verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Зошто редакциите се мали, а новинарството е непривлечна професија?

on 26 - 01 - 2015       
Овој напис го има и на: Албански
Весник во автобуски ќош. Фото:  Jens Luedicke, 2006
Весник заглавен во ќош од автобус. Фото: Jens Luedicke, 2006

 

За да може една редакција на дневен весник да функционира во денешни услови на едно, можеби не целосно професионално, но прифатливо ниво, потребно е да има доволен број уредници и новинари за да ги задоволуваат дневните потреби за продукција на содржини

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Тренд што загрижува во македонските редакции е нивното осипување и малиот новинарски капацитет во човечки ресурси. Тоа предизвикува проблем, пак, во функционирањето и во информирањето. Поради ваквата состојба, новинарството ја губи битката со информирањето затоа што за да се стигне насекаде и да се покријат сите настани, потребни се луѓе, новинари. Поради сето тоа, медиумите се ставени во тесно да „мораат“ да преземаат вести еден од друг. Тоа најмногу се забележува на порталите, па затоа неретко имаме дури и повеќе вести со ист или сличен наслов. Оваа состојба, која трае неколку години, ја има сѐ повеќе и тоа и во медиумите блиски до власта и во оние кои се критички настроени кон власта. За да се избегне тоа и да се направи редакција по теркот на европските, мора да бидат исполнети и неколку услови. Ова беше и причина да разговаравме со новинари-уредници од македонските медиуми.

 

СОСТОЈБА НА ГРАНИЦИ НА ИЗДРЖЛИВОТО

Според Зоран Андоновски, долгогодишен новинар и уредник, а денес главен и одговорен уредник во новинската агенција „Мета“, во македонските редакции состојбата е на границата на можното и издржливото.

– Не е исполент ниту еден од столбовите за нормално работење: бројност, обученост на новинарите, техничко-технолошка опременост и финансиска сигурност. Кадровската опременост е катастрофална. Еден новинар работи по неколку работи истовремено, со минимална техничка опременост. Ако, на пример, има редакциски телефон, тој е далеку од „паметен“, тарифата е од најскапите, компјутерот му е од постара генерација и тешко наоѓа превоз до настаните – ни изјави Андоновски.

Тој вели дека дури и ако вакви минимални услови се исполенти, обученоста или следењето на новите ветрови кои дуваат во новинарството е под прашање.

– Кој уредник во оваа ситуација на кадровска опременост во медиумите во Македонија може да си дозволи да испрати новинар на тридневна обука, дури и ако е бесплатна, а камоли реадакцијата да плати една нормална едукација за новите новинарски техники, кои ги организираат странските медиуми и организации? Нас, заради малубројноста, нè фаќа паника кога ќе дојдат годишните одмори и сезоната на грипови, а камоли доброволно да се откажеме од некој колега за тој да научи нешто ново – подвлекува Андоновски.

Тој тврди дека редакциите – весниците, електронските медиуми, порталите – сè повеќе личат на мини-фабрики  во кои „се штанцаат“ текстови. За медиумите сè повеќе е важен бројот на производи, а сè помалку квалитетот.

– Малубројноста е следена и со, генерално, лошата опременост. Специјализираниот софтвер за редакциско работење е исклучок, а ретко се користат и лиценцирани програми, било за обработка на текст или на фотографии. Не знам многу за електронските медиуми, иако не верувам дека е таму ситуацијата подобра, но вистинска слика за состојбата на весниците во Македонија, од техничка гледна точка, е квалитетот на печатот. Само уште кај нас нема целосен колор, само кај нас има размачкани фотографии, само кај нас весниците изгледаат како лошо испечатени фабрички билтени – вели Андоновски.

Сепак, зошто е така?

Според Андоновски, не може медиумите, нивната професионалност, опременост и квалитет да бидат поинакви од околината во која работат. Не може да има светски професионално ниво на кадровска и секоја друга опременост во држава во која стандардот, економијата, екологијата и сè друго е на ниво на кое што е. Во услови кога сопствениците на медиумите повеќе се грижат за потрошувачката на тоалетна хартијата во редакциите отколку за статусот на новинарите и на уредниците, не може да се очекува македонските редакции да личат на европските или, дури, и на балканските.

– А, сето ова дури е и помал проблем. Професионалноста, многу повеќе од економската состојба е загрозена од (не)амбицииите на газдите, од нивната „пиљарска“ логика и дејствување и потпикување на власта. За улогата која тие сакаат да ја извршуваат „нивните“ медиуми, доволни им се вакви какви што се, малку платени, кадровски бедни, а технички и технолошки слабо опремени – заклучува Андоновски.

 

МОЖНО ЛИ Е ДА ФУНКЦИОНИРА ПРОФЕСИОНАЛНА РЕДАКЦИЈА?

За уредникот во „Утрински весник“, Ерил Ризаов, пак, многу потешко е прашањето можно ли е во Македонија да функционира професионална редакција, односно да работи според новинарските стандарди, професионални и етички принципи.

– Значи, имате одличен инвеститор, кој е подготвен да го финансира вашиот проект и кој нема никакви бизнис или политички амбиции во Македонија. Едноставно, човекот сака да биде сопственик на добар весник,  неделник, ТВ-канал,  радиостаница или портал, сеедно. Закупувате добри простории во центарот на Скопје, повикувате 40 до 50 најдобри новинари и уредници, фоторепортери, дизајнери, технички уредници, лектори, преведувачи, добри менаџери и сè што е потребно за една добра и професионална редакција, почнувајќи од најсовремени компјутери, фотоапарати, статични и мобилни телефони… Газдата се согласува да не ви се меша во работата и очекува добар производ. Почнувате секој ден да правите весник по угледот на најдобрите европски весници. Се поставувате на пазарот како независно јавно гласило кое нема партиски предзнак, туку е насочено критички кон злоупотребите на власта и кон центрите на моќ, кон организираниот криминал и сè што е правило во светот кога правите добар и високопрофесионален дневен весник. Додека воодушевено ги триете рацете од порастот на тиражот, ве повикува газдата и ви вели: „Слушај, сè убаво, ама имате големи загуби во работењето“. Веднаш ќе ја научите првата тешка леција при правење добар  весник – вели Ризаов.

Добра и професионална редакција според сите стадарди, вели Ризаов, со пристојни и редовни плати на вработените не може да ги издржи овие ниски цени на весниците на пазарот. Како се зголемува тиражот на  весникот така се зголемува и загубата. Ако го намалите бројот на страниците, губите во квалитет. Решение се рекламите. Тие можат да ги покријат загубите.

– Тука почнува новата лекција и вашата голгота на малиот медиумски пазар. Најголемиот огласувач е државата, односно Владата и владејачките партии. За вас нема ни денар реклама. Од друга страна, сите ваши конкуренти што прифатиле да работат по диктат на Владата живеат како бубрег во лој. Бргу откривате дека условите за натпревар на пазарот преку добро и професионално новинарство се неможни – ни изјави Ризаов.

 

ПРИНУДА ЗА ТЕХНОЛОШКИ МИНИМУМ

Според заменикот на главниот уредник на „Слободен печат“, Жарко Јордановски, структурата на една редакција, нејзината организациска, кадровска и технолошка опременост, зависат од редица надворешни фактори, а, пред сѐ, од концепциската и жанровската поставеност на новинарскиот производ.

– Изгледот и размерите на редакцијата се детерминирани од димензионираноста на медиумот. Друг фактор е финансискиот потенцијал на медиумот и неговата спремност да вложува во создавањето квалитетни новинарски содржини. Не треба да се заборава дека некои медиуми функционираат во оптимални услови иако не се рентабилни, но уживаат одреден вид политичка и финансиска поддршка – вели Јордановски.

Редакциите, вели тој, соочени со финансиски проблеми, се принудени да функционираат на извесен технолошки минимум, се намалува бројот на уредниците, новинарите, па дури и цели рубрики, што има свои последици врз квалитетот на крајниот производ.

– Одредени новинарски жанрови, како репортажата или истражувањето, кои бараат повеќе време и трошоци, сè повеќе се запоставуваат. Новинарите сѐ поретко имаат доволно време да ѝ посветат на една сторија зашто ритамот на работата бара од нив да работат една, две, па некогаш и три работи дневно. Истовремено, недоволниот број новинари предизвикува тие често да се ангажираат на сосема различни сфери и ресори, така што немаат можност подлабоко да навлезат во одредена проблематика и да пишуваат покомпетентни статии, кои освен известувачки, ќе имаат одредени аналитички и синтетизирачки вредности, што би го подигнало нивниот кредибилитет како на автори, но и кредибилитетот на весникот за кој пишуваат. Сѐ поретко се патува „на терен“ за подобро да се истражи една сторија или новинарски настан – вели тој.

За да може една редакција на дневен весник да функционира во денешни услови на едно, можеби, не целосно професионално, но прифатливо ниво, потребно е да има доволен број уредници и новинари за да ги задоволуваат дневните потреби за продукција на содржини.

Сепак, и новинарите треба да имаат имаат извесни интелектуални и персонални квалитети за да станат дел од една редакциите. За жал, поради финансиска слабост на редакциите и ниските плати, новинарската професија станува сѐ понепривлечна за најквалитетните кадри, што, исто така, придонесува за намалување на квалитетот на македонското новинарство.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести