verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Злоупотреба на медиумите за лични преписки и за навреди

on 25 - 05 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански

Навредите во медиумскиот дискурс смее да се најдат само за илустрација што е то што не чини. Фото: Викимедија
Навредите во медиумскиот дискурс смее да се најдат само за илустрација што е тоа што не чини. Фото: Викимедија

Во медиумите најмалку има место за употреба на вулгарности, навреди, пцости, односно јазик кој е недоличен за да биде консумиран од јавноста, но, за жал, токму тој многу често се употребува на телевизиите во т.н. шоуа, дебатни емисии, а сè позачестен е и во медиумскиот интернет-простор. Таму речиси и не владеат никакви правила и многу ретко се запазуваат стандардите на професијата.

 

Пишува: Силвана Жежова

 

Новинарите преку медиумите пласираат информации кои се од општ интерес на јавноста и кои информираат за одредени општествените состојби, врз основа на што граѓаните ќе го градат својот (не)критички поглед, став, кон истите. Во медиумите најмалку има место за употреба на вулгарности, навреди, пцости, односно јазик кој е недоличен за да биде консумиран од јавноста. За жал, истиот многу често се употребува на телевизиите во т.н. шоуа, дебатни емисии, а сè позачестен е и во медиумскиот интернет-простор. Таму речиси и не владеат никакви правила и многу ретко се запазуваат стандардите на професијата. Интернет-порталите се т.н. сушно поле каде што не виреат Кодексот и етиката на новинарите.

Пример за тоа како не треба да се комуницира преку медиуми беше неодамнешната преписка меѓу директорот на Државниот архив на Македонија, Филип Петровски, и новинарот Рубин Иваноски. Преписката се одвиваше преку порталите „Пулс 24“ и „Народен глас“, и во неа се употребуваа навредлив говор, вулгаризми и недоличен јазик. Во овој случај станува збор за злоупотреба на медиумите, за меѓусебни лични навреди од кои јавноста нема никаква корист и потреба да ги консумира.

„Каде се сега цензурата сега, зошто на ваков психопат како Рубин Иваноски му се дозволува медиумскиот простор зошто ова не е санкционирано од никој. Очај и паника во редовите на СДСМ и СОРОС, паднат рејтинг поради насилните протести и уништувањето на спомениците.“

Еве еклатантен пример за кршење на упатствата и препораките од членот 11 од Кодексот на новинари, предадени во Прирачникот за етика во новинарството (стр. 22), во кои се вели дека „Јазикот на новинарите секогаш треба да биде одмерен и неутрален, наспроти оној што нуди готови заклучоци и судови и е или се граничи со говорот на омраза.  Секогаш треба да се избегнуваат фрази кои во себе носат шовинистички, сексистички или какви било други дискриминаторски конотации“.

„П…а скапана, вечниот п…ч за директорски места во владата на ВМРО-ДПМНЕ Филип Петровски повикува на физички ликвидации и контрапротести.“

ВУЛГАРЕН ПОТЕНЦИЈАЛ ЗА ГОВОР НА ОМРАЗА

Според професорот по медиумска етика и етика во новинарството, проф. д-р Дејан Донев, употребата на навредувачкиот, а особено на вулгарниот јазик, во јавниот простор е повеќе од видлива и дегутантна. Тој смета дека тоа е особено изразено во дигиталната ера, кога на располагање ги имаме интернетот, новите медиуми и разно-разни платформи за комуникација, чие постоење и дејствување е во мала мера законски регулирано, а морално се препуштени на стихијното, без дури и навестување на етичка стандардизација.

„Се работи за феномен кој бил, сè уште е, а и понатаму ќе биде израз на непристојност, затоа што оди под нивото на општествено прифатлива шема за комуникација или, аристотеловски кажано, израз за нешто што е атипично за човечкиот род, бидејќи истиот во себе го содржи како потенцијал умот и разумот и преку нив се изразува, со што и се прави разлика меѓу човекот и останатиот свет кој ја нема таа можност за експресија“, вели Донев.

Фактот дека комуникацијата се спушта под нивото на пристојност, според него, зборува за интелектуалните можности на тие што учествуваат во комуникацијата, за капацитетот на употреба на нивниот логос.

„Можеби и затоа овој тип на говор се подведува под категоријата „приватен говор“, затоа што за степенот на цивилизираност не би требало да знае и јавноста, бидејќи е навредувачки за истата, кога сте дел од неа“, додава Донев.

Имено, употреба на вулгарниот говор во јавна комуникација, според Донев, носи потенцијал за развивање на разно-разни форми на говор на омраза.

„Преку навредата која се искажува и упатува кон другиот, не се земаат неговите човечки карактеристики, туку се „копа“ по неговиот живот, работа, конекции со околината, за да се прикаже истиот како „штетен“ за заедницата. Тоа предизвикува револт и повикува на дополнителна употреба на истиот говор, кој сега веќе вклучува и дополнителни форми од говорот  на омраза, како алатка за развивање разни форми на дискриминација, а кои искажани преку употребата на медиумите со текот на времето стануваат клише, облик на разивање на супкултура која бргу „се лепи“ во секојдневниот говор и станува образец за комуникација“, објаснува Донев.

 

ДИСКРИМИНАЦИЈА ВРЗ РАЗЛИЧНИ ОСНОВИ

Извршната директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија, Марина Тунева, смета дека користењето „офанзивен“ или вулгарен речник во новинарското известување честопати се граничи со или, пак, води кон, дискриминација врз различни основи.

„Тука може да се вброи и користењето пејоративни термини за болести, двосмислено користење имиња, користење религиозни зборови во комбинација со други зборови со навредливо знаење. Таквиот речник е уште помалку прифатлив и кога се користи на агресивен начин, насочен против поединец или за да се омаловажи поединец или група“, вели Тунева.

Според неа, потенцијално дискриминаторскиот речник се прифаќа доколку е од суштинско значење за новинарската сторија, а особено доколку намерата е да се едуцира публиката или да се демонстрира негативно влијание на дадена појава, однесување и, секако, во функционални демократии.

„Доколку редакцијата настојува или процени дека е потребно користење таков речник, таа мора да го наметне и прашањето каков е тонот и контекстот што го создава новинарскиот производ. Мора јасно да се разбере каква е целта на редакцијата. И, секако, кога постои веројатност дека таквиот материјал ќе предизвика навреди, се наметнува потребата од јасно предупредување за она што следува. Исто така, сè она што е несоодветно за возраста треба да биде означено како такво“, смета Тунева.

Таа нагласува дека користењето вулгарен речник, сепак, треба да биде сведено на минимално ниво и да се направи крајно внимателна проценка дали објавувањето таков материјал носи поголеми придобивки во исполнувањето на јавниот интерес отколку штетите што ги предизвикува врз јавноста, вклучително и врз самиот медиум.

„Публиката е вообичаено против користење на сите видови вулгарен речник преку медиумите, иако можеби има и некои кои веруваат дека таквите термини може да се користат доколку се во согласност со очекувањата на јавноста“, објаснува таа.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести