verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

АНАЛИЗА: Анкетите и медиумите – Селективно читање и површност во пристапот

on 22 - 06 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански

online-poll-400x250

Судејќи според последната анкета на ИРИ, селективно известување, прикривање факти, дури и манипулација со резултати, беа некои од аномалиите што можеа да се забележат кај добар дел од медиумите на албански јазик што ѝ се обраќаат на јавноста во Македонија

 

Пишува: Бењамин Арифи

Последната анкета на Американскиот републикански институт (ИРИ) уште еднаш ги истакна недостатоците на медиумите на албански јазик во Македонија, конкретно недостигот од вистинско пренесување на истражувањата до јавноста. Разни медиуми различно ја читаа истата анкета и истите резултати, во зависност од тоа кој политички ветер ги дува едрата на нивната уредувачка политика.

Судејќи според последната анкета на ИРИ, селективно известување, прикривање факти, дури и манипулација со резултати, беа некои од аномалиите што можеа да се забележат кај добар дел од медиумите на албански јазик што ѝ се обраќаат на јавноста во Македонија.

Анализата ќе ја почнеме со еклатантните примери на искривување на фактите од неколку медиуми. Таков е примерот на порталите „Тетова сот“ и „Илириа њуз“. И двата портали, со идентичен наслов и текст, свесно или несвесно манипулираат со резултатите од анкетата, поставувајќи ја ДР-ДПА како сила, претендент за втора позиција во класификацијата на политичките партии. Во текстот се спомнува само рејтингот на ДУИ и не се даваат податоци за рејтинзите на другите партии, освен што се дадени илустративни фотографии од анкетата, но без превод.

Погрешно пренесени резултати има и во известувањето на регионалната телевизија од Полошкиот Регион, ТВ „Коха“. Телевизијата „Коха“ дала неточни резултати за ДПА и за Беса, а и овој медиум ја нареди ДР-ДПА во резултатите на ИРИ, иако оваа партија воопшто не фигурираше во нив.

Порталите „Журнал“ и „Антпрес“, исто така со идентичен текст, пренесуваат резултати што не припаѓаат воопшто на анкетата на ИРИ. „Журнал“ подоцна го коригирал текстот, појаснувајќи дека ги помешале резултатите со друга анкета реализирана од „Брима Галуп“ и нарачана од неделникот на македонски јазик „Република“, а на порталот „Антпрес“ сè уште стои истиот наслов, атрибуирајќи му ги на ИРИ резултатите од друга анкета.

Разни медиуми, од друга страна, известуваа селективно за анкетата. Порталот „Актуале“, на пример, го почнува и го насловува извештајот со еден објективно страничен сегмент во споредба со главното истражување – рејтинзите на политичките партии. „Актуале“, во споредба со другите сегменти на анкетата, му дал предност на прашањето „која партија е поактивна во селото или градот во кој живеете“, каде што ,според дадените одговори во истражувањето, најдобро стои ДУИ.

Експертите мислат дека таквиот пристап на медиумите кон последната анкета на ИРИ, што е предмет на нашата анализа, не е нешто ново и необично. Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија, што исто така се занимава со истражувања на политичкото мислење, вели дека два фактора влијаат на таквото непрофесионално известување на медиумите, кога станува збор за анкетите.

„Во пренесувањето на резултатите на анкетите од страна на медиумите играат улога два фактори. Првиот е информирање на самите новинари за методологијата на анкетата и вториот фактор е професионалниот однос на медиумот кон која било содржина, вклучувајќи ги овде и анкетите. Значи, едно прашање е кога новинарите ги толкуваат резултатите погрешно поради незнаење, а друго прашање е селективното толкување и искривување на резултатите поради политичките агенди на самите медиуми“, вели Трошановски

 

И Башким Бакиу, директор во Институтот за истражување на политиките и добро владење, гледа многу политика во таквото пренесување на резултатите на анкетите во медиуми.

„За жал, неколку медиуми се претвораат во алатки за односи со јавноста на политичките партии, потоа се и тенденциозни, избегнувајќи факти (резултати) од истражувањето, дури и манипулирајќи со резултатите од анкетата. Секоја анкета ги има или нејзините „изненадувања“ или релевантните проценти што мора по секоја цена да се пласираат, но се случува истата да биде манипулирана, поради различното читање, дури и земајќи за право самите медиуми да ги пренесат пораките на анкетата без да се консултираат со експерт од соодветната област, социолог. Без да ја објаснат методологијата, демографијата и други карактеристики за еден истражувачки процес“, вели Бакиу.

Сепак, секогаш има и добри примери меѓу ова разноличје на медиумското известување за истата анкета. Телевизиите „Алсат М“ и „Шења“ направиле сеопфатни извештаи за анкетата на ИРИ, пренесувајќи најголем дел од истражените сегменти. „Алсат М“ го поставил фокусот во падот или стагнацијата на владејачките партии, додека ТВ „Шења“ во новата реалност кај албанската опозиција. „ТВ 21“, од друга страна, ги дала само коректните резултати на партиите, без некоја подлабока анализа.

Техничко пренесување на резултатите од анкетата направиле и весникот „Коха“, „Порталб“ и порталот „Индекс“, иако овој последниот можел да најде и некој пообјективен наслов.

Но, заеднички симптом за сите медиуми, е недостиг од еден подлабок аналитички пристап кон резултатите на анкетата. Во известувањето на новинарите недостига споредбена анализа со поранешните резултати на анкетите од истата институција. Овие анализи се од суштинско значење, поради тоа што колку е важен моменталниот резултат, толку е важен и трендот на промена на јавното мислење за политичките субјекти или за одредени прашања. Експертот Марко Трошановски мисли дека оваа е поради незнаење кај новинарите или мрзеливоста на медиумите за да ги анализираат толку длабоко мерењата на јавното мислење.

Консултираните експерти во оваа анализа, Башким Бакиу и Марко Трошановски, проценуваат дека последиците од непрофесионалното известување за анкетите се тешки. Тоа влијае во формирање на погрешното мислење кај граѓаните, со известување основано на лажни факти или со селектирање на фактите од анкетата. Поради ова, новинарите треба да бидат внимателни кога ги пренесуваат фактите, бидејќи тие се допирливи, објавени или лесно може да се најдат на интернет и може да се прикријат и покријат толку, колку што може сонцето да се покрие со сито.


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).