Агенција за разузнaвање ли е, мало дете ли е?
Објавено во Новинарски лекции
on 5 - 06 - 2015 Автор: Vladimir Petreski- Од шпионски игри преку воени игри до изгубени животи. И после, новинарите виновни. Фото: Агенција за разузнавање и YouTube скриншот. Колаж: СПФМ
Македонските шпиони и нивните наредбодавци би си направиле услуга и себеси, но и на демократијата во земјава, ако ги остават детските пориви за одмазда по принципот „кому иде“ зад себе и ако прекинат со недоделканите закани за прогон и за судење новинари, чија единствена вина е што пренесле вести кои веќе биле објавени во странство
Пишува: Владимир Петрески
Кога станува збор за издавање на идентитет на таен агент/шпион, во меѓународната правна и новинарска пракса имаме повеќе случаи, но веројатно најпознат е оној на Валери Плејм Вилсон, кој претставува студија на случај и нуди насоки за тоа како се постапува во вакви ситуации. Да видиме за што станува збор.
Во јули 2003 година, американскиот новинар Роберт Новак објави колумна во „Вашингтон пост“ во која најголемо внимание предизвика информацијата според која Валери Плејм Вилсон, сопруга на Џозеф Вилсон, инаку претходно амбасадор на САД во африканската држава Нигер, е шпион на ЦИА. Како и кај нас, кога станува збор за дел од вработените во Агенцијата за разузнавање, така и во САД е забрането да се издаде тајниот идентитет на оперативците на ЦИА. Контекстот и околностите во кои се случи овој инцидент, пак, веднаш го претворија во национален скандал.
Пред појавувањето на оваа колумна, во своето клучно излагање пред Конгресот, со кое тогашниот претседател на САД, Џорџ Буш, се обидуваше да ја оправда инвазијата врз Ирак во 2003 година, едно од централните тврдења беше дека ирачкиот претседател Садам Хусеин се обидел да набави значителни количества ураниум од африканската држава, наводно за да направи нуклеарни бомби. Две недели подоцна, Џозеф Вилсон објави коментар во „Њујорк тајмс“, изразувајќи сериозни сомневања дека таква трансакција воопшто се случила. Потоа, пак, од страна на Конгресот тој беше пратен во Нигер во мисија на проверка на тврдењето на Џорџ Буш. Функционери во администрацијата на претседателот Буш, со цел да му се одмаздат на Вилсон за неговите сомневања во однос на вистинитоста на тврдењето на претседателот, известиле претставници на медиумите дека Вилсон бил избран за мисијата „со врски“, односно по препорака и со влијание на неговата сопруга која е таен оперативец на ЦИА.
Кога низ кулоарите во Вашингтон се расчу дека тајниот идентитет на Плејм Вилсон е пробиен од политички причини, односно заради политичка одмазда, министерството за правда и јавниот обвинител на САД не можеа да седат настрана, туку мораа да се вмешаат со истрага. Роберт Новак, кој ја објави информацијата, повикувајќи се на два извори од Белата куќа, по единствениот извршен информативен разговор со него, во кој одби да го каже идентитетот на своите извори, повеќе воопшто не беше вознемируван, а камоли да биде обвинет.
- Валери Плејм Вилсон, поранешен шпион на ЦИА. Фото: лична веб-страница
Службеник на Стејт департментот, Роберт Армитаж, веднаш се пријави дека тој е лицето што го издало идентитетот на тајниот агент, но испадна дека и тој не бил сосема виновен, зашто во доверливите документи името на Валери Плејм Вилсон не било прекриено, туку целосно напишано и тоа на повеќе места, што него го навело да помисли дека нејзиниот шпионски идентитет повеќе не е таен. Армитаж пред детективите изјавил дека во својата кариера подолга од 40 години никогаш во доверливи документи не видел полно име и презиме на таен агент. На крајот, директно за откривањето на тајниот идентитет на Плејм Вилсон никој не беше обвинет. Индиректно, сепак, еден службеник во Белата куќа беше осуден, но не за откривање на идентитетот на Плејм Вилсон, туку зашто се утврди дека во текот на истрагата дал невистинита изјава пред истражителите, што е казниво според законите во САД (и во Македонија, впрочем), кои велат дека не смеете да ги лажете вработените во министерството за правда во службена комуникација со нив кога тие водат истрага. Но, ни тоа лице не отиде во затвор, иако беше осудено на условна казна.
ДРЖАВАТА НА НОВИНАРИ НЕ ИМ ДОВЕРУВА ДОВЕРЛИВИ ИНФОРМАЦИИ НА ЧУВАЊЕ
Она што е важно за нас овде е фактот што никому не му паднало напамет да покренува обвинение, ниту, пак, да го суди новинарот кој ја објавил сторијата зашто нему никој не му доделил класифицирани информации на чување, кои тој не ги сочувал како што морал, туку ги обзнанил. Особено, пак, никому не му паѓа напамет да ги прогонува и да покренува обвиненија против стотиците медиуми и новинари, кои веста дека Валери Плејм Вилсон е шпион на ЦИА ја имаат пренесено и реобјавено, повикувајќи се на написот на Новак.
Сепак, ова е вака кога станува збор за служби на сериозни држави во кои работат сериозни и возрасни луѓе. Сега, кога ваков сличен случај се појави во Македонија, на површина исплива целиот потиснат инфантилизам и одмаздничките пориви кои изгледаат како необмислена реакција на мало дете, чија детска суета е повредена зашто некое друго дете му го зело лижавчето на маалското игралиште, па сега бара било кој да биде казнет за тоа, без оглед кај кого е вината. Вака може да се опише реакцијата на Агенцијата за разузнавање на РМ (АР), откако идентитетот на нивен шпион беше пробиен на Косово од соработник на кумановската вооружена група и тоа на тамошна национална телевизија. Одеднаш, како главни виновници за ова фијаско се именуваат македонските новинари зашто се осмелиле да си ја вршат својата работа – пренесување информации. И тоа во овој случај не информации кои се добиени од некаков доверлив извор или на криминален начин, туку информации кои се веќе објавени на национална телевизија од соседна држава.
Испаѓа дека е во ред граѓаните на Косово да го знаат идентитетот на Шенаси Мехмети и неговата работа како македонски шпион, ама истиот овој факт не смеат да го знаат македонските граѓани. Исто така, испаѓа дека македонските новинари треба сосила да се прават недоветни и да молчат за целиот скандал, според кој македонски шпион преговарал со претставник на вооружена група која со себе имала купишта оружје и која водеше дводневна битка со полицијата. Да не говориме за тоа што крајно несериозно, па дури и потсмешливо во актуелниве околности звучат приказните за евентуални последици од пробивањето на идентитетот еден единствен шпион во ситуација кога целокупниот безбедносен систем на земјава е пробиен со години наназад (странски служби, домашни разузнавачи платени од тајни служби, највисоките ешалони на МВР во соработка со највисоките ешалони на владата – во зависност од тоа на чија верзија на настаните верувате, онаа на власта или онаа на опозицијата). Во ситуација кога домашни шпиони платени од странски служби слободно ја користеле опремата за прислушување (како што тврди власта – небаре таа се наоѓа на автобуска постојка и секој може да ѝ пристапи) или највисоките политички и полициски кругови ја користеле како своја приватна сопственост за да прислушуваат кого сакаат од лични и од политички причини (како што тврди опозицијата), значи кога државниот безбедносен систем личи на швајцарско сирење, илузорно е да се бара одговорност од новинарите за пробивање на тајниот идентитет на еден шпион, нешто за што тие и онака не се виновни.
НЕ МОЖЕШ ПО МАГАРЕТО – УДРИ ПО САМАРОТ
Освен ако не решите да се правите „наудрен“, да одлучите да не го слушнете и да не го анализирате телевизиското интервју на Хамди Ндрецај (командант Пантери), ќе чуете како тој признава оти преговарал во име на вооружената група токму со Мехмети, за потоа и да го открие идентитетот на македонскиот шпион.
Кога новинарите, во име на јавниот интерес, истражуваат вакви теми, има редица прашања кои треба бездруго да ги постават. Во однос на тоа од каде му е ваквата информација, Пантери вели дека ја дознал од „еден човек во Скопје“. Се разбира, нејасно е зошто Мехмети воопшто би преговарал со вооружена група, чија цел, според власта, била провоцирање немири и насилство во Македонија и, ако веќе тоа била некаква операција за справување со терористите за да се спречат насилни дејства од нивна страна, зошто таквата операција на крај излегла неуспешна и каде се згрешило, па за да дојде до толку големо крвопролевање во Куманово? Дали шпионите од Агенцијата за разузнавање не си ја знаеле работата, па наместо да спречат крвопролевање, направиле тоа ем да се случи, ем да излезе надвор од контрола? Или, уште повеќе, дали крвопролевањето е намерно предизвикано за да се сврти фокусот на јавноста од опозициските „бомби“ на измислена опасност од нова граѓанска војна? „Коха Диторе“ пишува, а македонските медиуми пренесоа дека македонскиот шпион е токму тоа лице кое на припадници на вооружената група им рекло дека ќе им остави оружје кај караулата Гошинце за подоцнежните планирани операции во Македонија. Конкретно прашање, поврзано токму со откривањето на идентитетот на Мехмети е следново: како тоа „среќниот“ терорист Хамди Ндрецај, кој во последен момент се откажал од заминување од Куманово да им се придружи на другите, има „човек од Скопје“ толку длабоко во македонскиот безбедносен систем, подготвен од „прва“ да му каже кој сè е македонски шпион, па дури и да негува сомневања дека тој бил пратен по налог на Сашо Мијалков и на пратеникот на ДУИ, Рафис Алити (кој сето ова го негира)? Дали во АР е направена истрага да се открие тој „човек“ на Пантери „од Скопје“, кој му го открил идентитетот на македонскиот шпион? Откриено ли е тоа лице, дали против него се преземени оние правни мерки, кои АР сега ги подготвува против македонските новинари? Ова се вистинските прашања, чии одговори можат да доведат до вистината, но и до редица нови прашања, чии одговори, пак, можат да испаднат крајно непријатни за Агенцијата за разузнавање и за актуелната власт? Пантери едноставно поседува информации до кои не би смеел да има пристап. Потенцијален терорист и непријател на Македонија, кој отворено говори за вооружено заземање на полициски станици во земјава, не е нормално да има „човек од Скопје“ и тоа „на чекање“ кој веднаш ќе му издаде строго чуван и таен идентитет на македонски шпион. Дали надлежните ги имаат истражено овие загрижувачки моменти: зошто странски државјани кои не ѝ мислат добро на земјава по медиуми се расфрлаат со доверливи информации или новинарите се попогодна мета – покрај тоа што можат да послужат како дежурни виновници, тужба или пресуда против нив е одлично средство за замолкнување на нивните колеги, кои евентуално би се охрабриле да ја побараат и, можеби, откријат вистината за овие настани што доведоа до кумановските жртви.
СУДЕЊЕ НОВИНАРИ – МЕЧ СО (БАРЕМ) ДВЕ ОСТРИЦИ
Судска постапка против новинари и медиуми е меч со две острици. Надлежните во АР треба да го знаат она што медиумската фела во земјава го знае многу добро и го чувствува на сопствената кожа од ден на ден: со оглед на тоа колку е ништена слободата на изразување во земјава, со оглед на тоа што по слободата на изразување и по слободата на медиумите Македонија е на последно место западно од Русија, Белорусија, Украина и од Турција (значи во речиси цела Европа), како и со оглед на фактот што новинарството, пред сѐ, критичкото новинарство е најпрогонувана професија во државата, евентуален таков судски процес ќе биде внимателно следен и оценуван од меѓународниот фактор и прашање е дали судството навистина ќе се согласи повторно, како многупати досега, да ги изигра законите на штета на новинарите и со тоа да создаде предуслови да биде ставена последната шајка на ковчегот во кој треба да биде закопано независното судство. Заради ова, многу лесно може да се случи наместо акцентот да биде ставен врз „лошите новинари“, кои го издале веќе познатиот и претходно веќе откриен идентитет на македонскиот шпион, интересот на судот и на јавноста да се префрли врз работата и тајните активности на АР и, уште повеќе, врз наредбодавците на АР. А, тука има многу моменти од јавен интерес, кои јавноста не ги знае, но кои можат да дојдат до израз ако новинарите ги постават вистинските прашања. На пример, сè уште не е јасно дали претседателот Ѓорге Иванов воопшто имал поим за акцијата во Куманово. Ако имал поим, зошто еден ден пред тоа отпатува за Москва, а ако немал, како е можно врховниот командант на вооружените сили да не знае за најголемата вооружена акција на територијата на земјата во текот на целиот негов мандат? Потоа, на судењето може да се открие и дали се обезбедени евентуални погрешни разузнавачки податоци и/или е направена погрешна процена за мотивираноста и подготвеноста на вооружената група да се бори до крај (барем дел од неа), имајќи го предвид високиот број мртви и ранети од двете страни. Со оглед на тоа што, еве, имаме потенцијален член на вооружената група, кој го знаел идентитетот на шпион од АР, самата Агенција не е далеку од обвинителната клупа, ако не во судот, барем обвинителната клупа на јавноста во однос на нејзиното замешателство и улога во активностите што претходеле на кумановските настани, активности кои во еден судски процес лесно би можеле да дојдат на дневен ред за појаснување – и зошто се спроведени и по чија наредба. А, да не говориме што само по објавувањето на првите „бомби“ од опозицијата, од функцијата заменик-директор на АР беше сменет Мухамед Исмаили, кој претходно на тоа работно место беше дури 12 години. Зошто, остана непознато. Ова се само дел од информациите, чија непријатна заднина може да излезе на виделина ако АР продолжи да притиска со својот изнасилен и крајно неоправдан новинарски „лов на вештерки“ за некакво откривање таен идентитет на македонски шпион во ситуација кога таквиот идентитет им бил познат на странски разузнавачки служби, на членови на вооружената група и на целата косовска јавност која гледа телевизија.
И на крајот, Агенцијата за разузнавање треба да биде среќна што во Македонија веќе подолго време нема парламент во вистинска смила на зборот, што уште подолго време нема парламентарна Комисија за контрола на работењето на тајните служби и што заради ваквите околности таа може да дејствува во матно, без никаква парламентарна контрола и во комплетно пробиен безбедносен систем, во кој незаконското прислушување се спроведувало исто онолку лесно колку што е лесно да се каже „добро утро“. И тука следи едно сосема оправдано прашање: како е можно во земјава толку многу, толку раширено, толку сеопфатно и толку долго незаконски да се прислушува, а АР, како интегрален дел од безбедносниот систем да нема поим за тоа, ниту, пак, да се посомнева дека такво нешто со години се случувало? Или, пак, ако АР знаела, дали таа известила таму каде што требало и што е преземено во врска во ваквото масовно кршење и на македонските закони и на приватноста на граѓаните на Република Македонија?
Ако се продолжи да се инсистира глумење навредено детенце, на крај може да се случи јавноста да застане исправено и да побара истрага и правда за сите матни моменти и постапки и околу прислушувањето и околу настаните во Куманово (за што постои поддршка од целиот демократски свет, пред сѐ, САД и ЕУ, додека власта од петни жили се спротивставува на каква било истрага за кумановските настани) и како еден од виновниците во процесот на потрага по правдата да произлезе токму врхушката на АР и нејзините наредбодавци.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).