Апел до новинарите и до сите што известуваат или јавно зборуваат за бегалците: Да не причиниме дополнителна штета!
Објавено во Актуелности
on 29 - 09 - 2015 Автор: Vladimir Petreski
Бруталната ескалација на вооружените конфликти од Северна Африка до Западна Азија во последната деценија, принуди милиони луѓе да ги напуштат своите домови. Незначителна е бројката на бегалците и на раселените лица кои успеале да стигнат на европскиот континент и токму ова денес го нарекуваме европска бегалска криза.
Политизација на прашањето на хуманитраната катастрофа во европските земји, политичките кусурења и предизборните кампањи, кои наместо со внатрешни социоекономски теми се занимаваат со бегалците, посочувајќи ги како причинители на сите проблеми, создадоа силни општествени поделби и тензии.
Традиционалните и новите медиуми, вклучувајќи ги и интернет-платформите, значитално придонесоа кон ескалација на оваа практика, која не само што е спротивна на новинарската етика и на општествените норми, туку и на меѓународното право и на протоколите ратификувани од најголем дел од европските земји.
Бидејќи во известувањата, значителен број медиуми ги кршат правата на бегалците, со што дополнително се отежнува нивниот статус и права, ние – членките на регионалниот проект „Медиумски круг“, апелираме до сите што известуваат за медиумите или во јавниот простор реферираат на бегалската криза, да обрнат внимание на следното:
- Терминот „мигранти“ не е дозволен во јавното обраќање и апсолутно е неточен во ситуација во која постои оправдано сомневање дека личноста нелегално ја преминала границата за да го спаси својот живот од колетивно насилство и од репресија. Коректниот назив е „барател на азил“ кога известувањето се однесува на процената на состојбата во земјата на потекло, односно „бегалец“ во колоквијалниот говор или по одобрувањето на статусот од странска држава или меѓународната организација. Бидејќи УНХЦР веќе ги квалификуваше раселените лица од Сирија како бегалци, оправдано и точно е во известувањата овие лица да се нарекуваат само бегалци.
- Бегалците кои преминуваат одредена државна граница на каков било начин, во никој случај не можеме да ги нарекуваме „нелегални мигранти“, бидејќи во согласност со меѓународните правни акти, лицата со статус на бегалци имаат право да преминат преку која било граница, без да бидат казнети од земјата во која влегле.
- Не повикувајте на изградба на физички, административни или други пречки при преминот на границите, бидејќи сите тие пречки се спротивни на законите на европските земји, односно на меѓународните акти потпишани и ратификувани од страна на истите!
Ситуацијата во земјите на потекло на бегалците – Сирија, Авганистан, Ирак, Иран е крајно нестабилна. Така, поминувањето на бегалците низ земјите на Западниот Балкан и низ регионот на Југоисточна Европа и нивното влегување во земјите на Западна Европа, би можел да се пролонгира во зависност од развојот на настаните во земјите на потекло на бегалците и земјите од нивното непосредно опкружување. Тоа значи дека во месеците и во годините пред нас, би можеле да се соочуваме со помали или поголеми бранови бегалци, на кои ќе мораме да одговориме во согласност со цивилизациските достигнувања и со меѓународните правни акти и, пред сè, почитувајќи ги потребите на луѓето кои ги поминуваат границите на европските земји.
ВО ИЗВЕСТУВАЊЕТО ЗА СЛУЧУВАЊАТА И ЗА ФЕНОМЕНОТ ШТО ГИ СЛЕДИ, ВЕ МОЛИМЕ:
Избегнувајте стереотипи, колективна хистерија (позитивна или негативна), и во секој случај избегнувајте каква било политизација на прашањето на бегалците во земјите на транзит и во земјите на нивната крајната дестинација.
Погрешно е бегалците од горенаведените региони да се етикетираат по каква било етничка или верска припадност. Колективно, секоја таква констатација е неточна. Како и во земјите на Западен Балкан, во сите европски земји, така и во земјите на потекло на бегалците, составот е мултиетнички и мултирелигиски. Само за пример, во вкупното население на Сирија, процентот на христијанско население е поголем од процентот на сите малцинства во Република Хрватска во однос на етничкото мнозинство на Хрватите. Така, со колективното именување на бегалците кои доаѓаат од тие краеви со „Арапи“ и со „муслимани“, освен што споделувате неточна информација, постои голема веројатност некој припадник на нивните малцинства да го навредите, а да не навлегуваме во ефектот на ширењето на домашна ксенофобија и негативно профилирање на еден народ или религија чии припадници се застапени во бегалските групи. Како заклучок, препорачуваме, во обраќањата до јавноста да се реферира на земјата на потекло на бегалците, но апсолутно е погрешно, непрофесионално и законски несоодветно тие да се квалификуваат единствено по етничка припадност или вера.
Во масовните бегалски миграции, во јавниот говор не е пожелна ниту позитивна ниту негативна стереотипизација на „однесувањето и на културата“ на бегалците, бидејќи долгорочно секоја таква постапка предизвикува штета за бегалците во земјата во која се наоѓаат. Бегалците, по своите карактерни особини по ништо не се разликуваат од нас. Во согласност со Гаусовата крива, меѓу нив има голем број лица што ги почитуваат нормите и етичките вредности исто како и во секое друго општество, но секогаш постои можност за инциденти кои отскокнуваат од тие вредности. Во ширењето на масовна позитивна слика за бегалците, создаваме „колективен стереотип“ кој функционира сè додека сите известувања „се добри за добрите луѓе“, но, по првиот инцидент таа иста колективна слика може да се промени и да доведе во опасност невини луѓе. Земајќи го предвид стравот низ кој поминува секоја личност во состојба на бегство за да го спаси сопствениот живот, притисоците, страдањето и репресијата што секојдневно ја чувствуваат на сопствената кожа, неизвесноста и неразбирањето на новата околина, голема е веројатноста да дојде до инциденти во облик на повишен тон и насилство меѓу самите бегалци или во интеракцијата со надворешниот свет. Но, ништо од ова не го одредува колективниот идентитет на сите бегалци и токму поради тоа, при известувањето треба да ја изнесеме индивидуалната приказна, без давање колективни обележја. Од тие причини, апелираме на секоја бегалска приказна да ѝ пристапите индивидуално, со име и со презиме, земајќи го предвид секое поединечно семејство за кое известувате. Само на овој начин ќе ги заштитите бегалците од насилство, навреди, дискриминација и сè што ги следи на нивниот пат и ќе ја помогнете социјализација во општетсвата во кои нивниот бегалски пат ќе заврши.
Избегнувајте каква било стереотипизација на лица, особено службени лица во земјите на транзит и на крајна дестинација кои доаѓаат во интеракција со бегалците. Имено, последните известувања се преполни со „брутални постапки на унгарската полиција“ и „ангелски постапки на хрватска полиција“. Ниту сите полицајци во Унгарија се нехумани, ниту сите полицајци во Хрватска се хумани. Во најголем број од случаите, полицајците, како и сите други државни службеници, само ги следат наредбите од своите претппоставени. Секое добро дело (секој хуман гест на државен службеник од која било земја) има свое име и презиме кое заслужува јавна пофалба, бидејќи во јавниот говор многу е важно добрите дела да се индивидуализираат, односно оние кои се трудат да помогнат треба да се објават со име и со презиме. Само со ваков пристап можеме и другите да ги мотивираме да го направат истиот чекор, односно да се истакнат со хуман гест. Доколку „хуманиот гест“ е дел од службена политика, дури и таа политика има свое име и презиме, документ или усна наредба која треба да се наведе, но притоа мора да се избегне создавањето траен стереотип за таквата политика, бидејќи свесни сме дека политиката во секој момент може да се промени. На ист начин, секој негативен гест, секој инцидент од страна на службени лица или политики, исто така има свое име и презиме, и за тоа мора да се извести исто како и за позитивните трендови. Само на овој начин можеме да ги осудиме негативните практики и да ја ограничиме штетата што им се нанесува на бегалците. И да не заборавиме дека тие на својот пат се без никаква физичка заштита, препуштени на милоста и на немилоста на земјата-домаќин во моментот.
Почитувајте ја приватноста на бегалците. Тие немаат дом во текот на престојот на територијата на вашата земја. Оттука, секоја ливада, пат, секој шатор и автобуска постојка на која може да бидат затекнати е нивни приватен простор. Секогаш кога е возможно, не ги фотографирајте без нивна дозвола, а доколку сепак решите да ги фотографирате, водете сметка на тие фотографии да не може да се утврди нивниот идентитет. Ние во овој момент, не знаеме која е нивната индивидуална приказна, од кого или од што бегаат. Фотографирањето на лицето и идентитетот на бегалците кои се на наша територија, може да им го загрози животот, односно животот на нивните најблиски кои немале среќа да ја избегнат воената катастрофа. Бегалците во движење како граѓани имаат свои права во земјите низ кои поминуваат, и доколку не сте во можност да им помогнете, немојте ни да им одмагате. Земете во предвид дека фотографиите и снимките кои ги објавувате, ќе ги следат тие луѓе во текот на целиот живот во општеството во кое ќе живеат и најверојатно нема да сакаат доживотно да го носат идентитетот на бегалец. Од тие причини, ве замолуваме додека ги фотографирате и ги објавувате нивните фотографии, правете го тоа на начин на кој би го направиле за своите најблиски и најдраги. Прашајте за дозвола.
Во известувањата за бројките, статистиката односно показателите за секој нов бран бегалци, користете исклучиво податоци од официјални извори, кои се верифицирани од државните служби и меѓународни организации (како на пример УНХЦР). За сите изјави од страна на политички органи и други јавни актери, побарајте потврда од најмалку два други извори. Бројките и показателите за новите бранови бегалци најчесто се манипулираат, а најголем дел од досега објавените податоци немаат никаква врска со реалноста. Не дозволувајте како преносители на вести да бидете во служба на дневната политика или нечии прикриени интереси.
Намерата на овој текст е да послужи како водич за да не причиниме поголема штета. Доколку, поради ограничувањата на професијата, уредничкиот концепт или други закони и професионални стандарди, не сте во можност да ги следите горенаведените инструкции, ве молиме не предизвикувајте штета!
За сите медиумски работници кои работат на оваа тема, во прилог како потсетник и водич, доставуваме минимално модифициран текст од женевската формулација на Хипокрaтова заклетва:
Својата професија ќе ја вршам свесно и достоинствено. Мојата најголема грижа ќе биде заштитата на јавниот интерес и човечноста. Со сите мои сили ќе ја одржувам честа и благородната традиција на новинарството како професија. Верата, националноста, расата, политичката или класна припадност, нема да имаат никакво влијание во вршењето на професионалните должности. Апсолутно ќе ги почитувам човечкиот живот и достоинство. Нема да дозволам, ниту под закана, да се искористи моето знаење и мојата професија спротивно на законите на хуманоста. Ова го ветувам свечено и слободно, повикувајќи се на својата чест.
Во име на проектот „Медиумски круг“
Партнерство за социјален развој– Хрватска
Асоцијација за истражување комуникации и развој „Паблик“– Македонија
Здружение на новинари- БИХ– Босна и Херцеговина
Јуком-комитет на правници за човекови права– Србија
Независно друштво на новинари Војводина– Србија
Институт за јавна политика– Црна Гора
(Преземено од Fairpress)