verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Злоупотреба на медиумите во предизборието

on 20 - 03 - 2014       
9388708662_fdbfb4773d_o (1)

Мислам и затоа сум опасен. Фото: Џон Ајсеншенк, 2013

 

Како се доближуваат изборите, загрижувачки расте бројот на текстовите и прилозите во македонските медиуми со кои драматично се руши угледот на новинарската професија и расте злоупотребата на медиумите. Медиската атмосфера наликува на отворена војна меѓу новинарите и политичките партии, при што целосно е занемарен јавниот интерес, интересот на граѓаните, а темите кои се од виталното значење за граѓаните не само што се маргинализирани, туку воопшто ги нема.

 

Пишува: Александар Писарев

 

Наместо вовед во оваа новинарска лекција, сакам на почетокот да ги повикам колегите новинари: Ајде да направиме сѐ што е во наша моќ за да го запреме понатамошното рушење на кредибилитетот на нашата професија, бидејќи тоа е од најголемо значење за развојот  и зацврстувањето на демократијата, човековите и граѓанските права и слободи во Македонија.

 

Ние сме во отворена „војна“

 

Како се доближуваат изборите, загрижувачки расте бројот на текстовите и прилозите во македонските медиуми со кои драматично се руши угледот на новинарската професија и расте злоупотребата на медиумите. Медиската атмосфера наликува на отворена војна меѓу новинарите и политичките партии, при што целосно е занемарен јавниот интерес, интересот на граѓаните, а темите кои се од виталното значење за граѓаните не само што се маргинализирани, туку воопшто ги нема.

Медиумите преземаат на себе улога да бидат и тужители и судии и не само што на тој начин ги кршат стандардите и кодексите, туку упорно, безобѕирно и не осврнувајќи се на сите предупредувања (меѓу другото и на нашите), во општеството создаваат атмосфера на линч, хистерија, омраза. Дури се прават списоци на колеги, кои, според нивното мислење, треба да се избришат од новинарската професија, од политиката, од државата…  да завршат во затвор, на суд.

Таблоидното новинарство е легитимно, но улогата не смее да му биде водење хајки и кампањи против политичарите и новинарите од спротивниот  табор, особено не во време на избори. Тоа не само што ги загрозува нивните професионални, политички, граѓански и други права, туку како последица може да има и загрозување на безбедноста на поединци и групи.

Создавање на таква атмосфера сосема сигурно нема да помогне во битката против корупцијата и организираниот криминал. Пред изборите, а посебно за време на изборната кампања, медиумите треба строго да се придржуваат на професионалните стандарди и да не подлегнуваат на притисоците.

За жал, сѐ почесто, наместо аргументирана критика со која се брани јавниот интерес, во медиумите имаме негативен и напаѓачки приод со кој се демонизира противникот. Експлицитно се напаѓа или демонизира едниот, а фаворизира другиот политички субјект: ...„Цели десет дена  кандидатот Пендаровски не е излезен од главниот град, а за разлика од него актуелниот претседател Иванов секојдневно посетува по десетина населени места и се среќава со илјадници граѓани дневно“… (Република)

 

Запоставен јавен интерес

 

Улогата на медиумите, пред сѐ,  би требало да биде да пренесуваат информции и вести кои се од јавен интерес, но и да бидат линк меѓу власта и граѓаните, државата и граѓанското општество, да бидат критичари и контролори на власта. Можат да го шират културниот образец, да влијаат на подигнувањето на  општото културно ниво на граѓаните, посебно на подигнувањето на демократска политичка култура. Тоа значи дека влијанието на медиумите воопшто не е занемарливо кога е во прашање формирањето и ширењето на вредностите и на вредносниот систем. Меѓутоа, неспорно е дека нивната улога многу често може да биде негативна и опасна и да оди до ширење на агресија и деструкција, да биде пропагандно средство кое шири невистини, измами, хушкање, лоши чувства, омраза, пакост, страв, паника, лукавство, до создавање на ментални состојби кај поединци и општествени групи кои можат да прераснат во агресија и деструкција до организирано зло и злосторство кон одреден политички субјект: …„Никогаш не си помислила на граѓаните. Само на себе си мислела и сега заедно со украденото ќе заминете, но барем да ги поведете и сите други арамии со вас од државата која ја уништивте“… (Курир)

Иако предизборната кампањата уште не е започната, ни се повторува срамното искуство од локалните избори кога повеќето медиуми заборавија на професионалните стандарди и новинарската етика и директно влијаеа на формирање на јавното мислење во корист на владеачката партија наместо да се определат за неутрален став. „ Тие ги уништија можностите на илјадници деца чии родители во минатото поради нивните постапки останаа на улица без парче леб“…  „зошто не излезат и кажат колку пати се зголемени  пензиите, колку пати се зголемени субвенциите, колку работни места се отворени“… (Курир)

 

Нема амнестија за ширење омраза

 

 

За време на предизборната кампања со изборот и цитатите  на дел од говорот, новинарот може да направи уредувачка интервенција и намерно да избере реченици или изјави кои политичкиот субјект го претставуваат во позитивна или негативна светлина, односно го фаворизираат или го демонизираат. Може намерно да избере дел од говорот кој повикува на омраза, етничка или било каква друга сегрегација. Притоа, за иста цел може да се манипулира со фотографии, видео инсерти. Кога известува од политички собири каде се појавува ваквата ситуација, новинарот не смее да се амнестира од одговорност на тој начин што говорот на омразата кој го употребува политичарот ќе го издвои како цитат. Во вакви ситуации новинарот би требало секогаш да се придржува до генерално прифатените стандарди на новинарската професија за време на избори, како оние од Би-Би-Си, на пример, и да избегнува: …„содржина која може да биде сурова, претерано заплашувачка, заканувачка, понижувачка, навредлива или агресивна и дерогативна. Односно таквите пораки изречени од политичкиот субјект новинарот мора да ги контекстуализира“. (Би-Би-Си)

Многу е важно медиумите да понудат инфорамции и вести наместо манипулаторски коментари и партиските соопштенија и да не форсираат само еден кандидат, а сите останати да се третираат како второкласни натпреварувачи и тоа понекогаш со голема доза на иронија, која треба на читателите да им сугерира мислење дека тие се само украс во изборниот натпревар. …„Пендаровски тешко ќе може да излезе од својот карактер на затворен кабинетски тип кој главно функционирал во тесно друштво со експретседателите Црвенковски и Трајковски“… (Нетпрес)

 

Партиски интернет бригади

 

Политичките партии глобалната мрежа ја препознале како медиум преку кој можат да влијаат на гласачите и да го шират своето влијание. Во намерата да создадат своеврсни Потемкинови села, политичките партии организираат цели интерет тимови кои имаат задача да следат одредени  информативни портали, да лајкуваат одредени теми и да пишуваат коментари. Би било интересно кога би можеле да дознаеме колку членови, на пример, брои интерент тимот на владеачката партија и колкав е нивниот учинок во интернет коментарите и лајковите. Некаков увид сепак е направен http://grid.mk/statsfb

Нема дилема дека  партиските интернет тимови неделно пишуваат и по неколку илјади коментари според упатствата на своите ментори, само да го привлечат вниманиет на што поглем број на луѓето. (Курир) Целта е граѓаните што читаат да добијат впечаток дека коментарите ги пишува голем број луѓе. И, како е тогаш можно преку интернетот или социјалните мрежи да се оцени јавното мислење. Дали тоа што го читаме на социјалните мрежи е навистина гласот на граѓаните или интернет порталите станале едно големо собиралиште на партиските активисти.

…„Стево дај не зафркавај, се гледа од авион дека е наместено. Мислам дека збори со Дамјан Манчевски кој е во друга кацеларија“… (Денешен)

Во периодот кој е пред нас многу е важно новинарите да го почитуваат Кодексот на новинарите на Македонија и да ја следат Насоката број 12 на Институтот за различности во медиумите од Лондон  кој вели:

„Треба да се игнорираат повиците од властите, политичките партии или од други субјекти со кои од новинарите се бара да покажат лојалност или етничка солидарност. Лојалноста и солидарноста на медиумите треба да се насочи кон публиката, на која треба да ѝ се презентираат максимално сеопфатни и точни информации.“


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Една мисла во “Злоупотреба на медиумите во предизборието

  1. Pingback: Изборите секогаш се најголемиот тест за етиката на новинарите!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести