verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Анализа: „Десоросоизацијата“ и медиумите на албански јазик во Македонија

on 27 - 01 - 2017       
Овој напис го има и на: Албански

 

press

 

Анализата за „десоросоизацијата“ и медиумите на албански јазик во Македонија е новинарско истражување кое го анализира известувањето на дел од медиумите за ова прашање, вклучувајќи го и мислењетo на експертите или професионалните новинари.


 

Пишува: Aдриан Керими

 

Кампањата на партијата на власт, ВМРО-ДПМНЕ, против Фондацијата „Отворено општество“ – Македонија (или против „Сорос“), не ги остави недопрени ниту медиумите. Реално кажано, ова не беше непознато прашање за јавноста, но нејзиното интензивирање во последно време, за време на предизборната кампања, но и за време на вакуумот до составувањето на новата влада, му даде посебна димензија на прашањето на „десоросоизацијата“ на јавната и на политичката сцена во Македонија.

Според десетици ставови од функционери на ВМРО-ДПМНЕ, „десоросизацијата“ ќе почне од медиумите што се финансирани од Џорџ Сорос, невладините организации и институтите. Претставници на ВМРО-ДПМНЕ, медиумите и новинарите кои, според нив, се финансираат од Сорос, ги нарекоа „душмани на новинарството“.

Наспроти ставовите и обвиненијата што доаѓаа од функционерите на оваа партија, многу медиуми имаа смелост да останат неутрални кон овие обвиненија насочени кон нив. Дел од медиумите на македонски јазик замолкнаа за да не бидат „обоени“ како финансирани од Сорос, додека, пак, како и вообичаено, партиските мегафони по медиумите го пропагираа ова прашање повеќе од самите партии.

Секако дека во оваа самопрогласена војна на ВМРО-ДПМНЕ против Сорос беа допрени и медиумите на албански јазик. Сепак, малку беа тие што му обрнаа внимание на ова прашање од аспектот на заштита на новинарството и на слободата на изразување.

Ако направиме една сублимација на начинот на информирање од три различни медиуми со влијание во јавноста, кои ги опфативме во анализата, таа би изгледала вака:

alsatAлсат M“Во врска со прашањето за „десоросоизацијата“ на Македонија известиле на објективен начин, повикувајќи се на многу извори, известувајќи од секој агол до каде што допрало ова прашање. На телевизиските хроники се вклучени комуниколози, аналитичари, експерти, новинари. Исто така, на темата ѝ е посветена и дебатна емисија на „Патот кон…“. На вестите од телевизијата „Алсат М“, медиумски простор е даден и на организациите што ја поддржуваат „десоросоизацијата“ на Македонија.

 

zhurnalЖурнал“Информативниот портал „Журнал“, за конкретното прашање известува(л) на сеопфатен начин, но главно од тесна политичка призма. Редакцијата уште не третирала други агли во оваа тема, а одвреме-навреме информирала, но само по доставените реакции, главно од двете партии кои најмногу се судираат за ова прашање.

 

gazeta lajm

Весникот „Лајм“Дневниот весник „Лалм“ пишувал на хронолошки начин, објавувајќи содржини, исто така, и на неговата интернет-платформа – вести, мислења и соопштенија од конференцијата посветена на прашањето за „десоросоизацијата“. Од друга страна, помалку внимание им посветил на организациите што излегоа со поддршка кон политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзината иницијатива за „десоросоизација“ на Македонија.

 

Генерално, можеме да заклучиме дека медиумите на албански јазик во Македонија известувале на разни начини и во зависност од уредничките политики. Меѓутоа, едно е очигледно – оваа тема беше многу помалку присутна отколку кај медиумите на македонски јазик. Можеби и поради тоа што кога ќе ги разгледате имињата и организациите вклучени во оваа „дискусија“ по медиумите, многу малку од нив се албански и можеби поради тоа не може да ја разбудат љупобитноста на албанската публика.

 

Експертите и новинарите: Ова е дефокусирање на вниманието

Експертите сметаат дека власта се обидува да го дефокусира вниманието на јавноста од вистинските проблеми и на овој начин намерно, преку медиумските инструменти, го свртува вниманието кон овој „процес“, изјавувајќи дека државата е „во опасност“ од Фондацијата на Сорос и од неколку невладини организации и медиуми финансирани од оваа фондација.

Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани, тврди дека со последните активности, досегашната власт ја враќа државата на тоталитаризам, заедно со граѓаните и со медиумите.

„Мислам дека ова е една многу голема неодговорност на луѓето што ги раководат медиумите. Тие мислат дека играта на Никола Груевски е наивна. Затоа јас истакнав дека ова воопшто не е наивна игра. Всушност, Груевски се обидува да го официјализира вршењето политика на Владимир Путин во Македонија.

Има неколку медиуми кои се финансиски поддржани од фондацијата на Сорос, но ова не е нешто необично. Оваа практика постои секаде во слободните земји и мислам дека парите од вакви фондации влеваат страв само кај тоталитарните држави како што е Македонија“, вели Селмани.

Известувањето на медиумите во овој период било и предмет на истражување и на анализа и во Македонскиот институт за медиуми. Директорката на овој институт, Билјана Петковска, вели дека добро постапиле само медиумите што ја разоткриле политичко-партиската пропаганда и се покажале воздржани кон ова прашање.

„Станува збор за труење на јавноста, наметнувајќи теми и измислувајќи проблеми на сметка на вистинските проблеми, од политички аспект или во медиумската сфера. Медиумите треба да бидат претпазливи во овој период и да не станат жртва на тоа што им го наметнува политичката пропаганда, како тенденција да го одвлече етерот од вистинските проблеми каде што се концентрираат и граѓаните, а се избегнуваат вистинските политички проблеми таму каде што им наоѓа место необјективното и неодговорно новинарство“, вели Петковска.  

Комисијата за жалби при Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ) ги следела внимателно медиумите во овој временски период, а оценката е дека ВМРО-ДПМНЕ секој ден сè повеќе го ширела нејзиниот фронт, со организации за поддршка и со медиумски содржини надвор од етичките стандарди. Новинарот Филип Ѓурчиновски, член на Комисијата за жалби при СЕММ, опширно го елаборира пристапот на медиумите, истакнувајќи ја на јасен и хронолошки начин улогата на фондациите и на медиумите во нивните активности. Ѓурчиновски известувањето го смета за сосема еднострано.

„Како прво, голем дел од медиумите беа вклучени во партиска пропаганда. Новинарите информираа еднострано и ретко ѝ даваа право на другата страна да го изнесе својот став. Исто така, не ги третираа сите аспекти на оваа тема. Сакам да го цитирам членот 20 од Уставот на РМ, кој гласи: На граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат“, вели Ѓурчиновски.

Ниту Ѓурчиноски не исклучува дека зад сите изјаснувања на ВМРО-ДПМНЕ и на нејзините функционери се крие тенденцијата за дефокусирање на јавноста од вистинските проблеми. Според него, по обвиненијата на оваа партија треба да се стави во функција јавното обвинителство, кое веднаш треба да почне истрага и да ги појасни прашањата (посочени како конфликт на интереси), меѓу фондацијата на Сорос, медиумите, невладините организации и ВМРО-ДПМНЕ.

OJO„Сметам дека „десоросоизацијата“ е само едно партиско клише за медиумска експлоатација. Останувам на мојот став дека не треба да постои паника кај критичките медиуми, само поради фактот дека доколку се случи „десоросоизација“, јавното обвинителство треба да го потврди противуставниот и противзаконскиот пристап на медиумите и на фондацијата. Власта сака да се справи со сите невладини организации и критички медиуми, забранувајќи ги преку Законот за здруженија и фондации и да го измени членот 20 од Уставот“, вели Филип Ѓурчиновски.

Нашата анализа нè доведува до хетерогени констатации. Повикувајќи се на медиумските известувања, „војната“ на ВМРО – ДПМНЕ против Фондацијата „Отворено општество“, на индиректен начин е предупредување од оваа партија за чекорите што може да ги преземе како одмазда против медиумите што ја критикуваат власта и нејзините досегашни политики.

Според експертите и нивните коментари, таквите изјави во заднина имаат намера да се дефокусира вниманието јавноста од вистинските проблеми на граѓаните. Исто така, оваа анализа констатира дека моделот со кој комуницира досегашната партија на власт со медиумите и невладините организации, дава индикации дека земјата тргнала на пат за дефинитивно да се претвори во тоталитарна држава – кога станува збор за слободите и за правата на човекот и за слободата на изразување.

Друга констатација од анализата е дека доколку во практика почнува војната против оваа фондација и медиумите што се финансираат од Сорос, земјата ќе се вовлече уште повеќе во информативен мрак. Сосема на крај, како заклучок од ова што се елаборира во медиумите и од познавачите на прашањето, е дека досегашната власт продолжува да ги има за цел критичките медиуми и невладините организации во земјава, со крајна намера да се претворат во инструмент целосно зависен од владата.


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).