verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Зошто мигрантите толку многу гинат на македонските железнички пруги?

on 4 - 05 - 2015       
Овој напис го има и на: Англиски
Пругите како гробишта за мигрантите. Фото: Novica Nakov, 2007
Пругите како гробишта за мигрантите. Фото: Novica Nakov, 2007

Како тоа одеднаш гинат толку многу емигранти на железничката пруга во Македонија. Зошто претходно немало (толкав број) загинати? Што е тоа што се променило?

 

Проф. Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

 

Континуираното зголемување на бројот на луѓе кои нелегално влегуваат во Македонија и кои гинат на железничките пруги, го привлече интересот на медиумите, а некои од нив ги заинтересира и за пошироко отворање на прашањето на односот на државата кон луѓето кои бараат азил или кои само се обидуваат да поминат низ Македонија и да продолжат понатаму.

Станува збор за една од најмаргинализираните групи на светот: бегалци, илегални мигранти, баратели на азил. Вообичаениот однос на јавноста кон овие групи е нивно отфрлање, игнорирање или, во најдобар случај, сожалување. Медиумите во Република Македонија не поттикнуваат директно отфрлање или игнорирање на овие луѓе (и покрај тоа што дел од пораките упатени преку медиумите можат да се протолкуваат и како такви):

Ја чува ли некој македонската граница или е навистина толку лесно да се помине од Грција кон Македонија пеш, со автомобил или со воз?“

„Мигрантите, претежно од Сирија и Авганистан кои од мака веќе подолг период во бранови преминуваат во Македонија на патот кон европските земји покажаа дека во земјава може да влезе кој сака, кога сака.“

„Иако надлежните во изминатиов период открија стотици мигранти натоварени по вагони како што нацистите ги товареле Евреите, се чини дека нашата граница е како слободна зона.“

МВР: ГРЦИЈА ПОДОБРО ДА ЈА ПОКРИВА ГРАНИЦАТА

Меѓутоа, многу мал број медиуми поставуваат прашања, уште помал анализираат и ги ставаат во контекст на постоечките закони и стандарди на меѓународните договори, а најмал број ја повикуваат државата на одговорност и на акција.

Дури и кога станува збор за ситуации кога очигледно станува збор за повреда на ратификувани конвенции (како, на пример, Конвенцијата за правата на детето), медиумите не поставуваат прашање за мерките кои државата ги презема за заштита на овие луѓе, а не заштита на државната граница:

Уште повпечатливо е отсуството на интерес на медиумите за продлабочено анализирање на ситуациите од правно-криминалистички аспект. На пример, ниту еден медиум не постави прашање дали навистина станува збор за железнички несреќи?

Имено, само индивидуална истрага и детална обдукција, може да потврдат дека смртта на некој човек настапила баш од удар на воз, а не заради тоа што некој бил убиен, претепан, ограбен, силуван и потоа поставен на железничката пруга или само фрлен во нејзина близина.

Токму овој тек на анализа треба да се примени, особено кога станува збор за смрт на бебиња и на деца, на постари луѓе или на жени.

Само како пример може да послужи случајот со младата Нигеријка пронајдена во канал покрај пругата кај Демир Капија. Голем број медиуми известуваат за овој случај.

„Во текот на вчерашниот ден е пронајдено тело на млада емигрантка од Нигерија во канал покрај пругата во близната на Демир Капија.

Како што соопшти МВР, околу 10:20 часот на пругата Скопје-Гевгелија кај Демир Капија, вработен во МЖ кој управувал работна машина на 200 метри пред ЖС-Миравци, во каналот покрај патот забележал непознат леш.

Увид на лице место извршила увидна екипа од ПС-Неготино, при што е констатирано дека се работи за Граце Е.(29) од Нигерија, која имала повреди во пределот на главата – скршеница од удар најверојатно од воз.

По наредба на ЈО, телото е предадено на погребалното претпријатие од Неготино за закоп на градските гробишта во Неготино.“

Зборот „најверојатно“ се спомнува кај сите медиуми. Меѓутоа, ниту еден медиум не се заинтересирал, од каде знае полицијата дека жената не е убиена, дека не е ограбена, дека не е претходно силувана и потоа фрлена во ендек.

Интересно е дека најголем број од медиумите ја пренесуваат фразата:

„Увид на лице место извршила екипа од полициската станица во Неготино, при што е констатирано дека се работи за Граце Е.(29) од Нигерија, која имала повреди во пределот на главата – скршеница од удар најверојатно од воз.

По наредба на Јавното обвинителство, телото е предадено на погребалното претпријатие од Неготино за закоп на градските гробишта во Неготино.“

Меѓутоа, ниту еден медиум не прашува како тоа увид направила полицијата, а не и јавен обвинител? Врз основа на што јавниот обвинител дал налог телото да биде погребано? И, зошто не е направена обдукција (која е задолжителна при насилна смрт)?

Ова значи дека жените кои илегално влегуваат во Македонија можат слободно да бидат силувани и убивани без никакви последици, доколку нивните тела бидат фрлени во близина на некоја железничка пруга.

Една од улогите на медиумите е да идентификуваат проблем. Во случајот на емигрантите кои во последно време гинат во „железнички несреќи“ во Македонија, има повеќе проблеми за кои мора да се заинтересираат.

Како позитивни примери за анализа во која е опфатен ваков повеќеслоен приод кон проблемот, може да се издвојат анализите под наслов „Македонија убиец на мигранти“ и анализата „Екслузивна репортажа на Телма: Голготата на мигрантите“, „Крвави шини“.

Прашања на кои мора да се побара и добие одговор се:

  • Како тоа одеднаш гинат толку многу емигранти на железничката пруга во Македонија. Зошто претходно немало (толкав број) загинати? Што е тоа што се променило?

Во таа насока, на пример, оди малата анализа направена на телевизија „Сител“ под наслов “Бројот на нелегални мигранти во земјава се дуплирал за една година

  • Дали е направена соодветна истрага, соодветна (судско-медицинска) обдукција и дали е индивидуално утврдена причината за смртта на секој од луѓето кои се пронајдени на или во близина на железничките проуги?
  • Дали може да постои сомнеж за убиство или убиства?
  • Дали за секој поединечен случај е упатена нота до соодветната држава (доколку постојат документи со кои може да се одреди идентитетот)?
  • Од каде се знае вероисповедта на починатите, па се погребуваат со обреди на конкретна религија?

Дури по добивањето на одговорите на овие прашања, може да се побара од државата соодветна акција, во согласност со вистинскиот, а не некој измислен проблем.

Затоа што според Уставот на Република Македонија:

Физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.(член 11)

Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица.(член 42)

И затоа што според Законот за здравство:

Ниту едно умрено лице, односно мртвородено дете не смее да биде закопано додека не се изврши преглед или обдукција и не се утврди времето и причината на смртта. (член 267)

Кога постои сомневање или е очигледно дека смртта не е од природно потекло, на телото на умреното лице се врши судско-медицинска обдукција и судско-медицинско вештачење од двајца доктори на медицина, од кои едниот е доктор на медицина-специјалист по судска медицина. (член 275)

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).