verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ЗНМ со осуда за вербалното насилство на власта против новинари

on 17 - 01 - 2017       
Овој напис го има и на: Албански

Capture-1

понеделник 16 јануари, 2017

Здружението на новинарите на Македонија го осудува напливот на координирано вербално насилство на власта против новинари, кој е насочен против слободата на медиумите и правото на јавноста да се информира.

Ваквите напади имаат цел да ги заплашат и да ги замолчат новинарите и да ја задушат критиката во медиумите. Со тоа власта сака да ја спречи јавноста да се информира за важни случувања во земјата.

Обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ против Фондацијата „Отворено општество“ – Македонија за наводно корумпирање на новинари, е чиста замена на тези на досегашната власт, која нема храброст да се соочи со сопствената одговорност за масовната злоупотреба за медиумите за политички цели.

Изјавите на директорот на Архивот на Македонија, Филип Петровски, за расчистување со медиумите на Сорос, е еклатантен пример на повикување на јавен линч против неистомислениците на власта. Исто така, потсетувањето на овој контекст на контроверзни личности од историјата, извршители на атентати, претставува акт на повикување на насилство против новинарите. Таквите практики немаат врска со вредностите на слободните и демократски земји, туку се реликти од тоталитарните режими, кои имаат предизвикано големи страдања на човештвото.

Исто така, ги осудуваме навредите на градоначалникот на Берово против новинарката Даниела Такева и ги оценуваме како недолични за еден градоначалник и под секое ниво на домашно воспитување. Овој инцидент покажува дека власта го проширува притисокот врз новинарите што работат во критичните локални медиуми.

Ги повикуваме претставниците на власта да престанат со навредите и со повиците за насилство против новинари и ги потсетуваме дека заради тоа ќе поднесат одговорност за евентуалните последици. Ако има примери на непроферсионално однесување, ги повикуваме да се бара од медиумите исправка или демант, а во случај да бидат игнорирани, да се обратат на професионалните организации одговорни за саморегулација во медиумите.

Исто така, ги повикуваме сите новинари да ги проверат своите информации од различни извори и да не ги користат медиумите за пресметка со неистомислениците.

ЗНМ

Претплатете се за најнови вести