Рецензија: Зошто Иванов оди во Сочи?
Објавено во Рецензии
on 11 - 02 - 2014 Автор: Светлана Јовановска(Рецензијата е изработена по барање на читател. Доколку и Вие сакате нашиот тим да рецензира некој текст кој Ви западнал во око, побарајте рецензија овде.)
Станува збор за текст кој има за цел да ни ја долови надворешната политика што ја води претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, но, кој, за жал, не е доволно содржаен за да нѐ воведе во таа политика, нејзините добри и лоши страни. Текстот тргнува од најавата за присуството на Иванов на отворањето на зимските олимписки игри во Сочи каде што тој, јавија медиумите, не стасал поради дефект на државниот авион. Текстот е пишуван пред информацијата дека авионот имал дефект што го спречило Иванов да оди во Сочи.
Поради тоа неговото присуство во Сочи е откажано, но претседателот одлучил, со редовна авионска линија, да оди за Москва со надеж дека ќе се сретне со Путин. Неговото (нереализирано) одење во Сочи не е овде предмет на критика. Особено поради тоа што сите значајни западни државници решиле да не одат во Сочи поради кршењето на човековите права во Русија.
Цитирана е изјава на Радмила Шеќеринска, која вели дека проблемот не е во патувањето во Сочи, туку во тоа што Иванов не се појавил на важни светски настани со што го позиционира ставот на државата.
„Проблем е што е континуирано отсутен на местата каде што се носат одлуки за Република Македонија. Беше отсутен на безбедносната конференција во Минхен, не беше присутен во Давос, Македонија немаше свој претставник ниту на важни светски настани како што беше погребот на поранешниот претседател Мандела“, изјави Радмила Шеќеринска додавајќи дека Иванов продолжува во ист стил како што работеше и во текот на овие пет години, а тоа е протоколарно да ја сфаќа неговата функција.
Изјавата на Иванов цитирана во текстот, за руска новинска агенција, дека соработката со Русија е од големо значење за Македонија сигурно не е погрешна. Но, овој текст се обидува да го убеди читателот дека за Иванов Русија е најзначајниот партнер, а не ЕУ и НАТО.
Авторката на текстот тоа го подвлекува, но повторно ќе констатираме дека недостасува поопширна анализа на проблематиката која остава впечаток дека новинарскиот текст не е целосен и не е содржаен. Наместо тоа, тој се фокусира на критика на политиката на Иванов без да им даде збор на оние кои можеби имаат поинакво објаснување на активностите на претседателот.
Линк до оргиналниот напис: Зошто Иванов оди во Сочи?
Датум и време на објавување: 05.02.2014
Датум на рецензирање: 10.02.2014
Рецензент: Светлана Јовановска
Вистинитост: Текстот нема проблем со вистинитоста.
Извори на информации: Извор на информации е патувањето на Иванов во Сочи и изјавите на опозициски политичар и аналитичар.
Содржајност: Текстот не е доволно содржаен затоа што не дава целосна информација за надворешната политика на претседателот на државата.
Пристрасност: Во изборот на соговорниците кои ја коментираат посетата на Русија може да се забележи извесна пристрасност кон опозицијата.
Коментирање: Текстот нема коментар за надворешно-политичките активности на Иванов. Но, со изјавата на Радмила Шеќеринска и на Денко Малески се дава оценката дека активностите на претседателот се погрешни.
Квалитет на насловот: Насловот отвара простор за анализа, која, за жал, потоа недостасува во текстот.
Фотографија: Фотографијата е илустрација за односите со Русија.
Заклучок: Во овој текст проблемот е во тоа што (не)одењето во Сочи е земено како појдовна точка за анализа на надворешната политика на Иванов, а со самото тоа и на Македонија. Во текстот не се земени изјави за патувањето на претседателот Иванов во Сочи (и за сите други негови патувања) од аналитичари блиски до партијата на власт. Со тоа би се дала покомплетна слика за тоа како јавноста гледа на надворешно-политичките активности на претседателот. Денко Малески е единствениот аналитичар од кој е земена изјава, а тој во јавноста е познат како близок во СДСМ (неодамна можевме да прочитаме дека СДСМ размислува да го кандидира за претседател на Републиката), па оттука неговите јавни настапи, сакал тој или не, се обоени со опозициски тон.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
точни наводи
веродостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни
2 извори
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
нема извртување на вистина (спин)
нема лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
наведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
креативен
несензационален
несоодветен
нејасен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
информира
наведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
квалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
стилски уреден
неповрзан со тагови