност (почнувајќи од Цицерон како “Publicum opinionem“, па сѐ до „Law of opinion“ кај Џон Лок), сепак до создавањето на модерната граѓанска епоха поимот „јавност“ генерално почивал на хиерархизирана комуникација меѓу луѓето и со голема доза на користење на манипулативно-пропагандни техники (почнувајќи од народната „рекла-кажала“, па сѐ до нарачани изјави и интервјуа), што дава за право да се заклучи дека од денешна перспектива срамно е ваквиот тип на третман кон јавноста да се користи и понатаму. Ако ништо друго, барем од цивилизациска, еволутивна перспектива.

Но, желбата е едно, а реалноста друго. Ако анализираме денес што е тоа што еволутивно нѐ навредува како јавност, што го повредува нашиот информативен вкус и „силува“ нашата каква-таква моќ за критичко промислување на состојбите, во најголем процент одговорот би се однесувал на проѕирните гостувања, лиферувани информации и добиените интервјуа од владејачките структури, просто затоа што истото се коси со слоганот: „Делата зборуваат!“. За пример на анализава да ги земеме само последните две интервјуа на премиерот Никола Груевски, магистер по економски науки, а доказите во една подробна анализа можат да се најдат во речиси сите негови интервјуа дадени за провладините медиуми, чија „професионалност“ едновремено беше и успешно наградена со јавни, (читај наши) пари. (види ЗНМ, „Јавните пари во медиумскиот простор“)

 

ЕЛАБОРИРАЊЕ НА СОПСТВЕНИТЕ „УСПЕСИ“

Се работи за премиерските интервјуа во ударните ТВ-дневници на ТВ „Сител“, „Груевски: СДСМ прифати воведување на Бадинтер во ДИК“ од 11 октомври 2015 година, и на ТВ „Канал 5“, „Груевски во Дневникот на Канал 5 за актуелните настани“ од 17 октомври 2015 година. Она што ве зачудува на прв поглед е фактот што во секоја нормално развиена демократија, премиерот се појавува регуларно и без сомнеж најчесто за време на некоја вонредна ситуација или криза или, пак, за соопштување информација за која одговорност се обидува да ја понесе само тој во името на сите, а не негово гостување како предизборна кампања со фалење на резултатите од нивното раководење со државата во изминатиот период, со константно истакнување на годините додека раководат, а не толку на сработено и под изговор: „премиерот за актуелните настани“ или „премиерот за тековните работи“.

Второ, во целото времетраење на интервјуата (во интервјуто за „Сител“ 26:25, а во интервјуто на „Канал 5“ дури 28:58) се користи компаративен приод кон материјата во насока она што тие сработиле, а што другите не сработиле (особено за економските прашања), а не во однос која е реалната, фактичка ситуација, т.е. колку навистина е потребно и во една компарација со она што е норматив т.н. нормален критериум за добро функционирање на една демократска земја. Немањето основа на политичка култура се гледа и во заклучоците што се извлекуваат од компарациите, без податоци за сработеното на опонентот, како едноставно претходно да сме живееле во мрак! Во потврда на ова говори и делот од интервјуто за „Нетпрес“ од 19 јули 2015 година, „Довербата во народот ќе значи нова голема победа на ВМРО ДПМНЕ“, каде се вели:

„Ние работиме многу. Ние испорачуваме тоа што сме го ветиле… Имавме и други власти во минатото. Ништо од ова го немаше. Народот памти. Народот следи… За среќа немаме стратешки грешки, грешки што неможе да се исправат, но во основа, неспоредливо подобро работиме од она што го има прикажано СДСМ и од она што тие го нудат кога излегуваат на избори.“ 

Трето, особено иритира ако се знае дека во овој 21 век постои и можноста, доколку сакате да се компарирате со опонентите, доколку сакате да елаборирате за сопствените „успеси“, тогаш ТВ или радио-дуелот е најдобар и вистински фер начин да бидат слушнати и видени информациите и од двете страни, а јавноста да оцени. Но, дали тоа стравот се јавува во согласност со слоганот „Ние ништо не ветуваме и тоа се трудиме да го исполниме!“ или конформизмот дека „Медиумите се во скут, па никој ништо не ни може“, затоа што начинот на кој ова се прави во моментов, сѐ повеќе личи и станува кршење на правото на користење на јавниот простор заради самопромовирање со злоупотреба на позицијата што ја имате.

Исто така, покрај психосоматската аверзивност во целиот настап, симптоматична е и конструкцијата на добро темпирани, тонирани информации, кои се уфрлаат помеѓу две квазитези или „дирижирани“ прашања за тоа зошто ние сме подобри од другите. Со други зборови, податоците, статистиката не се користи за отсликување на реалната состојба онаква каква што е, туку во функција на преголемо апострофирање, во најмала рака дека „еве барем ние нешто помрднавме во приказнава“, а да не говориме и за неконзистентната „брза математика“ на премиерот (во делот на вработувањата – ТВ „Сител“ утредента мораше експресно да го дообјасни премиерот што сакал да каже, а што пропуштил).

 

КЛАСИЧНО „МОНОВЈУ“ НА ЕДЕН УМИСЛЕН ПОЛИТИЧКИ АВТОРИТЕТ

Сето претходно укажува дека интервјуто, добро познато како најдобар новинарски жанр кој предничи пред сите во однос на веродостојноста, уверливоста и автентичноста на кажаното, а особено поради високиот степен на комуникативност со јавноста, се користи за да се постигне максимален ефект во пред-предизборието, кое власта го почна уште од летово, веднаш по мајските протести и евидентните несогласувања со меѓународната заедница за тоа дека менаџирањето со државата не е исто како менаџирање со фирма (и во поглед на вработувањето и во поглед на економскиот пораст и проекциите, но и во поглед на она што сметате дека е најголемо добро за најголем број луѓе). Така, од класичното разбирање на интервјуто како метод за дознавање на гледиштата и на ставовите на соговорникот, истото вешто е искористено во функција на маркетинг и на национална политичка реклама за истрајноста и за цврстината на ставовите на култната партиска личност (V. Kljajić, Intervju, FPN, Beograd, 2012), по прашањата за европската и евроатлантската интеграција на Македонија, а „можеби испровоциран“ од „шпекулацијата“ за неизразениот став во однос на руските знамиња и маици со Путин на митингот од мај 2015 година. Така, во интервјуто дадено за „Прес24“ од 26 мај 2015 година „Никола Груевски: Иднината на Македонија е во НАТО и ЕУ“, а експресно пренесено од „Нетпрес“: „Груевски: Македонија нема дилема, нејзината иднина е во НАТО и ЕУ“, се вели дека:

„Тоа го сторив и на митингот на ВМРО-ДПМНЕ неодамна кога пред 100 илјади граѓани и стотици медиумски претставници од Македонија и светот, многу јасно кажав дека иднината на Македонија е во НАТО и ЕУ…“

Но, „ставот на партијата, и стратешката ориентација на државата не се рефлектира преку тоа каква маица ќе облече некој од стоте илјади граѓани дојдени на митинг, туку преку пораките кои јавно, јасно и недвосмислено ги испраќа од тој настан претседателот на таа партија преку јавен настап и говор“.

 

На крај од целава рашомонијада, она што може да се извлече како поука во согласност со пројавениот добро препознат (квази)тренд на новинарско умилкување кон власта, или, пак, директивни извршувања на зададените упатства за злоупотреба на слободниот простор во медиумската реалност преку интервјуа е дека „повторувањето е мајка на знаењето“. Во конкретниов случај на анализа, истата поука може да се прошири и да биде „повторувањето е мајка на знаењето, но и на повторувачите, а особено самобендисаните“! Со тоа, од нарцистичката саможивост да се биде голем и салутиран, од „Аве Цезаре!“, се чини дека полека се преминува во „Аман бре Цезаре го претера!“, затоа што мечот е со две острици! Поздравот може да значи и рефлексија на предизборното и за време на раководењето дека сè она што се ветува, окарактеризирано најчесто со едно „ќе“, кое го изразува идното време, може да се врати како бумеранг. А, тогаш, враќањето од пепелта како Феникс, тоа „враќање во иднината“ ќе треба да биде разработување на концептот на доверба со другите преку ситни чекори и со вистинска преродба!

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).