verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Зошто Мишко Иванов да не ужива во „барокот“ во Белград?

on 2 - 07 - 2015       

FOTO-Na-novinarot-Ivanov-crop-resize

 

[Рецензија: ФОТО: На новинарот Иванов му се допаѓа барокот во Белград, што не му се допаѓа во Скопје?]

 

Во експертската јавност што се занимава со етиката во новинарството во Македонија, но особено во постарите вакви тела во светот, веќе не постои никаква дилема дали социјалните мрежи, вклучувајќи ја и најпопуларната кај нас, „Фејсбук“, може да биде користена како релевантен извор на информации во даден момент. Но, исто така, не пости и никава дилема, кога треба да биде сторено тоа – само кога постои јавен интерес, а не интерес на јавноста.

Така и треба да се третира објавената коментаторска вест за фотографијата на колегата Мишко Иванов и на неговата сопруга, при што нема сомневање дека станува збор за неетичко новинарство. И тоа по две основи – непочитување на приватност и неизбалансираност.

FOTO-Na-novinarot-IvanovЛинк до оригиналниот напис: ФОТО: На новинарот Иванов му се допаѓа барокот во Белград, што не му се допаѓа во Скопје?

Датум и време на објавување: 24.06.2015, 20:31

Датум на рецензирање: 30.06.2015

Рецензент: Теофил Блажевски

 

„Правната практика прави разлика помеѓу апсолутните и релативните лица на јавниот живот. Првата група вклучува лица кои се постојано под окото на јавноста поради нивната функција и улога во општеството. Релативни лица во јавниот живот, пак, се оние кои се интересни за јавноста повремено, заради нивната поврзаност со конкретен настан (победници на одреден настан, добитници на игри на среќа, вклучени во криминал).

Податоците на релативните јавни личности може да бидат објавени само кога постои оправдан јавен интерес поврзан со одреден настан. Ова, исто така, важи за објавувања информации поврзани со сторители на кривични дела за кои постапката е веќе завршена или, пак, за факти кои се случиле одамна бидејќи во такви случаи не постои правен интерес. Сензационализмот со објавувањето некорисни информации е дозволено било за апсолутни или релативни јавни личности, но не за да се повреди нивното право на приватност, ниту да се попречува нивниот приватен живот.

Дали може да се преземаат фотографии од профили на „Фејсбук“ без согласност?

Ова е едно од прашањата за кое медиумите и новинарите мора да знаат дека не смеат да ги злоупотребуваат фотографиите од приватни фејсбук-профили, независно дали лицето дозволило нив да ги гледаат сите (отворен профил) или има прилагодување на профилот, опцијата за приватност која ја дозволуваат социјалните мрежи“ (Саше Димевски – 2014)

Рецензијата ја почнуваме со овој цитат од колегата Димевски објавен во секцијата „Новинарски лекции“ на почетокот на 2014 година на нашата веб-страница, затоа што станува збор за еден од клучните елементи при заштитата на приватноста на лицата во нашиот правосуден систем. Кога зборуваме за етика во новинарството, во принцип, не треба да нè интересираат законите, туку етичките правила и кодексите, но мора да се знае дека и едната и другата материја постојано се надградуваат врз основа на цивилизациските искуства во разни системи. Така, и етичкото правило за почитување на приватноста на личностите, што го има и во нашиот кодекс, може да се каже дека послужило и за вградување на правните норми, конкретно во Законот за заштита на личните податоци.

Кодексот на новинарите на Македонија во членот 7 го регулира ова прашање многу едноставно и без детализирање:

Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес.

Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост.

Ако се погледне Прирачникот за етиката во новинарството, каде се толкува членот 7 од Кодексот, исто така, ќе се забележи дека нема појаснување кое би го оправдало текстот со фотографијата од приватниот профил на колегата Мишко Иванов. Сите толкувања објавени таму се однесуваат на „апсолутни“ лица од јавниот живот, што би рекол колегата Димевски, или на заштита на приватноста на лица и на нивни семејства кои се дел од известување за несреќи, трагедии итн, или, пак, кога треба да се почитува презумцијата на невиност во правниот поредок.

Мишко Иванов, можеби, е лице кое е од интерес за јавноста, но, секако, Мишко Иванов и неговата сопруга не се лица од јавен интерес –  тие ниту имаат висока јавна или државна функција ниту, пак, управуваат со јавни буџети, т.е. „народни“ пари.

Оттука, веста која веднаш по главата се сведува на коментар за наводниот амбивалентен став на Иванов, е неетичка и, според тоа, таа не е во согласност со професионалните стандарди во новинарството и домашни и според Меѓународната федерација на новинари.

Вистинитоста, и тоа делумно, е зачувана само во првиот дел од веста – дека Мишко Иванов бил во Белград и во центарот на градот се фотографирал со својата сопруга. Читателот не знае два важни елементи, а што го импутира медиумот и потоа врз нив го гради коментарот – дали на Иванов и на неговата сопруга навистина им се допаѓа барокот во Белград (ако воопшто тоа таму е барок) и второ, дали навистина уживал/е.

А, тоа е така затоа што не е почитувано примарното правило во новинарството – да ја праша втората, во случајот првата страна, или, со други зборови, не го почитувал правилото за балансираност при известувањето.

Неодамна имав можност да се запознаам со норвешкиот Кодекс на новинари и со практичната работа на новешкиот Совет за етика во медиумите, односно примената на етичките правила во норвешките медиуми – тело во кое членуваат сите позначајни норвешки медиуми и нивните сопственици и тело од овој тип кое е најстаро во Европа.

Норвешките експерти, кои ја чуваат етиката во известувањето на медиумите, во последните години дошле до заклучок дека од примарна важност е балансираноста при известувањето, односно правото на одговор во истиот миг кога е објавена информацијата. Значи, не следниот ден, не подоцна, туку во истиот текст, во истиот момент, втората страна треба да ја има со искажан свој став (освен ако тоа не е оправдано невоможно), па потоа, медиумот може и да коментира и да анализира и слично.  Во спротивно, известувањето од медиумите тие од почеток го толкуваат како неетично.

Медиумот и авторот на текстот, да заклучиме, не го сториле тоа. Гледано и по таа основа, што ја има нормирано и нашиот Кодекс, „Курир“ објавил неетичен новинарски текст, во кој недостигаат факти.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

Недостасуваат важни факти за да се поткрепи коментарот

Само еден факт е точен

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

нерелевантни,

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

некреативен

сензационален

соодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

манипулира

наведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести