„Алтернативните факти“ не помагаат
Објавено во Рецензии
on 7 - 02 - 2017 Автор: Зоран Бојаровски
[Рецензија: Сорос исплаќал милиони пред избори на невладините во Македонија]
Најважно за еден новинарски извештај од настан е во себе да содржи нешто ново. Да посочи дека организаторите на тој настан ѝ соопштиле на јавноста нешто што претставува новина. Нешто дотогаш непознато. Или, барем, да открие нов контекст на познатите факти и така тие да добијат нова вредност. Тоа е основното правило од кое произлегува и должноста на новинарите.
Кога внимателно ќе се прочита оваа содржина, ќе се соочите со фактот дека правилата за тоа што ја прави една информација вредна да биде вест, да биде новина, воопшто не се испочитувани.
Вусшност, новинарскиот извештај што е пред нас, е само рециклирање на веќе познатите тези и намери на тројката која себеси се нарекува „Стоп операција Сорос“ да ги дискредитира граѓанските организации што добиваат поддршка од Фондацијата „Отворено општество“ – Македонија и од УСАИД.
Сепак, за да бидеме докрај доследни на методологијата на „Сервис за проверка на факти од медиумите“ (СПФМ), должно внимание обрнуваме на еден момент од извештајот кој навестува некое откритие. Нешто ново. Еве го тој дел во целост:
„Граѓанското движење Стоп Операција Сорос (СОС) вчера ја претставија мрежата на финансирање на организациите во Македонија кои се под капата на Сорос на чии сметки покрај годишните суми, легнуваат и дополнителни средства од Сорос во клучни политички моменти во Македонија, најчесто пред започнување на изборните кампањи“.
Линк до оригиналниот напис: Сорос исплаќал милиони пред избори на невладините во Македонија
Датум и време на објавување: 05.02.2017, 23:34
Датум на рецензирање: 07.02.2016
Рецензент: Зоран Бојаровски
НЕПОТВРДЕНИ ТЕЗИ
Новината што ја „откриваат“ претставниците на СОС е дека „…покрај годишните суми, легнуваат и дополнителни средства од Сорос во клучни политички моменти во Македонија, најчесто пред започнување на изборните кампањи.“
Сепак, новинарскиот текст што го рецензираме, кој треба да биде автентичен извештај од настанот, нема ништо за ова тврдење. Апсолутно ништо, освен изјавата на организаторите на прес-конференцијата.
Простете, но треба да се знае дека тоа не е доволно. Во извештајот што го оценуваме или се заборава тој важен момент од прес-конференцијата или тој момент – воопшто го немало.
Како делови од овој извештај, на публиката на увид ѝ се ставени еден графички приказ и два видеозаписи. Од тоа што се гледа од оваа медиумска содржина, графичкиот приказ е апсолутно нејасен, непрегледен и не може да ја потврди изјавата дека „покрај годишните суми, на сметките на споменатите организации легнувале и дополнителни средства од Сорос во клучни политички моменти во Македонија, најчесто пред започнување на изборните кампањи.“
Во првиот видеозапис ја имаме цитираната изјава и ништо повеќе од тоа. Ниту еден аргумент што ќе го потврди „откритието“.
ЕТИКЕТИРАЊЕ
Вториот видеозапис, пак, е стандардната практика од настапите на ова самонаречено движење, кое еден сериозен број граѓански организации ги обвинува дека се „партиски штабови“ на СДСМ.
Иако во најавата за оваа видеоснимка во текстот пишува: „Деталниот приказ за износот кој организациите во Македонија го добиле до Сорос погледнете во видеото во продолжение“, во неа, повторно, нема ништо од тоа. Само настап со етикетирање. И од овој видеозапис публиката не може да види дали е точно тоа дека граѓанските организации што се на тапет на СОС, се навистина „партиски штабови“ и дали навистина добивале „дополнителни средства од Сорос во клучни политички моменти во Македонија, најчесто пред започнување на изборните кампањи“. Или, пак, повторно, таков факт воопшто и не постои.
Впрочем, во меѓувреме, додека се подготвуваше оваа рецензија, речиси сите граѓански организации реагираа на тврдењата изнесени на оваа прес-конференција („Стоп Операција Сорос има една недела да се извини, или над 11 невладини ќе ги тужат“). Укажаа и на тоа дека нивните годишни извештаи, ставени на увид пред јавноста, сосема силно ги демантираат изнесените „откритија“ на СОС.
За жал, овој новинарски извештај, така како што е направен, се претвора во прилог на кампањата за поддршка на иницијаторите за „десоросоизација“ на граѓанското општество во Македонија што ја поттикна една политичка партија.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
делумно
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
неофицијални
нерелевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
политичка дискриминација,
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
солидни мултимедијални елементи
има контекстуални линкови
стилски уреден
поврзан со тагови