verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

Зошто младите не читаат политички и бизнис вести?

on 7 - 03 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански
Има вести во тоа компјутерот? Фото: Berliner.Gazzette

Има вести во тоа компјутерот? Фото: Berliner.Gazzette

 

Бизнис моделот на продавање на весници се потпираше на својата локална улица, секој дом, секое семејство да дознае што е ново во светот. И подоцна, за време на ручек, да се дебатира. А, кога се дебатира, сакале или не, освен родителите разговорот го слушаат и децата. Денеска нема дебата, ниту на ручек. Дури се поставува и прашањето дали семејствата и заедно ручаат, а не, пак, да се развие дискусија за некој глобален проблем.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Ако читате по рубриките за бизнис во медиумите, за само пет минути ќе наидете на многу експерти кои ја предвидуваат конечната смрт на печатеното новинарство. И се чини дека само малкумина (како мене) мислат дека сѐ уште има некој живот и надеж за нив.

Но, која и страна од дебатата да ја заземете, ќе остане фундаменталниот проблем: со секоја измината година, младите луѓе растат сѐ помалку заинтересирани за вести.

Ова го потврдуваат и статистиките од САД. Според анкетата направена на Харвард, само еден од 20 тинејџери и еден од 12 млади луѓе читаат весник на дневна основа.

Кој колку пријатели има на Фејсбук (просек): млади 18-33 год. (millenials), средна генерација 34-49 год. (generation X) и постари генерации (younger/older boomer), Извор: Pew Research Center for People and Press

Кој колку пријатели има на Фејсбук (просек): млади 18-33 год. (millennials), средна генерација 34-49 год. (generation X) и постари генерации (younger/older boomer), Извор: Pew Research Center for People and Press

 

Онлајн вестите во моментов стојат малку подобро, но трендот на опаѓање е присутен и тука. Една неодамнешна студија покажа дека во 2008 година, околу 64 отсто од 18 до 24–годишниците пролистале весник онлајн, додека во 2009 година тој процент опаднал на 54 отсто. Бројките се дури и загрижувачки ако се има предвид дека студијата мерела дали испитаникот читал вести, а во „читале“ биле опфатени и оние млади луѓе кои само еднаш отвориле интернет годишно со намера да видат некоја вест.

 

Премногу политизирани насловни страници

 

Зошто младите луѓе не следат вести? Преголемата политичка окупација во медиумите секако дека во еден дел придонесува младите луѓе да не сакаат да купат весник и уредно, ако ништо друго, барем да го прелистаат. Во бавната смрт на весниците придонесоа и тие самите. Таа, секако ненамерно, е нагласена и заради насловните страници полни со политика. Кога на насловна страница на сериозен дневен весник сте видела некоја друга тема, која не мора да е забавна, но еве нека биде од општ образовен карактер? Значи, тука нешто смрди, а за да се исчисти миризбата печатените изданија и тоа како треба да подразмислат за промена на уредувачката политика кога се работи за насловната страница.

Друго дваесет е тоа што ниту еден печатен медиум во Македонија не прави анализа за тоа која целна група го чита и според тоа да состави насоки како треба да се однесува. Научна фантастика е, пак, да се направи анкета за тоа што младите би сакале да прочитаат во нивните весници: за тоа не станува збор ниту на стручните колегиуми.

Сето ова секако дека не треба да е оправдување зошто младите не читаат политички и деловни вести, но воопшто не е ниту за занемарување. Зашто, покрај забавните содржини, сигурно, ако ништо друго, младите ќе го прочитаат или барем ќе го перцепираат и политичкиот наслов.

Новинарите имаат должност да информираат. Но, граѓаните и тоа како имаа должност да бидат информирани. И за земјата, но и за случувањата во светот.

 

Прочитајте сите за тоа

 

На почетокот на 20 век за новинарството во голема мера се сметаше дека е  трговија. Немаше ограничување на образованието за влез во некоја редакција. Поради тоа и редовно имаше здрав прилив на млада крв. Тогаш во новинарските училишта предаваа теоретичари и академици наместо вистински новинари. Новинарство стана работа за средната класа.

Но, за кратко време работите се променија. Од трговија, новинарството стана вистински производ кој нуди нешто, нуди услуга, нуди информација. Весниците, особено големите „метро“ дневни весници, почна да се сфаќаат себеси многу сериозно. Веќе не можеше талентиран млад човек од колеџ, па и со неколку години работно искуство, да слета на работа во весниците во Њујорк или Чикаго.

Од друга страна, пак, од 1990-те до 2000-те години, самите весници се свртеа кон читателите од средна возраст. Тоа може да се забележи од содржините на весниците и магазините од кои се гледа како уредничките колегиуми размислувале.

Ако музичките критичари собрани околу Битлси и Ролинг Стоунс се бореа да останат во чекор со хип-хопот, весниците за политика и бизнис не се снајдоа баш најдобро за да одговорат на интернет револуција која се случуваше околу нив.

Сега весниците се соочуваат со најтешкиот дел пат во својата историја. Илјадници весници низ светот се затворени, а голем број се под стечај. Но, светот и експертите и понатаму вниманието го насочуваат кој снабдувачите на вести, а не кон потрошувачите на вестите. Дали сте слушнале некои медиумски експерти да кажат како да се направи употреблив модел на политички и бизнис медиум (печатен и онлајн) наспроти порталите на кои под „А“ им е голотијата ?

Клучно прашање во моментов е како да се фати вниманието на една генерација која малку се грижи за вести во било каква форма.

Кој колку лични фотографии споделил на Интернет (просек): : млади 18-33 год. (millennials), средна генерација 34-49 год. (generation X) постари генерации (younger/older boomer), не одговориле (silent), Извор: Pew Research Center for People and Press

Кој колку портрет фотографии споделил на Интернет (просек): : млади 18-33 год. (millennials), средна генерација 34-49 год. (generation X) постари генерации (younger/older boomer), не одговориле (silent), Извор: Pew Research Center for People and Press

 

Гледајќи наназад од насловните страници на весниците и моментот кога деца на улица извикуваа  „Прочитајте сите за тоа!“ до денеска, разликата е огромна. Тоа е време кога хартијата беше како фрижидер – за секого нуди по нешто и притоа е свежо, опипливо и видливо. За разлика оттогаш, денес весниците и онлајн изданијата нудат бајато, виртуелно и неопипливо (пластично) или недокажливо нешто. Бизнис моделот на продавање на весници се потпираше на својата локална улица, секој дом, секое семејство да дознае што е ново во светот. И подоцна, за време на ручек, да се дебатира. А, кога се дебатира, сакале или не, освен родителите разговорот го слушаат и децата. Денеска нема дебата, ниту на ручек. Дури се поставува и прашањето дали семејствата и заедно ручаат, а не, пак, да се развие дискусија за некој глобален проблем. Освен пред телевизор кога најверојатно, а денеска како мода, постои само озборување за убавина и стајлинг. Поради тоа, а како пракса која е наметната од родителите, денеска младите најмногу се „загрижени“ за стајлингот, убавината, а од пласираните информации и вести низ социјалните мрежи и порталите најмногу ги голтаат вестите од типот „Станија се појави без гаќи и градник“.

 

Причини за „заспаноста“ на младите

 

Според досега направените анализи, ќе набројам неколку причини кои најмногу влијаат врз младите и кои ги оттргнуваат да читаат политички е економски вести:

  1. 1.       Нема страст

Медиумите се здодевни – нема страст во новинарство. Кога ќе прочитате било која насловна страница во весник, а и во онлајн медиуми, ќе видите клише од ќор-фишеци. Надвор од основните елементите на приказната, нема жар, само голо симнување на звукот. Материјалот, пак, во најмала рака треба да биде направен да ги привлече оние, инаку незаинтересирани за секојдневието.

  1. 2.       Нема новинарство

Нема новинарство во новинарството. Колку од вестите што ги добиваме се навистина важни? Важноста е суштината на вестите. Постојат два вида на вести: тешки вести и меки вести. Но, она што треба да им значи најмногу на читателите е колку една приказна одекнува во нас како луѓе, колку приказната испраќа апел до нашите инстинкти. Кога политиката влезе во редакциите, медиумите си ја селектираа публиката на генерички групи на луѓе. Новинарството треба да биде неутрална платформа која секој може да ја „свари“, а не само одредена група.

  1. 3.       Непрактичност

Весниците додуша сега станаа непрактични. Од појавата на ЦД-то големите плочи во печатниците станаа неупотребливи. Ништо не е на дофат толку лесно и брзо колку еден лаптоп или преносен паметен телефон со интернет пристап. Потоа, тука е и прашањето за хартијата како отпад, но Македонија е сѐ уште далеку од дебата на оваа тема.

Што им е интересно, а што здодевно на младите во Македонија, истражување „Млади и медиуми“. Извор Метаморфозис

Што им е интересно, а што здодевно на младите во Македонија, истражување „Млади и медиуми“. Извор Метаморфозис и МОФ

 

  1. .4. Цена

Како да се заштедат пари? Зошто да се плаќа за нешто што е бесплатно? Ова е теза која ја засега и музичката индустрија и индустријата за хартија и слично. Како пиратската музика, така и вестите се многу подостапни бесплатно на интернет, во голема мера на веб-сајтовите.

 

Што се прави на Фејсбук

 

Како и да е, и покрај технолошката индустрија и појавата на социјалните мрежи, во кои, пак, младите се најбројни читатели, сепак, опаѓа читањето на политички и бизнис вести.

Според Истражувачкиот центар за луѓе и медиуми Пју (Pew Research Center for the People and the Press  – САД), повеќе од една третина од луѓето под 25 години не добиваат вести на дневна основа. Парадоксот е во контрастот зашто тинејџерите поминуваат многу часови секоја недела онлајн. Неодамнешната британска студија проценува дека дури и млади под 31 година, кои се особено многу на Фејсбук, не добиваат вести на дневна основа, иако се на најстариот и најпосетен социјален медиумски сајт во светот.

Дали младите луѓе би можеле да бидат убедени критички да се вклучат во читањето вести и да разговараат за тоа на Фејсбук? Ако го прават тоа, ќе им се врати ли чувството на заедништво? Покрај тоа, нивната вклученост ќе се претвори во реален свет, наспроти виртуелниот активизам.  И, ако тоа се случи, ќе знаеме ли како да развиеме успешен медиум?

Во одредени истражувања  (Greenhow ) е заклучено дека  тинејџерите и младите луѓе на социјалните мрежи се повеќе поради неформални дружења – за да лајкуваат омилени фотографии, да тагнуваат и слични активности. Тие се, исто така, практикуваат „faceworking“ , термин кој Нил Селвин, социолог од Лондон, го објаснува како – кога луѓето намерно го користат нивниот социјален сајт за промовирање на информации, решавање на проблеми, споделување и креативна инспирација .

Мобилни телефони, мобилен интернет и други навики кај младите - истражување „Млади и медиуми“. Извор: Метаморфозис

Мобилни телефони, мобилен интернет и други навики кај младите – истражување „Млади и медиуми“. Извор: Метаморфозис и МОФ

 

Иако социјалните мрежи како Фејсбук се најпогодни за вестите да станат достапни на младите, сепак, оваа социјална мрежа им разви толку апликации кои ги оттргнуваат да посегнат по политички и бизнис вести. Од апликациите младите денеска на Фејсбук лесно можат да го направат следново:

– Тие пишуваат на лажни мрежи во рамките на Фејсбук;

– Лајкуваат приказни кои другите ги пишуваат;

– Пишуваат коментари;

– Комуницираат со другите корисници онлајн;

– Заработуваат поени за ангажирање во овие и други активности.

Значи нема категорија „читаат вести“. Според сето кажано, може да се заклучи дека засега имаме повеќе прашања отколку одговори. Дали постоењето на нови начини на пренесување вести и информации во рамките на постоечките социјални мрежи ги охрабрува младите за следење на вести и потоа граѓански да се ангажираат? Како може овие искуства да се насочат кон медиумите и да почнат да анализираат зошто е тоа така? Дали медиумите можат да се насочат кон тоа да ги натераат младите луѓе, особено оние кои растат во ерата на Фејсбук, да почнат да читаат вести?

Овие се клучните прашања кои и новинарите и експертите треба да ги одговорат.

 

(На национално ниво, кај нас во Македонија, за навиките на младите во однос на медиумите и социјалните мрежи, погледнете го истражувањето изработено од страна на „Метаморфозис“ и „Младински образовен форум“ на тема „Млади и медиуми“ а објавен во национален извештај овде.)


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *