Анализа на случајот „Јанева на Јутјуб“: НЕКА НИ Е НА АРНО!
Објавено во Анализи
on 27 - 09 - 2016 Автор: Дејан Донев
Во своето познато дело „Медиуми за отворено општество“, Томас Бауер запиша дека доколку сакаме отворено, слободно, демократско општество, кое самото себеси ќе се одредува, тогаш повеќе од одговорни сме за неговата реализација, преку унапредување на културата на комуникација која ја развиваме во медиумите и со нив, т.е. преку новинарството и неговиот главен морален субјект – новинарот. Тоа е можно само тогаш кога теоретски и практично ќе се потрудиме да ги развиеме способностите, подготвеноста, како и кога ќе посветиме внимание на етиката која не се мери со квантитет, туку со квалитет. Дали ние навистина, особено гледано преку случајот „Јанева на Јутјуб“, сме поборници за едно такво општество или сè уште го сакаме Бурдиевото „општество на спектакл“?
Пишува: д-р Дејан Донев, вонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите
Се чини дека во периодот кој помина, од лепезата однапред подготвени сензации, најперверзна е „кражбата“ на интервјуто на првиот човек на СЈО, Катица Јанева, дадено за МТВ1, пред сè од аспект на етичноста во и на новинарството, за која дури и СЕММ мораше да излезе и да потсети на постулатите на новинарството со соопштение во кое ги „повикува медиумите да не го злоупотребуваат добиениот материјал и да прават обиди за презентирање на добиените информации и гледишта во несоодветен контекст и без почитување на стандардите на чесно, коректно и објективно известување. (…), што може да предизвика штети врз интегритетот на соговорникот, значи и непочитување на темелните начела на професионалното и одговорно однесување, чесност во работењето и чување на угледот и интегритетот на МРТ“.
НОВ ИНСТРУМЕНТ НА ВЛАСТА СО „ВРОДЕНА МААНА“
Но едновремено, оваа кражба е интересна да се анализира и од аспект на збогатениот инструментариум на властодржечката гарнитура за омаловажување на идентитетот, а особено интегритетот на јавните личности и тоа преку обидот да продава магла и валидност на сопствените лаги: „Дали интервјуто со Јанева е дел од стратегијата на српските сејачи на магла за одвлекување на вниманието од лидерот на опозицијата за спречување на слободниот пад на рејтингот на партијата или, пак, целта е да се пушти по вода за на нејзино место да се назначи некој друг од тимот, ќе покаже времето. Но, повеќе од јасно е дека одговорноста за катастрофалните реакции во јавноста не е во „Република“, ниту во „свиркачот“, туку во тие што ја натераа Јанева да се појави во јавноста.“
Ова во услови кога „барањата на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за укинување на роковите за истраги, за автономија во заштитата на сведоците и за Законот за приватност“ се на маса, со рокови, а желбата на Груевски е друга: „на Јанева ѝ обезбедивме сѐ, нема потреба од измени на законите“.
Колку за илустрација, еве еден дел од текстот објавен на интернет порталот„Пулс 24“ (Puls 24), кој дава солидна дискрепанца, пред сè, на професионалните повреди кои ги анализираме:
„Од материјалот може да се заклучи дека интервјуто е однапред договорено, со однапред договорени и одговорени прашања кои специјалната обвинителка Катица Јанева има потешкотии дури и да ги прочита. Наместо (…), објективно да ја информира јавноста, МТВ по налог на уредникот поставен од СДСМ ги прикрива овие информации и неукоста на Катица Јанева. Невозможно е да се најде новинар и медиумски работник кој не го дели ставот дека Катица Јанева едноставно нема капацитет за одговорноста која и е доделена. Интервјуто во целина е под сите стандарди, а Јавниот сервис, во позиција со партиски војник во овие 100 дена на чело на информативната програма, наместо да има критички поглед кон институциите, меѓу кои и СЈО, без срам политички се додворува на Јанева. Прашањето кое се поставува во јавност е дали ќе има одговорност за новинарката која непрофесионално ги прикриваше гафовите на Катица Јанева.“
КОЈ ГО ДОСТАВИЛ МАТЕРИЈАЛОТ?
Во аргументирањето на погрешноста во професионалното постапување, прво и основно, секому што барем во основа го познава новинарскиот занает му е повеќе од јасно дека интервју не се прави без подготовка. За одговорите или за сарказмот дека „и одговорите се дадени“, да не се лажеме дека овој непроверен податок е вистинит сам по себе, бидејќи „соговорникот има потешкотии и самиот да ги прочита“! Кој бил пред камера, ја знае вистинитоста на овој факт. Дури и најискусните, ораторски поткованите, имаат свои пропусти. Но, во пет реченици да нафрлите шест небулози со непроверено потекло, е исто како на гладниот да му давате расипана храна, тврдејќи и убедувајќи го дека труењето кое најверојатно ќе следува е поради исцрпеноста на неговиот организам, а не од храната.
Многу посуштествено би било да се „размота клопчето“ и се види кој го доставил и како е добиен материјалот, а едновремено и за законските форми за емитување на ваков материјал, особено во услови на предизборие, а не само штурото објаснување дека се работи за сознание изнесено преку „Република“ дека: „загрижен „Свиркач“ од фактот дека јавноста не ја добила вистинската слика од интервјуто со Катица Јанева, го достави севкупниот снимен материјал до Република, за да може јавноста вистински да се увери во непрофесионалноста на Аргирова“. Имено, само заради потсетување: што доколку ваков материјал со лидерот на владеачката партија се пуштеше во оптек? Ќе се дискутираше неговата неспремност и ораторски капацитети или ќе се бараше виновникот и неговата казна, по експресен пат, а не дај Боже да се коментираше за неговите одговори и вистинскиот мотив зошто е поканет да даде интервју? Можеби и затоа во медиумите и го нема, а во провладините е подготвен како од пушка за сите информации и математики за кои јавноста треба да биде информирана. Е тоа боли, да се биде нов Цицерон кој кога ги поставувал таблите со информации пред јавноста, ги поставувал само оние кои говорат најдобро за него, односно за она што тој сметал дека јавноста треба да знае!
И така редум, но најболно и аморално е што се извлекуваат заклучоци и квалификативи во однос на кредибилитетот и интегритетот на личноста, во случајот на обвинителката, во услови кога истиот претходно го девалвирате – „преку дискредитација до победа“, па макар и постфестум, прашувајќи одново и повторно дали истата има капацитет да го прави она за што е избрана да го прави:
„…тоа што ја шокираше севкупната македонска јавност – политичка, експертска, медиумска, образовна – во основа лежи во непрофесионалноста на Јанева што оддава впечаток за нејзина несоодветност за функцијата која ја претставува и недораснатоста за сериозноста и влијанието кое нејзината работа и функција ја имаат во моментот“.
СПИНОВИ И КОНТРАСПИНОВИ
Интелектуално поразителен е и самодонесениот заклучок да се проширува врз други, зад кои пред сè стојат години и години искуство во дејноста која се врши, дури и повеќе отколку што постои самостојна Македонија, наместо да се има чиста слика за настанот:
„…ако сакаме да манипулираме и лажеме и фрламе кал врз МРТВ, Јанева, Аргирова, тогаш фрлајте, а ако сакаме да го казниме виновникот, тој партискиот војник на власта кому не му е местотото во медиум, најмалку во државниот, и кој мора да знае дека мора да се работи за дигнитетот на куќата која му дава плата, а со тоа и за државата, а не за власта или партијата која го платила. Партијата не е држава, уште помалку власта- државен интерес е нешто друго“.
Едновремено, декларативноста треба да биде заменета со акција: „Од јавниот сервис јавно се извинија што целото интервју без монтажа, на специјалната обвинителка Катица Јанева, протече во јавноста откако го објавија дел од провладините портали. Од МТВ велат дека некој од вработените го злоупотребил интервјуто и најавуваат дека ќе биде поведена дисциплинска постапка, со цел утврдување на одговорноста“, за истите подоцна да го „исперат својот образ“ дека „интервјуто со Јанева е само „неуспешен обид да се даде нова професионална слика на Јавниот сервис“, бидејќи овој колегиум на Првиот програмски сервис на МРТ, смета дека „интервјуто било емитувано без нивна дозвола, а прстот го вперија кон новата уредничка Санта Аргирова“, односно „ваквото соопштение на колегиумот ‘чии членови не се идентификуваат со име и презиме, а директно ја обвинуваат својата уредничка, покажува недозволена доза на нелојалност, вистински пуч во јавниот сервис кој треба да се решава зад затворени врати за што самата МТВ има соодветни органи и процедури“. Се работи ли за контраспин, колегиумот има проблем со новата реалност!?
НЕПОВИКАНИ МЕГАФОНИ
Лавината реакции што подоцна се појави се оправда и со фактот дека најдобриот начин јавноста да се информира е ниту помалку, ниту повеќе, туку со дискредитирачки и со тенденциозни написи: „Заев со сечени и монтирани разговори оцрнуваше луѓе, а Аргирова со сечено и монтирано интервју сака да ја оправи Катица Јанева“. Уште повеќе ако во истите се вметнат изјави на луѓе кои се одговорни да ја следат објективноста и избалансираноста во известувањето, а притоа се „образовно облагородени“ со навредувачки и со дискриминирачки речник, но и со потенција за ширење говор на омраза за да го прикријат својот политички ангажман во новинарството: „До малубројните колеги кои нешто се обидуваат да ја бранат Катица од фијаското што и се случи (Мухи, Саки, Кате, Кабранов чат пат)… Дај не се правете будали. (…) На снимката се покажува дека еден од најзначајните ликови во политичката криза во моментов е тотална покондирана тиква, празна форма без содржина, дека е бетер од анонимус, она е едно големо ништо. Лејка. Лејка која е поставена на позиција да носи клучни одлуки од кои зависи безбедноста на државата. (…), И после ние ВМРОвците сме биле глупи. Ало бе, Црпко и Катица ви се лице на една од двете водечки политички опции!! Ништо не може да ве испере од оваа брука. Приберете се, или нека дојдат тие што ве пуштиле од ланец да ве приберат. Моронштино една.“
А не е мал бројот и на оние кои се ставија во функција на „демек“ неповикани мегафони во служба на власта, користејќи ја истата тактика од работењето на властодршците: „Граѓаните точно знаат дека туѓото незнаење не се покрива со охрабрувачки постови, со лицемерни ставови, со нарачани мислења за напад на друг, а не на тој што вистински заслужува да биде ставен на ѕидот на срамот“, односно дека „времето покажа дека СЈО на Катица Јанева е орган кој селективно, неиздржано и необјективно дејствува во правосудниот систем и постапува по директивите на опозицијата, а не според принципите на уставност и законитост“.
ВАЖНО НАРАЧАТЕЛИТЕ ДА СЕ СИТИ
И тука ќе застанам согласувајќи се со колумната на Билјана Секуловска, дека „дебатите и нападите кон Јанева за нејзината елоквенција, речитост, комуникациски вештини, сета оваа рафална канонада на напади е навистина беспредметна за понатамошни анализи и мизерна во самата основа, во сржта. Овие напади се очекувани, тие доаѓаат од истиот центар кој е соголен, кој сега искрвавува, кој е под истрага на Јанева за криминали и злоупотреби за кои мора да се одговара“. Впрочем, за неделава која беше проткајана со наслови „Глобус пишува – уставните судии ќе одмораат ако треба и со капути. Главна тема во Република е интервјуто на Катица Јанева за МТВ, а Фокус наведува дека судиите спасуваат глава, никој не сака да им суди на груевци“, истата завршува во духот на секојдневното живеење, а кое ни е во постојано медиумско труење со турски серии – „Нека ни е на арно!“. Барем нарачателите нека бидат сити, додека народот сè почесто се вртка околу контејнерите и шалтерите!