verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Оглас: Барање за понуда за дизајн на веб-интерфејс за Сервис на проверка на факти од медиумите

on 1 - 02 - 2013       
Овој напис го има и на: Албански, Англиски

Метаморфозис, во својство на организација која го спроведува Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, објавува оглас за понудувачи за дизајн-решение за интерфејс на веб-сајт, кој е наменет за објавување на новинарски рецензии, критички анализи на дискурсот и новинарски лекции.

Целта на проектот, поддржан од американскиот народ, е да се зголеми моќта на граѓаните на Македонија да бараат одговорност од страна на медиумите и да им помогнат на новинарите во исполнувањето на нивните професионални стандарди, преку онлајн-алатки за јавна едукација и подигнување на свеста. Ова ќе биде овозможено преку Сервисот за проверка на факти од медиумите, насочен кон зголемување на барањата на граѓаните за професионални и објективни вести и информации базирани на факти. Целна група на проектот и веб-сајтот се: граѓаните, граѓанските организации и медиумските професионалци.

Информации за веб-сајтот

  • Веб-сајтот на Сервисот за проверка на факти од медиумите се развива како интегрален дел на веб-сајтот Вистиномер (vistinomer.mk на македонски, односно vertetmates.mk на албански), но поради разликите во функционалност бидејќи обработува различна тематика (квалитет на медиумски содржини наспроти ветувања и изјави на политичари) треба да се одликува со сопствена структура и дизајн.
  • Веб-сајтот ќе биде достапен под домејнот mediumi.vistinomer.mkmedia.vertetmates.mk на албански и media.truthmeter.mk на англиски. Првите две јазични верзии имаат идентична функција и треба да овозможат префрлање од еден јазик на друг на секое ниво во рамките на структурата на сајтот. Англиската верзија ќе содржи само основни информации за проектот.

Предлог-дизајнот за веб-сајтот треба да се придржува до правилата за брендирање кои се однапред утврдени во координација со УСАИД. При тоа, основа се правилата наведени на следната веб-локација: <http://transition.usaid.gov/info_technology/xweb/sitebranding.html>.  Заинтересираните понудувачи може да ја побараат соодветната документација за брендирање од нарачателот која се однесува специфично на Сервисот за проверка на факти од медиумите, пред да пристапат кон креирање на дизајн-решение.

Структура и изглед

Дизајнот треба да се одликува со порталски изглед, при што во главното мени ќе се разликуваат 3 главни категории: Рецензии, Анализи и Новинарски лекции. Покрај овие, треба да има уште две категории информативни содржини: Активности (на проектот) и Актуелностиповрзани со медиумите.

На почетната страница, приоритет треба да добијат рецензиите на дневните вести (најчест вид објави), потоа анализите и на крај едукативните текстови кои ќе се објавуваат најретко. Сепак, и покрај ваквото приоретизирање на рецензиите, на почетната страница треба да биде истакната топ содржината или најновата содржина, и дополнително на сите потстраници треба визуелно да се истакнати последните содржини од останатите две категории.

Покрај главната страница, ќе се разликува дизајн и за следните видови страници:

  • Страница на ниво на една објава – Дизајнот на ваквите страници може да биде ист, со таа разлика што во дизајнот страниците за дневните рецензии на вести треба да биде предвиден простор за слика (скриншот), графички приказ на група критериуми во вид на инфографик и текстуална рецензија. Останатите видови содржини ќе бидат текст-базирани.
  • Страница за пријавување проблеми од страна на граѓаните која треба да вклучува: наслов, линк до веста, можност за прикачување скриншот и простор за образложение на проблемот (причина за пријавувањето).
  • Страница за прикажување на сите пријавени проблеми од граѓаните, придружени со графички елементи (икони) кои ќе го означуваат нивниот статус: отворен, отфрлен, се разгледува, анализиран.

Графичкиот приказ на групата критериуми е дел од решението на понудувачот.

На секоја страница во рамките на сајтот треба да биде достапен пребарувач, копче Пријавипроблем, виџети за истакнување на Најпопуларни содржини и Најкоментирани содржини, како и простор за вградување кодови од социјалните мрежи Фејсбук и Твитер.

Во дополнително мени на сајтот треба да бидат групирани линкови до статични страници од типот: Методологија, За проектот, Политика за приватност и сл.

Секој напис ќе има можност за коментирање од страна на граѓаните, а рецензиите на дневните вести треба ќе содржат два различни системи за коментирање: јавно видлива дискусија помеѓу Сервисот за проверка на факти од медиумите и соодветниот медиум, како и стандарден систем за коментирање и одговарање на коментари.

Доставување понуди

  • Понудата треба да содржи само предлог за дизајн на почетната страница, а во цената за изработка на решението треба да биде вклучена изработката на сите наведени страници.
  • Крајното решение треба да биде доставено во .psd формат.
  • Во цената на понудата треба да биде вклучена и изработка на графичко решение (лого), како и дизајн на плагин наменет за пријавување проблем од страна на граѓаните, директно преку медиумските веб-сајтови.

Метаморфозис овозможува еднакви можности и фер и непристрасен третман при ангажирање соработници, без разлика на нивната раса, боја, пол, етничко потекло, возраст, попреченост, политичка поврзаност, брачен статус или сексуална ориентација.

Понудата треба да биде доставена најдоцна до 12 часот на 11 февруари 2013 година.

Понудите и барањата за дополнителни информации треба да се испратат преку е-пошта наinfo[at]metamorphosis.org.mk.

– Преземете го огласот во PDF формат